- Во изворите марамата на Пресвета Богородица се именува како риза, омофор или покров. Тоа не е покривка за главата, туку е горна облека која ја покривала главата и се спуштала до петите... Денес мал дел од Ризата се наоѓа во Успенската црква на московскиот Кремљ, друг - во лутеранската црква Св. Јован Крстител во Рим. Но, најголемиот дел се чува во катердалната црква на Божјата Мајка во Шартр, Франција, велат од Фестивалот „Богородичен покров“ во најавата за „Ризата на Богородица“, руски документарен филм во продукција на Добротворен фонд „Познание”
Автор и водител на филмот е митрополит Иларион (Алфеев), продуцент: Дмитриј Менделеев, а режисер: Марија Вилкасте. Документарниот филм трае 26 минути.
„За нашиот доктор, а писател“ е српски документарен филм за д-р Душан Радиќ, како што посочуваат од Фестивалот, великодушен и благороден дух, хуманист, со бројни богоугодни дела. Останува без родители, а на 18 години му ја ампутираат ногата. На земјата бил кратко, но, оставил значајна трага. Посветена жена, големо семејство, бројни раскази, роман... Основал и библиотека во Врњачка Бања. Умира во 1938 година, на 46 години.
Продуценти на филмот се Милан П.Киќевац и Бошко Милосављевиќ, кој е и сценарист и режисер.
Утре ќе биде прикажан чешкиот документарен филм „ŠTREIT: Фотографирам, значи постојам“, на 6 декември рускиот „Сакам да бидам светец“, а на последниот фестивалски ден, 7 декември - Историјата на црквата „Св.Великомаченик Димитриј“ - Скопје, македонски документарен филм.
Мисијата на Фестивалот е да ги негува и шири духовните вредности и да се едуцираат младите генерации во насока на духовност, љубов, добрина и хумани вредности.
Се одржува со благослов на архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан.