Почнува со работа Работната група за воспоставување на Регистар за недвижниот имот на државата

Заменик претседателот на Владата на Македонија, задолжен за политики на добро владеење, Арбен Фетаи, денеска во просториите на Владата го отвори првиот состанок на Работната група.

Заменик претседателот на Владата на Македонија, задолжен за политики на добро владеење, Арбен Фетаи, денеска во просториите на Владата го отвори првиот состанок на Работната група за изнаоѓање решенија за формирање централизирана база на податоци за недвижниот државен имот.

На состанокот присуствуваше и Главниот државен ревизор, Максим Ацевски и ревизорите од Државниот завод за ревизија.

Вицепремиерот Фетаи ја охрабри Работната група и заедно со Главниот државен ревизор им даде поддршка на членовите на групата за нивната работа. Работната група со ентузијазам ја прифати задачата што им ја делегираше Владата.

Владата очекува да има конкретно решение за воспоставување на централизиран Регистар за државен недвижен имот.

Управувањето и раководењето со државниот недвижен имот, како компоненти на нефинансиските средства на државата, се значајни бидејќи можат да придонесат за решавање на некои од приоритетните предизвици со кои се соочува и Владата. Доброто управување и раководењето на државните недвижности, од една страна, може да придонесе за намалување на трошоците за одржување, реконструкција, издавање под закуп на имотот, а од друга страна, може да биде предвидлив извор за пополнување на државниот буџет. Исто така, зголемувањето на транспарентноста и отчетноста за јавните политики за ефективно и ефикасно управување со државниот имот може да придонесе за зголемување на довербата на граѓаните во институциите.

Неточната и ненавремена размена на информации меѓу различните државни институции одговорни за управување со имотот значи дека постојат значителни неефикасности и несоодветна координација во процесите на користење и одржување на имотот.

Создавањето централизирана база на податоци (Регистар) е од особено значење за Македонија. Оваа база на податоци ќе содржи информации за целиот државен недвижен имот, кои исто така ќе бидат редовно ажурирани и достапни за сите релевантни институции, со цел да се обезбеди прецизен мониторинг на состојбата на имотот и да се овозможи планирање и ефективна распределба.

Централизираната база на податоци за недвижниот државен имот, ќе овозможи точна евиденција, точни и ажурирани податоци за целиот имот, што ќе обезбеди јасен преглед и транспарентност. Ефективното планирање, информациите за имотот ќе овозможат подобро планирање и распределба на јавните ресурси.

Централизираната база на податоци ќе го намали ризикот од неовластено користење и злоупотреба на државниот имот. Лесниот пристап до точни податоци ќе овозможи брзо и ефикасно донесување одлуки и ќе ја зголеми ефикасноста на управувањето со имотот. Со имплементацијата на овие решенија, Македонија може значително да го подобри управувањето со државните недвижности, обезбедувајќи поголема ефективност, ефикасност и транспарентност во користењето на јавните ресурси, соопштуваат од кабинетот на Фетаи.

Златан Ибрахимовиќ влегува во боксерски ринг за да се бори против Вејн Руни?

Златан Ибрахимовиќ наскоро би можел да влезе во боксерски ринг!

На почетокот оваа вест звучи бизарно, но во последните неколку дена се прошири пред сѐ низ британските медиуми, а потоа и низ цела Европа. Имено, организацијата Misfits Boxing сака да го види Ибрахимовиќ во рингот како дел од еден од своите настани.

Станува збор за организација во сопственост на Јутјуберот КСИ, а освен него, на чело на организацијата се Кале и Нисе Зауерланд, долгогодишните промотори на Хрговиќ и Мамс Тејлор, пејач кој договара тепачки со светски ѕвезди. Сите борби ги пренесува DAZN, а токму Тејлор најави можност Ибрахимовиќ да настапи на еден настан.

"Се обидов да го убедам Златан дека може и тој да се занимава со бокс. Добри пријатели сме со неговиот менаџер и имавме FaceTime меѓу нас тројцата. Беше навистина кул бидејќи тој гледаше многу борби на Misfits и ги следеше. Тој беше кикбоксер, би бил добар и во ова“, рече Тејлор потоа додаде:

„Ќе кажам дека се разговараше со Златан и Вејн Руни (легендата на Манчестер Јунајтед оп.а.) и мислам дека е само прашање на време кога ќе се оствари. Во одреден момент тоа ќе се оствари“.

Руни, како и Ибрахимовиќ, одамна е познат по својата страст за боречки вештини, а добро го познава Златан бидејќи беа соиграчи на Олд Трафорд кога играа под водство на Жозе Мурињо во Манчестер Јунајтед.

Австралијка се заглавила во карпа, барајќи си го телефонот- поминала 7 часа со главата надолу

Австралијка, која го барала изгубениот телефон, се заглавила меѓу карпите во долината Хантер и поминала седум часа наопаку пред спасувачите да стигнат до неа.

На фотографиите објавени на социјалните мрежи од службата за брза помош на Нов Јужен Велс, се гледаат само стапалата на жената како излегуваат од карпите.

Австралијката планинарела со пријателите на приватен имот во градот Лагуна, на околу 120 километри од Сиднеј, кога ѝ паднал мобилниот телефон.

Таа се обидела да дојде до него, но се лизнала и паднала меѓу две големи карпи. Пријателите се обиделе да ѝ помогнат и да ја извлечат, но морале да се откажат и да повикаат помош.

На спасувачите и на полицијата им биле потребни седум часа за да ја извлечат 23-годишната Австралијка, а на крајот морале со кран да ја преместат карпата тешка 500 килограми.

За среќа, девојката се спасила само со мали гребаници.

Аларм во Франција: Од болница е украдено предвремено родено бебе

Бебето кое се родило предвреме било киднапирано од болницата „Роберт Балање“ во францускиот град Олен-су-Боа, а лекарите предупредија дека животот на детето е во опасност бидејќи му е потребна посебна и постојана медицинска нега.

Бебето кое се родило предвреме било киднапирано од болницата „Роберт Балање“ во францускиот град Олен-су-Боа, а лекарите предупредија дека животот на детето е во опасност бидејќи му е потребна посебна и постојана медицинска нега, пренесоа денеска француските медиуми.

17-дневното бебе Сантијаго е родено предвреме, поради што е неопходно бебето да биде под постојан лекарски надзор, предупреди Министерството за правда, а поради нејзиното исчезнување француските власти го активирале системот за пребарување.

За киднапирањето осомничени се родителите на бебето на возраст од 23 и 25 години, кои веќе ѝ се познати на полицијата, објави BFMTV.

Болницата повикала полиција веднаш штом забележала дека бебето го нема, пренесе Франнфо, додавајќи дека родителите ја напуштиле болницата со торба, а полицијата се сомнева дека го скриле бебето во неа.

Пет лица блиски до родителите на бебето се уапсени во областа Ливри-Гарган, а нивниот распит е во тек, соопштија извори блиски до истрагата.

Инспекторите се обидуваат да утврдат дали имаат информации за тоа каде се наоѓа детето и родителите.

Како што изјавил извор од полицијата за оваа телевизија, потрагата по момчето Сантијаго кое има 17 дена продолжува, а операцијата е продолжена и во странство.

Според истиот извор, бебето кое е родено предвреме е во сериозна опасност бидејќи веќе 12 часа е без потребната медицинска нега.

Сантијаго требало да остане во болница уште неколку недели.

Системот за следење е усвоен во Франција во февруари 2006 година и досега е активиран околу триесет пати.

притисни ентер