Платформата Икс го суспендираше налогот на ајатолахот Хамнеи на хебрејски јазик

Социјалната мрежа Икс рано утринава го суспендираше новиот профил на врховниот лидер на Иран, ајатолахот Али Хамнеи, на кој беа објавувани пораки на хебрејски јазик.

Платформата Икс, поранешен Твитер е во сопственост на Илон Маск.

Налогот е суспендиран со кратка објава дека „Икс суспендира профили што ги кршат правилата на платформата“, но не е јасно кој дел од правилата е прекршен.

Суспензијата следи по првиот отворен напад на Израел врз Иран овој викенд. На профилот беше објавена порака во која се наведува дека „ционистичкиот режим погрешил во проценката на Иран“, а додава: „Ние ќе го натераме да сфати каква сила, способност и волја поседува иранскиот народ“, објавија израелски медиуми.

Правилата на Икс забрануваат „содржина од насилни и субјекти кои шират омраза“, но овозможуваат исклучоци за државни и владини објави.

Во својот вчерашен говор, Хамнеи изјави дека израелскиот напад во одговор на иранскиот балистички напад не треба да се преценува ниту потценува, но не повика на одмазда.

Новиот профил на хебрејски беше отворен со исламистичкиот поздрав: „Во името на Бога, Милостивиот, Сомилосниот““, по што следуваше порака на англиски јазик, усогласена со неговиот вчерашен говор.

Кабинетот на Хамнеи има повеќе профили на платформата Икс на различни јазици и подолг период испраќа пораки на оваа мрежа. Ова не е првпат профил на Хамнеи да биде суспендиран од социјалните мрежи – во февруари беа суспендирани неговите налози на Фејсбук и Инстаграм поради поддршката за палестинскиот Хамас по нападите на 7 октомври врз Израел.

Социјалните мрежи со години го ограничуваат пристапот на Иран до своите платформи.

Во Турција уапсени 216 членови на ИД

Вкупно 216 осомничени припадници на џихадистичката група Исламска држава се приведени во голема антитерористичка операција во Турција, објави на социјалната мрежа Икс турскиот министер за внатрешни работи Али Јерликаја.

Антитерористичката операција е спроведена во 45 области, меѓу кои Адана, Анкара, Анталија, Бурса, Ескишехир, Истанбул, Измир и Коџаели.

Турција во 2013 година беше една од првите земји што ја вклучи ИД на листата на терористички организации. Оттогаш, земјата постојано беше цел на ИД со најмалку десет самоубиствени напади, седум бомбашки напади и четири вооружени напади, при што загинаа најмалку 300 луѓе, а стотици беа повредени.

Свечена изјава на новоизбраните јавни обвинители

Во Советот на јавните обвинители денеска свечена изјава дадоа новоизбраните јавни обвинители во Јавното обвинителство на Република Македонија, Вишото јавно обвинителство Скопје, Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција и Вишото јавно обвинителство Битола.

На третата седница одржан минатиот вторник Советот на јавните обвинители за јавен обвинител во Вишото јавно обвинителство Битола беше избран јавниот обвинител Антонио Јолевски, за јавен обвинител во Вишото јавно обвинителство Скопје е избрана јавниот обвинител Наташа Крстева Цалева, за јавни обвинители во Јавното обвинителство на Република Македонија се избрани јавните обвинители Валентина Стојановска и Златко Биковски и за јавни обвинители во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција се избрани јавните обвинители Искра Хаџи Василева и Фатон Азизи.

притисни ентер