Почна расправата во грчкиот Парламент за ратификација на Договорот од Преспа

Со високи тонови претпладнево почна пленарната седница во грчкиот Парламентот за ратификација на Договорот од Преспа. 

Од Нова демократија, Демократска алијанса, Златна зора и Независни Грци излегоа со барања и обвинувања до грчката Влада, јави дописничката на МИА од Атина.

Никос Дендиас, координатор на пратеничката група на Нова демократија, побара да биде доставен македонскиот Устав како што изгледа по гласањето на амандманите, објаснувајќи дека тоа е „неопходен елемент и предуслов за дискусија, зошто треба јасно да сфатиме која ќе биде реалноста ако грчкиот Парламент го изгласа договорот". Пратеникот од опозициската партија рече дека она што го доставил алтернативниот шеф на грчката дипломатија е Уставот каков што бил пред да се направат уставните измени. Тој додаде дека Јоргос Катругалос треба да го достави новиот Устав, ако негира, Парламентот да го обврзе да го стори тоа, а ако не постои да стане и да каже дека не постои.

За комплетниот текст од Уставот говореше и координаторот на пратеничката група на Демократска алијанса, Андреас Ловердос, кој рече дека тие бараат официјален документ, а не текст симнат од сајт. Исто така, од грчката Влада, уште на вчерашниот состанок на комисијата побарал осум документи, а истото го стори и денес. Од документите што ги бара, еден е од Министерството за надворешни работи на Грција, еден од Министерството за одбрана и шест што се однесуваат на Генералштабот на армијата. Додаде дека овие документи се неопходни, а без овие документи „почнува дискусија со недостиг на информации".

Ловердос рече дека ако владата ги достави документите ќе се види дека постои сериозен проблем што се однесува на двете отстапки што ги направи владата во прашањата со националноста и јазикот.

Од Златна зора и Независни Грци говореа за противуставноста на целиот процес.

Пратеникот од Златна зора, Илиас Касидиарис имаше приговори за вербалната Нота од македонското до грчкото МНР бидејќи пишувало Република Македонија. Тој рече дека грчката Влада, требала овој документ „да го врати во Скопје, да го искине и да го фрли во канта за отпадоци". Спомена дека немало потпис од претседателот

Лидерот на Независни Грци, Панос Каменос, повторно праша дали според договорот соседите „имаат право на самоопределување како македонски народ?"

По изнесените барања од политичките партии, на пратениците им се обрати алтернативниот министер за надворешни работи, Јоргос Катругалос.

Расправата почна во 10.15 по локално време, ќе трае колку што ќе биде потребно, а планирано е за ратификацијата на Договорот од Преспа, пратениците да гласаат утре вечер. /МИА

Ибрахимовиќ: Тешко ми беше да се откажам од фудбалот поради моето его

Поранешниот напаѓач Златан Ибрахимовиќ зборуваше за подкастот на „АБТалкс“ каде што разговараше за неговото пензионирање од фудбалот, неговото враќање во Милан како главен советник на сопственикот на клубот и за смртта на неговиот агент Мино Раиола.

-Добро сум, така ме третира животот. Секако, се повлеков од фудбалот пред повеќе од осум месеци, така што мојот живот сега е поинаков. Прифатив да се откажам од фудбалот, што беше тешка работа поради моето его и начинот на кој се доживував себеси. Мислам дека сум најдобар и сè уште сум таков. Можев да продолжам, но решив да престанам. Зошто? Сакам само добар живот за моето семејство. Сакав да правам работи со моите синови, а пред тоа не беше можно бидејќи имав проблеми со едното колено. Така го прифатив тоа и дојде момент кога си реков: „Во ред е, откажи се и отвори ново поглавје од твојот живот, вели популарниот Ибра.

Потоа, неколку месеци подоцна, го запознава Гери Кардинале, кој го надгледува фондот „РедБрд“ што го купи Милан.

-Ми даде понуда што не можев да ја одбијам. Така почнав да работам со Милан, откако бев во клубот три-четири месеци. Добро се однесуваат со мене таму, морам да признаам. Кога почина мојот агент Мино Раиола, тоа беше голем удар за мене. Многу плачев. Сè уште не е исчезнато чувството, бидејќи спомените постојано ми се враќаат. Скршен сум затоа што многу ми недостига. Секој што го познава знае колку бевме блиски. Да можам би му напишал: „Ми недостигаш“, сподели Ибрахимовиќ. /МИА

Почесна Златна палма за Мерил Стрип на Канскиот филмски фестивал

 Познатата американска актерка Мерил Стрип (74) ќе добие почесна Златна палма за време на церемонијата на отворањето на овогодишниот Меѓународен филмски фестивал во Кан на 14 мај, соопштија денеска организаторите.

Холивудската актерка со рекордни 21 номинација за престижниот Оскар само еднаш била на Канскиот фестивал. Тоа беше пред 35 години кога филмот „Плач во темнината“ во кој играше, доби една од наградите на Канскиот фестивал.

Мерил Стрип освои три Оскари за улогите во филмовите „Крамер против Крамер“ (1980), „Изборот на Софија“ (1983) и „Челичната дама“ во 2012 година.

Актерката се прослави во филмовите „Лов на елени“, „Жената на францускиот поручник“, „Мојата Африка“, „Мостовите на округот Медисон“, „Сомнеж“ и „Заљубување“.

Почесна Златна палма годинава ќе добијат креаторот на серијата „Војна на ѕвездите“, Џорџ Лукас и колективно Студио Гибли на јапонскиот режисер за анимација Хајао Мијазаки.

Канскиот фестивал ќе се одржи од 14 до 25 мај, а за Златната палма се натпреваруваат повеќе од 20 филмови, меѓу кои и новиот филм на Френсис Форд Копола „Мегалополис“. /МИА

ФА го суспендираше Тонали на два месеци

Сандро Тонали беше суспендиран од фудбалот на два месеци. Нему му пресуди Независната регулаторна комисија откако призна дека учествувал во забрането обложување.

Покрај тоа, тој е казнет со 20.000 фунти и предупреден за понатамошно однесување.

Суспензијата е таква што Тонали нема да може да се врати на терените до крајот на сезоната, до кога ќе истече десетмесечната казна што му ја изрече Италијанската фудбалска федерација на 27 октомври 2023 година.

Доколку не го повтори истиот прекршок до крајот на сезоната, нема да мора да ја одлежи оваа двомесечна суспензија.

Фудбалскиот сојуз и Регулаторната комисија оценија дека Тонали соработувал и признал се за што е обвинет „на исклучителен и досега неевидентиран начин“.

Тонали целосно ги признал сите свои прекршоци, а тоа го направил во ситуација кога доказите практично не постоеле.

Тој продолжува да оди на терапија и едукативни програми на кои е должен да присуствува со целосна поддршка од клубот и продолжува да тренира со екипата./МИА

притисни ентер