Писонеро: ЕУ очекува сите политички сили во Македонија да го поддржат напредокот

Ние јасно ја поддржуваме перспективата за членство на Македонија во ЕУ и се надеваме дека ќе бидеме во можност да го отвориме преговарачкиот процес што е можно поскоро.

Европската Унија верува дека сите политички сили во Македонија ќе го поддржат напредокот на земјата на европскиот пат, порача денеска портпаролката на Европската комисија за соседска политика и проширување Ана Писонеро во однос на очекувањата од утрешните претседателски и парламентарни избори.

- Ние јасно ја поддржуваме перспективата за членство на Македонија во ЕУ и се надеваме дека ќе бидеме во можност да го отвориме преговарачкиот процес што е можно поскоро, изјави Писонеро, посочувајќи дека Европската Унија внимателно го следи процесот на претседателските и парламентарните избори.

Таа нагласи дека Европскиот совет во своите заклучоци даде јасни индиции за неговите очекувања од земјата, потенцирајќи дека „Северна Македонија се обврза да го измени Уставот“.

Во заклучоците посветени на проширувањето од последните самити на ЕУ се посочува дека Европскиот совет е подготвен да ја свика следната Меѓувладина конференција без дополнителни одложувања и без дополнителна политичка одлука во најскоро време.

Македонија ќе ја спроведе својата заложба за усвојување на уставните измени во согласност со нејзините внатрешни процедури, како што е наведено во Заклучоците на Советот од јули 2022 година. Советот ја повикува Северна Македонија да го забрза усвојувањето на овие измени, по што е подготвен да го отвори првиот преговарачки кластер што е можно поскоро, согласно Преговарачката рамка.

- Се надевам дека и Македонија и Албанија ќе може да ги отворат преговорите по Првиот кластер – Основни права, што е можно поскоро. Одлуката за тоа кога ќе бидат свикани следните Меѓувладини конференции сега е во рацете на земјите членки, додаде Писонеро.

На прашање дали судскиот процес против албанскиот градоначалник припадник на грчкото малцинство во земјата, што е причина Грција да го блокира на стартот на преговорите на Албанија по кластери, ЕУ го смета за билатерален спор или за прашање поврзано со почитување на човековите права, Писонеро изјави дека Комисијата не коментира постапки кои се во тек, но смета дека билатералните прашања не би требало да бидат причина за блокирање на преговарачкиот процес.

600 француски жандарми ја почнаа акцијата во Нова Каледонија

Француските сили започнаа „голема операција“ во Нова Каледонија, на далечниот исток, а немирите синоќа однесоа уште еден живот, објави британски Гардијан.

Француските сили пробуваат да ја вратат контролата врз патот долг 60 километри што го поврзува главниот град на нова Каледонија Нумеа со главниот меѓународен аеродром, за што испратени се 600 тешко вооружени жандарми. Денеска е шести ден од избувнувањето на насилните немири, предизвикани од плановите во Париз да се воведат нови правила за гласање кои би можеле да им дадат право на глас на десетици илјади жители што не се домородни. Групите за независност велат дека тоа ќе го намали гласот на домородните канаци, кои сочинуваат околу 40 отсто од населението.

Летовите до и од главниот остров на Нова Каледонија се откажани од почетокот на немирите, блокирајќи патници и прекинувајќи ги трговските патишта.

Елегантни моторџии низ скопските улици во обид да ја подигнат свеста за машкото здравје

Стотици дотерани моторџии денеска дефилираат низ скопските улици со цел подигање на свеста за машкото здравје и превенција на рак на простатата.

Моторџиите облечени во палта и вратоврски по девети пат земаат учество во глобалниот хуманитарен мотоциклички настан, а собраните донации од учесниците одат во фондацијата за борба против рак на простатата „Мовембер“ во Лондон .

Организаторот на настанот во Скопје Игор Стефановски објаснува дека Глобалното движење започнало 2012 година во Сиднеј од група моторџии, во чест на нивниот пријател кој починал од рак на простатата, по што станува најголем глобален собир на мотоциклисти на светско ниво.

- Тие губат другар од рак на простатата, во негова чест почнуваат собирање, чисто клубски прво, меѓутоа сакаат да пренесат порака дека мотоциклистите не мора секогаш да бидат бучни, во кожни вентијаги и одлучуваат настанот да го направат дотерани, костумосани што би се рекло. Така да настанот со текот на годините настанот излегува од рамките на Австралија и се шири низ целиот свет. - Игор Стефановски – организатор

Во движењето на глобално ниво учествуваат околу 100.000 мотоциклисти од 110 држави. Во Скопје оваа година има рекорден број на официјално пријавени учесници, над 170. Тие велат дека се особено горди што се дел од ваков настан.

- Чувството да се вози на ваков настан е навистина убаво бидејки да си џентлмен и да правиш нешто што помага за да се поттикне машкото здравје е многу убава работа, веќе 8 години возам на gentlemens ride и е настан кој дефинитивно не се пропушта.- Филип Арсовски – учесник

- Чувството е одлично, се работи за еден интернационален настан кој ја потикнува важноста од борбата за машкото здравје, би препорачал на сите граѓани што повеќе да земаат учество во вакви хуманитарни настани и да ја гајат културата на старите мотори, олдтајмер возилата.- Златко Ивановски – учесник

Скопје е дел од ова движење од 2016 година. Досега учествувале 1.172 учесници, а собрани се над 18.000 евра. Од основањето на движењето досега глобално се собрани над 50 милиони долари кои се донираат во институции и болници за машко здравје.

Сообраќаен хаос во Клиничкиот центар во Скопје

Вакво е секојдневието во клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје.

Колони возила, свирежи и нервозни граѓани. Огромниот сообраќаен хаос за влез во клиниките е најизразен во утринските часови.

Ова е проблем со кој се соочуваат граѓаните години наназад и движењето низ клиниките е исклучително отежнато.

-И покрај тоа што во Клиничкиот центар има паркинг, се чини дека тој не е доволен да ги собере сите возила. Дел од нив се паркираат и на лентата за возилата за Брза Помош.

А токму несоодветно паркираните возила дополнително го заглавуваат сообраќајот низ клиничкиот центар.

Луѓето што ги анкетиравме се разочарани за целиот сообраќаен хаос што се случува во клиничкиот центар. Велат – ем плаќаат паркинг, ем губат време, ем не завршуваат работа.

Клиничкиот центар во Скопје располага со над 900 места за паркинг, а нови 600 предвидува новиот детален урбанистички план кој во февруари годинава го донесе Општина Центар. Сепак, и ова е мала бројка бидејќи според провен ките дневно во Клинички влегувата околу 5000 возила.

Иако низ годините помпезно од речиси сите министри беа најавувани брзи решенија за надминување на хаосот на Клинички, досега ништо од ветеното не е реализирано.

притисни ентер