Пензионерите од денеска со повисоки пензии за 2500 денари

Околу 340 илјади пензионери го добија првиот дел од ветеното линеарно покачување.. 

На сите, без разлика на која група припаѓаат, со денешната септевриска пензија им легнаа плус 2.500 денари, а според најавите од Владата од март следната година, ќе добијат уште плус 2.500..

Пензионерите кои ги анкетиравме се задоволни што има покачување, иако некои сметаат дека поправедно е тоа да се прави процентуално..

„Ако споредам со процентуалното ова е на некој начин задоволувачки, 2 500 не се за потценување...“

„Не е во ред. Сме вложувале повеќе додека сме работеле, сега линеарно, али добро таква е одлуката.“

„На 150 илјади плата ми зимале само за здравство 5000 не сум задоволен ама тоа е тоа.“

„Добро е сигурно, ние имаме добри пензии и не мораше ова. За нас баш не одговора но ако нека се покачат за сите, нека осетат ....“

Од Здружението на пензионери кои минатата година во повеќе наврати излегоа на протести, а токму линеарното покачување на пензиите беше едно од нивните главни барања, денеска во изјава за Канал 5 велат, пензионерите се задоволни, но не застануваат – следен чекор се законски измени за, како што велат достоен живот.

„ Ќе ги добиеме тие 5 000 деанри но не застануваме тука, продолжуваме со поднесен нов закон од наш претседател на иницијативниот одбор..Ќе бараме да биде врзната пензијата минимална со минималната просечна плата од 70 %, а не како до сега 50 % што има. Јас сега со овие 2 500 денари одам во аптека ќе си ги купам лековите што ми требат, а пензијата ќе ја користам за храна, облека..“- изјави Верче Јанчевска – Здружение на пензионери.

Денешната исплата на повисоките пензии ги заокружи и 100 те дена нова Влада, за што премиерот Мицкоски на прес конфренција, рече дека ќе продолжат да работат во насока на подобрување на животниот стандард и повисоки примања за сите.

За ова предизборно ветување на новата власт парите се веќе обезбедени со ребалансот на буџетот. Месечно за зголемените пензии ќе се одвојат околу 14 милиони евра, додека до крајот на годината ова зголемување ќе ја чини државната каса околу 41 милион евра.

Дел од економските аналитичари изминатиов период алармираа дека промената на моделот кон линеарно зголемување, наместо кон закрепнување ќе донесе продлабочување на дупката во фондот за пензиско, која со години се покрива со пари од буџетот.

Три болници во Либан ја прекинале работата по израелските напади- докторите избегале

Три болници во Либан, меѓу кои и една во близина на јужните предградија на Бејрут, денеска објавија прекин на нивните активности поради израелските напади врз земјата, пренесува либанската новинска агенција АНИ.

Приватната болница Сент Тереза ​​во близина на јужните предградија, каде што е седиштето на Хезболах, соопшти дека ги прекинува услугите поради блиските бомбашки напади и пријави голема штета во објектот со кој управуваат калуѓерки.

Две јавни болници во јужен Либан исто така најавија прекин на нивните активности. Болницата Маис ал Џабал во близина на границата ги „прекина сите услуги“ поради израелските напади и тешкотиите во снабдувањето и пристапот.

Директорот на болницата Марџајун, трета установа, изјави за АФП дека бил принуден да се евакуира и да ја затвори по израелскиот напад врз спасувачите од организација поврзана со Хезболах која оперирала надвор од влезот на болницата додека ги транспортирале повредените.

„Во израелскиот напад на удар беше возило на брза помош пред главниот влез, што предизвика паника кај персоналот“, изјави д-р. Муенес Калакес. Убиени се четворица вработени во Исламскиот здравствен одбор, поврзан со Хезболах, пренесува ANI.

„Поради недостаток на персонал и бомбардирањата, моравме да ја затвориме болницата“, рече тој, иако неговиот објект е отворен откако израелските напади почнаа да се интензивираат на 23 септември.

„Четири дена немавме анестезиолог или лабораториски експерти затоа што многу луѓе избегаа“, продолжува Калакеш.

Вчера министерот за здравство Фирас Абијад изјави дека повеќе од 40 спасувачи и пожарникари загинале во израелските напади за три дена. Според него, од почетокот на конфликтот меѓу Израел и Хезболах пред речиси една година загинале 97 спасувачи.

Повеќе од 1.110 луѓе се убиени од 23 септември, според извештајот на АФП заснован на официјални либански податоци. Либанскиот премиер Наџиб Микати денеска ја повика меѓународната заедница да изврши притисок врз Израел „да им дозволи на спасувачите да стигнат до бомбардираните локации за да ги евакуираат“ повредените.

Швајцарци собирале печурки во Германија- ќе платат казна од 7.000 евра

Германската царина казни четворица швајцарски државјани со 7.000 евра затоа што се обиделе преку граница да пренесат речиси 70 килограми печурки што ги набрале во близина на Шварцвалд.

Како што пренесува порталот „Тагесхау“, при царинскиот преглед биле пронајдени печурки, меѓу кои бил и заштитениот вргањ.

Властите соопштија дека швајцарските граѓани значително ја надминале дозволената количина на печурки што може да се берат. Имено, според Законот за заштита на природата, едно лице може да собере само еден килограм печурки дневно.

Така, патувањето до Шварцвалд се покажало како скапа екскурзија, бидејќи наведените биле казнети со вкупно 7.000 евра. Еден килограм печурки во Швајцарија чини 80 евра, што доволно говори колку овој бизнис е вносен. Запленетите печурки се уништени.

Официјалните лица истакнале дека и претходно се случувало собирачите на печурки, особено оние од Швајцарија, да ги игнорираат правилата, поради што се зајакнати контролите.

Двајца пијани тинејџери украле автобус во Германија, во полициската потера се забиле во куќа

Две момчиња, наводно на 19 години, украле автобус во алкохолизирана состојба во Ахен и удриле во куќа во Северна Рајна за време на полициската потера.

Несреќата се случила во текот на ноќта, а од куќата каде што завршило возилото за среќа немало повредени.

Како што пренесува „Ахенер цајтунг“, пожарникарите биле повикани околу 2 часот и 30 минути по полноќ, кога автобусот веќе удрил во куќата. Брзата помош чекала на местото на настанот и во украдениот автобус пронашла две лица.

Возачот останал заробен во возилото и со тешки повреди е пренесен во болница, пишува Билд.

Повреден е и неговиот сопатник кој е пренесен во болница. Според првичните полициски информации, во автобусот во моментот на несреќата немало патници.

По проверка на статичката стабилност, експертите им дозволиле на жителите да се вратат во зградата.

притисни ентер