Пораз за Ивановски во маратонски меч на Челинџерот во Јакаичи

Македонскиот тенисер Калин Ивановски загуби во првото коло на Челинџер 100 турнирот во Јакаичи, Јапонија. 

Поуспешен од него утрово беше Италијанецот Џовани Фонио (25 год., 285.АТП ранг) со 2:1, по сетови 4:6, 7:6(5) и 7:6(5) во меч што траеше 2 часа и 39 минути игра.

Првиот сет му припадна на македонскиот тенсиер со 6:4 во гемови, кој го имаше и првиот брејк во мечот во седмиот гем за водство од 4:3. Во вториот сет повторно Ивановски поведе со брејк во третиот гем со 2:1 во гемови, а го освои и следниот гем за водство од 3:1. Но, противникот успеа со серија од четири гема да дојде до предност од 5:3, за да Ивановски направи нов брејк и мечот да стигне до тај брејк. Во 13.гем Фонио успеа да поведе со 6:3 на поени и сетот да го заврши со 7.5.

Во решавачкиот сет повторно голема борба и без брејк до 10.гем и резултат од 5:5, кога Фонио успеа да поведе со 6:5 по одземениот гем на Ивановски, но македонскиот тенисер ја врати неизвесноста со ри-брејк и се избори за нов тај брејк. Повторно играта на поени беше клучна и му припадна на Италијанецот со 7.5.

Инаку, Фонио на претходниот Челинџер во Јокохама како „среќен губитник“ успеа да влезе на главниот турнир и во четвртфиналето загуби од победникот Јосуке Ватануми од Јапонија.

Турнирот се игра за награден фонд од 130.000 долари.

Јаневска: Оптимизација на училишната мрежа за поквалитетно образование за секој ученик

​Една од основните стратешки цели на Владата е да изгради поквалитетен образовен систем и за оваа намена планирано е зголемување на буџетските средства. 

Но, колку и да се зголемуваат парите што ги инвестираме во образованието, ако не се зголеми ефективноста и ефикасноста на расходите, тогаш не можеме да ги постигнеме посакуваните резултати.

Ова го истакна министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска на денешната конференција „Образование водено од реалните потреби на учениците – паметно инвестирање во наставниот кадар и инфраструктурата“, во организација на МОН, УНИЦЕФ, Светска банка и Здружението за истражување и анализи – ЗМАИ во чиј фокус беше процесот на оптимизација на училишната мрежа.

„Министерството за образование и наука со поддршка на УНИЦЕФ и Светска банка, во соработка со локалните заедници, секако и со Здружението за истражување и анализи ЗМАИ, го спроведува процесот на оптимизација на училишната мрежа, почнувајќи од основните училишта. Наша цел е подобро да ги искористиме ограничените финансиски и човечки ресурси на начин што ќе овозможи поквалитетна настава во сите училишта, како и подобри постигнувања на учениците“, рече Јаневска.

Информираше дека врз основа на сериозни анализи што ги опфаќаат сите општини, се утврдува колку е функционална училишната мрежа - колку и какви училишта има, колкав е бројот на ученици и на наставници, што треба да се направи во секоја општина и во секој регион за да се обезбеди поквалитетно образование. Како што рече, има училишта каде учат по неколку деца, изолирани од своите врсници, без современи нагледни средства или во многу стари објекти кои не задоволуваат ниту минимални образовни стандарди, но и за нив се плаќа наставен кадар, режиски трошоци, трошоци за одржување.

„Сакаме да ја промениме оваа состојба во интерес на учениците. Оптимизацијата ќе им помогне на учениците да имаат пристап до училишта со подобри услови за учење, кои ги исполнуваат националните стандарди за простор, опрема и наставни средства за училиште. МОН заедно со БРО работеше да ги ажурира постојните стандарди за да одговараат на модерните трендови согласно потребите на учениците. Ќе имаат бесплатен превоз и оброк и што е најважно – фер шанса за учење како и другите деца“, истакна министерката, додавајќи дека во процесот на оптимизација се користат меѓународни искуства.

Оптимизацијата нема да остави ниту еден наставник без работа. Секој наставник ќе биде ангажиран во рамки на продолжувањето на престојот на учениците во училиште и ангажирањето со наставни и воннаставни активности за стекнување знаења, вештини и способности.

„Во изминатиов период, 10 општини изготвија детални планови за оптимизација на училишната мрежа, и за таа цел беа спроведени консултации со сите засегнати страни вклучувајќи ученици, родители, училиштен кадар и општинска администрација. Во следниот период овој процес ќе продолжи во дополнителни 22 општини“, информираше министерката.

При изработка на годишните програми за реконструкција и изградба на училишта, во иднина МОН ќе даде приоритет на инвестициите потребни за спроведување на оптимизациските планови.

Министерство за образование и наука

Министерот Минчев на средба со претставници од УСАИД

Министерот за јавна администрација Горан Минчев денеска одржал средба со делегација од Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД), предводена од Марк Елингстад, директор на Канцеларија за демократија и владеење во Република Македонија.

Дискусијата, како што соопштија од Министерството, била фокусирана на продлабочување на соработката меѓу Министерството за јавна администрација и УСАИД за унапредување на демократското владеење, транспарентноста и отчетноста во јавниот сектор.

Министерот Минчев изразил благодарност за долгогодишната соработка и поддршка на УСАИД со Република Македонија, особено во областите на институционални реформи, градење капацитети и промовирање на поефикасна, транспарентна администрација фокусирана кон граѓаните.

-Нашата соработка со УСАИД беше инструментална во поттикнувањето на реформите кои го поддржуваат демократското владеење и ги зајакнуваат институциите во јавниот сектор. Очекуваме да ја продлабочиме оваа соработка за да одговориме на потребите на нашите граѓани, усогласувајќи се со најдобрите меѓународни практики, изјавил Минчев.

Директорот Елингстад ​​ја истакнал посветеноста на УСАИД за поддршка на напорите на Македонија кон подобрување на процесите на јавната администрација и негување на културата на отвореност и одговорност во владините институции. Тој ја посочил важноста на заедничките иницијативи кои придонесуваат за поинклузивен, поодговорен и ефективен систем на управување.

Двете страни, како што е наведено во соопштението, ја потврдиле посветеноста за унапредување и продлабочување на соработката преку проекти кои дополнително ќе ги зајакнат институциите и ќе обезбедат поефективна испорака на услугите за граѓаните.

Умерен земјотрес регистриран во Пакистан

Земјотрес со интензитет од 5,4 степени според Рихтеровата скала денеска е регистриран во Пакистан.

Епицентарот на земјотресот бил на длабочина од 10 километри, на 77 километри јужно од градот Дера Исмаил Кан.

За сега нема информации за евентуални жртви и причинета материјална штета. /МИА

притисни ентер