Петрова: Собирањето на даночните приходи е сосема стабилно, имаме поголема наплата

Собирањето на даночните приходи е сосема стабилно и е за 18 проценти повисоко од истиот период во минатата година, оцени денеска директорката на Управата за јавни приходи (УЈП) Елена Петрова.

-Заклучно со вчера се собрани околу 116 милијарди денари по основ на даноци. Заклучно, пак, со 31 октомври се собрани околу 95 милијарди денари социјални придонеси што значи дека до вчера имаме над 211 милијарди денари собрани по основ на даноци и придонеси. Со тоа имаме остварување на планот за наплата од 98 проценти, рече Петрова во одговор на новинарско прашање на паузата од панел дискусијата „Повеќе даночни приходи за побогато општество - перцепции и перспективи“, организирана по повод Св. Матеј, Денот на даночните работници.

Нагласи дека има уште пет–шест работни дена до крајот на месецов, вклучувајќи го и даночниот ден за ДДВ - 25-ти во месецот.

-Тоа гарантира дека ќе го исполниме планот за наплата за периодот. Споредбено со минатата година наплатата на даноците е за 18 проценти повисока од истиот период во минатата година. Сите овие факти одат во прилог на констатацијата дека собирањето на даночните приходи е сосема стабилно, потенцира Петрова.

Белгиската полиција заплени речиси пет тони кокаин во контејнери во пристаништето Антверпен

Белгиската полиција заплени речиси пет тони кокаин во транспортни контејнери во пристаништето Антверпен, и приведе осум лица кои се товарат за кривични дела шверц на дрога и учество во криминална организација, соопшти обвинителството.

Се наведува дека истрагата за случајот е во тек.

Јавното обвинителство на Брисел истражува криминална организација, наводно вмешана во шверц на кокаин во Белгија од Јужна Америка, Централна Америка и Канада, објави „Брисел тајмс“.

Мицкоски: Набргу ќе излеземе со предлог-проект за набавка на 100-120 електрични автобуси

Премиерот Христијан Мицкоски вечерва најави нов предлог проект кој е во фаза на анализа за набавка на 100-120  електрични автобуси кои што нема да бидат распределени само за ЈСП-Скопје.

Премиерот Христијан Мицкоски вечерва најави нов предлог проект кој е во фаза на анализа за набавка на 100-120 електрични автобуси кои што нема да бидат распределени само за ЈСП-Скопје, во контекст на одржливо решавање на проблемот со јавниот градски превоз во Скопје, туку и за општини каде што има организиран јавен градски превоз.

– Ние сме одговорна Влада и како Влада така и ќе продолжиме да се однесуваме. И набргу од денеска ќе излеземе со еден нов предлог-проект, а тоа е – анализираме се уште каква е расположливата моќ на буџетот за набавка на помеѓу 100 и 120 електрични автобуси заедно со полначи 50-ина, коишто ќе бидат распределени не само во Скопје за ЈСП, туку и за оние општини каде што има организиран јавен градски превоз по пропорцијата 80:40 или можеби ќе биде 70:70 – ќе видиме, се уште размислуваме и ја анализираме оваа ситуација и убеден сум дека набргу од денеска ќе изнајдеме едно вакво решение со кое што драматично ќе го олесниме и јавниот превоз во Скопје, но и во другите општини коишто имаат организиран јавен превоз, рече Мицкоски во Белград на Македонската вечер во рамки на Саемот Винска визија на Отворен Балкан, на новинарско прашање во контекст на одлуката на Владата за интервентно доделување нафта од државните резерви за ЈСП за надминување на проблемот со јавниот градски превоз.

Тој информира дека од информациите со коишто располага од страна на Бирото за јавни набавки е одговорено позитивно на барањето на ЈСП за спроведување итна постапка за набавка на нафта по пат на преговарање.

-Најпрвин сакам да кажам дека овие количини, овие 250.000 литри се веќе доставени до депоата на ЈСП Скопје. Денеска е нормализирана состојбата. И овие се позајмени количини. Затоа што во текот на вчерашниот ден менаџментот на ЈСП до Бирото за јавни набавки достави барање за реализирање на итна постапка за набавка на нафта по пат на преговарање и од информациите со коишто располагам од страна на Бирото за јавни набавки е одговорено позитивно. Така што, ЈСП треба час поскоро да влезе во овој процес и да ги набави количините коишто се потребни за нормално функционирање на компанијата, бидејќи овие 250.000 литра ќе бидат доволни за 10 дена, две недели, три недели, но нема трајно да го реши проблемот. Од тие причини мислам дека направивме навистина еден потег којшто овозможува да не се случува тоа што се случуваше претходниот ден и да се надминат политичките разлики и да се испорача за граѓаните, рече премиерот Мицкоски.

На прашањето зошто три години точката за набавка на нови автобуси не била ставена на гласање на Совет на град Скопје, и за тврдењата на градоначалничката дека сите опции биле дадени на располагање дури и власта да ги постави условите, а таа само да го потпише договорот, Мицкоски вели дека тоа што се нудело на маса не е решение.

-Тоа не е точно. Прво, ние не сме мнозинство во Град Скопје, мнозинството се таму други коалициони партнери, таму има директори на градските претпријатија коишто доаѓаат од политичката партија Левица, или блиски до политичката ДУИ, блиску до поранешен градоначалник на една скопска општина, директори кои се поставени од други моќници кои сега не се присутни во градот Скопје итн. Таму е многу, би рекол сложена ситуацијата, така што тоа не е решение. Тоа кое што се нуди на маса да се позајми треба и да се земе и да се купат 20-30 автобуси тоа не е решение. Ние зборуваме за сериозен пристап и пристап којшто ќе значи прво намалување на емисијата на штетни гасови во атмосферата и во воздухот, а второ нешто кое што ќе биде одржливо на подолг рок. Тоа го нудиме ние, рече Мицкоски.

Корисниците на Фејсбук ќе добијат по 100 евра обештетување, ако им ги украле податоците

Германскиот сојузен суд донесе одлука која може да има далекусежни последици за Facebook.

Корисниците чии податоци биле незаконски прибирани во периодот од 2018 до 2019 година сега имаат право на паричен надоместок, дури и ако не претрпеле директна материјална штета.

Судот заклучил дека губењето на контролата врз личните податоци е доволна основа за отштета, што ја нагласува важноста на заштитата на приватноста во дигиталната ера. Овој случај произлезе од протекување податоци во 2021 година, кога непознати актери ја искористија функцијата за пребарување пријатели на Фејсбук за да пристапат до телефонските броеви на корисниците.

Околу шест милиони луѓе во Германија биле погодени од овој инцидент.

Еден од тужителите во овој случај побарал отштета од 1.000 евра, но судот проценил дека 100 евра претставуваат соодветна сума во случаите кога нема докази за финансиски загуби. Дополнително, судот нареди пониски инстанци да испитаат дали правилата за користење на Facebook се доволно јасни и дали корисниците свесно и доброволно се согласиле на обработка на нивните податоци.

Компанијата Мета, која е сопственик на Фејсбук, ја оспори одлуката. Претставниците на компанијата тврдат дека не се одговорни бидејќи немало класично хакирање на системот, туку злоупотреба на функционалноста на платформата. Тие додаваат дека оваа пресуда е во спротивност со неодамнешните одлуки на Европскиот суд на правдата и посочија дека слични барања веќе се отфрлени во илјадници случаи во Германија.

Сепак, овој случај може да ја отвори вратата за масовни тужби, бидејќи многу засегнати корисници сега имаат правна основа да бараат компензација. Одлуката јасно покажува дека компаниите како Facebook мора да преземат поголема одговорност за заштита на податоците на корисниците.

притисни ентер