Пендаровски на одбележувањето на Денот на Манифестот до македонскиот народ од 1943 година

Претседателот Стево Пендаровски денеска во селото Црвена Вода, општина Дебрца се обрати на настанот со кој се одбележа Денот на издавањето на Манифестот на Главниот штаб на НОВ и ПОМ до македонскиот народ во 1943-та година.

Во продолжение во целост Ви го пренесуваме текстот од говорот на претседателот Пендаровски.

„Чест ми е да бидам со вас во славна Дебaрца. А, славна е бидејќи тука се раѓаше слободата и државноста. На овој простор била првата ослободeна територија со која управувале првите народно-ослободителни одбори како носители на народната власт. Недалеку од тука, на Славеј Планина бил формиран првиот баталјон „Мирче Ацев." На ова место се планирале првите поголеми диверзантски акции на македонските партизани.

Стоиме тука, во старото селско училиште во кое, за време на Втората светска војна бил сместен Главниот штаб на народноослободителната војска. Иако во ова училиште не се одржувала настава, сепак, водачите на антифашистичка борба тука ги учеле најважните лекции.

Првата лекција била за континуитетот на борбата. Тие биле свесни дека борбата не започнала од нив, туку дека се само еден дел од долгата низа родољуби и револуционери кои се бореле за македонската слобода и државност.

Втората лекција била за соживотот. Окупаторските сили постојано се обидувале да шират омраза врз етничка и верска основа. И колку повеќе окупаторот се обидувал да го разбива единството на народот, толку посплотени станувале партизаните, меѓу кои имало Македонци, Албанци, Турци, Власи, Срби, христијани, муслимани, Евреи и атеисти.

Третата лекција била за сојузништвото, бидејќи во истата училишна зграда била сместена и британската воена мисија што било потврда дека сме дел од големата антифашистичка коалиција.

Свесни за овие три лекции, членовите на Главниот штаб, тука, во Црвена Вода, во оваа училишна зграда ги носеле стратешките одлуки и ги пишувале клучните документи што го определија правецот во кој ќе се движи судбината и иднината на нашиот народ.

Денеска сме заедно во Црвена Вода за да се потсетиме на прогласувањето на најважниот од тие документи – Манифестот на Главниот штаб упатен до македонскиот народ. Тој е важен не само затоа што е прв официјален документ на македонски јазик отпечатен во првата партизанска печатница „Гоце Делчев", сместена токму тука, туку и затоа што во себе ги содржи трите лекции за континуитетот, за соживотот и за сојузништвото.

Овој документ ги поврзува Крушевскиот и Манифестот на Првото заседание на АСНОМ. Преку него Главниот штаб ги повикал старите Илинденци и младите партизани да се сплотат во народноослободителната борба.

Овој документ повикува на чување на единството меѓу етничките и верски заедници што е зацврстувано преку заедничката антифашистичка борба. Бидејќи токму единството на различните ја прави слободата не само возможна и одржлива, туку и вистински вредна за живеење. Во знакот на тоа единство, Манифестот бил преведен и печатен и на албански јазик.

И конечно, Манифестот го потврдува местото на македонскиот народ во големата антифашистичка коалиција. Ние денес имаме своја суверена и независна држава токму затоа што во Втората светска војна бевме на вистинската страна на историјата.

Но, овој Манифест не само што даде јасна и конкретна програма за текот на борбата, туку и ги исцрта контурите на идното уредување на македонската држава како рамноправна република во тогаш заедничката федерација. Формулациите на Манифестот се преточени во речиси сите државотворни документи донесени на Првото заседание на АСНОМ, од Прогласот, па се до Декларацијата за основните права на граѓанинот. Затоа, денеска со право можеме да кажеме дека и АСНОМ-ските документи се инспирирани и подготвувани токму тука, во Црвена Вода.

Македонските граѓани го прифатиле овој Манифест со воодушевување. Од ден на ден, македонската народноослободителна војска се зголемувала, непријателот се повлекувал, а слободните територии се проширувале. Се до конечното ослободување на нашата заедничка татковина.

Црвена Вода е изворот на нашата слобода и државност. Патот до Прохор Пчињски минуваше низ Црвена Вода. Но, и покрај тоа, Црвена Вода долги години беше неправедно запоставена. Поради негрижа, едно од најважните скалила на нашата слобода и државност беше редовно прескокнувано.

Но, вие, мештаните и борците не дозволивте Црвена Вода да падне во заборав. Вие самоиницијативно, грижливо и одговорно со децении го чувате споменот за судбоносните настани што се случувале тука. И затоа во името на сите македонски граѓани ви благодарам. Воедно и ви благодарам што ме поканивте да бидам денеска со вас. За мене нема поголема чест од тоа да бидам првиот Претседател на државата што учествува на одбележувањето на овој важен ден на прогласувањето на Манифестот.

Државата мора да покаже грижа за Црвена Вода, и овој голем ден, 3 октомври, да го вброи во трајниот календар на значајни настани во Северна Македонија.

Прославувајќи го 3 октомври тука, ние го издигнуваме Манифестот на неговото заслужено место во нашата историја. Истовремено се потсетуваме на главната порака од Манифестот - дека слободата, правдата, еднаквоста можат да се постигнат само преку единство меѓу сите граѓани, независно од етничката, верската, идеолошката, социјалната или генерациската припадност. Затоа што денес, во очекување на нашето членство во НАТО и датумот за почеток на преговорите со Европската Унија, нам и те како ни е потребно тоа единство. Така ќе покажеме и ќе докажеме дека и ние сме ја научиле лекцијата на славната антифашистичка генерација".

Дневен хороскоп за 3. мај 2024 година

Дневен хороскоп за петок, 3. мај 2024 година. 

Бик 21.4- 20.5.

Љубов

Најдобро ќе се чувствувате во светот на соништата , каде ќе ви биде идеално. Можеби така е и најдобро додека не помине овој празен период.

Кариера

Оние кои работат лаборатории , болници или институции од затворен тип , ќе добијат добар поттик и резултати.

Здравје и совет

Ослободете ја фантазијата.

Близнаци 21.5.-21.6.

Љубов

Вие продолжувате да се забавувате , добро да си минувате , да јадете и пиете во друштво на саканата личност или онаа која полека ја освојувате. Ќе помине добро.

Кариера

На вашето работно место денеска ќе има речиси идеална атмосфера . Сите ќе бидат подготвени да си помогнат едни на други.

Здравје и совет

Претерувате со исхрана , а премалку вежбате.

Рак 22.6-22.7.

Љубов

Ако уште сте сами , денеска секако излезете зашто ќе ви се пружи шанса за ново пријатно познанство , кое може да прерасне во љубов.

Кариера

Со самата појава , ќе влијаете позитивно на другите. Проектите и работата добро ќе се одвиваат.

Здравје и совет

Подобрување во секој поглед.

Лав 23.7-22.8.

Љубов

Блиска личност ќе ви го отвори своето срце и ќе ви ги покаже своите емоции. Ќе возвратите со иста мерка.

Кариера

Можете слободно нешто да направите за себе. Кому и да објаснувате , секој ќе ве разбере и тоа ќе го прифати за нормално.

Здравје и совет

Мислете малку на себе.

Девица 23.8.-23.9.

Љубов

Добриот развој на љубовната состојба продолжува и денеска .Доколку сте сами секако излезете и поврзете се со луѓето.

Кариера

Имате можност да ги презентирате своите идеи пред стручни и угледни луѓе. Тие ќе ве разберат подобро од вашите очекувања.

Здравје и совет

Тренирајте она што ви се допаѓа.

Вага 24.9.-23.10

Љубов

Зближувањето со лица од работната средина и денеска ќе биде можно. Ако се уште сте сами барем потрудете се подобро да се запознаете.

Кариера

Иако некои ваши колеги ќе прават драма и ќе бидат чувствителни , добро е што ќе покренете креативност и ќе донесете нови решенија.

Здравје и совет

Можна преодна настинка.

Шкорпија 24.10-22.11.

Љубов

Некои од вас саканата личност би можела да ве одушеви. Ќе има големи љубовни и емотивни апетити , но тоа вас само ќе ве придвижи.

Кариера

Не се измачувајте со прашања на кои и така го знаете одговорот. Продолжете понатаму , соработувајте со колегите и работете најдобро што можете.

Здравје и совет

Ви се спие. Одморете се.

Стрелец 23.11.-21.12.

Љубов

Луцидност и оригиналност ќе бидат вашите денешни особини со кои ќе го збогатите љубовното секојдневие.

Кариера

Денеска не ги покажувајте отворено вашите скриени идеи и планови , зашто нема добро да ве разберат поради преокупираност со други работи.

Здравје и совет

Мала меланхолија.

Јарец 22.12.-20.1.

Љубов

Ќе бидете склони да попуштате за се и сешто , а некои сосема ќе ги спуштат критериумите за љубов.

Кариера

Ќе пораснат вашите деловни амбиции , но нема да бидат сосема реални. Важно е да определите што е можно да се исполни , а што не.

Здравје и совет

Ограничете го јадењето и пиењето.

Водолија 21.1.-19.2.

Љубов

Можете со полни гради да уживате во она што животот ви го дава во љубовта. Оние во врска се среќни , а самците лесно освојуваат.

Кариера

Ќе има конструктивна атмосфера на работното место. Така ќе работите и вие- без проблеми и со оптимизам.

Здравје и совет

Вашиот организам е стабилен.

Риби 20.2.- 20.3.

Љубов

Многумина ќе сакаат слободното време да го поминат во домашно опкружување .Ќе бидат среќни во интимните моменти.

Кариера

Приватните истражувачки работи денеска ќе добијат нов поттик и некои фази од работата ќе се приведуваат кон добар завршеток.

Здравје и совет

Работете вежби за вратниот дел од рбетот.

Овен 21.3-20.4.

Љубов

Ќе се обидете на другата страна да и се претставите во најдобро светло, но тоа сепак нема да биде вашето најдобро издание. Резултатот променлив.

Кариера

Работењето со луѓе и со договори ќе ви одат добро само ако прифатите одредени мали компромиси. Однесувајте се дипломатски.

Здравје и совет

Не влегувајте во расправии.

Ибрахимовиќ: Тешко ми беше да се откажам од фудбалот поради моето его

Поранешниот напаѓач Златан Ибрахимовиќ зборуваше за подкастот на „АБТалкс“ каде што разговараше за неговото пензионирање од фудбалот, неговото враќање во Милан како главен советник на сопственикот на клубот и за смртта на неговиот агент Мино Раиола.

-Добро сум, така ме третира животот. Секако, се повлеков од фудбалот пред повеќе од осум месеци, така што мојот живот сега е поинаков. Прифатив да се откажам од фудбалот, што беше тешка работа поради моето его и начинот на кој се доживував себеси. Мислам дека сум најдобар и сè уште сум таков. Можев да продолжам, но решив да престанам. Зошто? Сакам само добар живот за моето семејство. Сакав да правам работи со моите синови, а пред тоа не беше можно бидејќи имав проблеми со едното колено. Така го прифатив тоа и дојде момент кога си реков: „Во ред е, откажи се и отвори ново поглавје од твојот живот, вели популарниот Ибра.

Потоа, неколку месеци подоцна, го запознава Гери Кардинале, кој го надгледува фондот „РедБрд“ што го купи Милан.

-Ми даде понуда што не можев да ја одбијам. Така почнав да работам со Милан, откако бев во клубот три-четири месеци. Добро се однесуваат со мене таму, морам да признаам. Кога почина мојот агент Мино Раиола, тоа беше голем удар за мене. Многу плачев. Сè уште не е исчезнато чувството, бидејќи спомените постојано ми се враќаат. Скршен сум затоа што многу ми недостига. Секој што го познава знае колку бевме блиски. Да можам би му напишал: „Ми недостигаш“, сподели Ибрахимовиќ. /МИА

Почесна Златна палма за Мерил Стрип на Канскиот филмски фестивал

 Познатата американска актерка Мерил Стрип (74) ќе добие почесна Златна палма за време на церемонијата на отворањето на овогодишниот Меѓународен филмски фестивал во Кан на 14 мај, соопштија денеска организаторите.

Холивудската актерка со рекордни 21 номинација за престижниот Оскар само еднаш била на Канскиот фестивал. Тоа беше пред 35 години кога филмот „Плач во темнината“ во кој играше, доби една од наградите на Канскиот фестивал.

Мерил Стрип освои три Оскари за улогите во филмовите „Крамер против Крамер“ (1980), „Изборот на Софија“ (1983) и „Челичната дама“ во 2012 година.

Актерката се прослави во филмовите „Лов на елени“, „Жената на францускиот поручник“, „Мојата Африка“, „Мостовите на округот Медисон“, „Сомнеж“ и „Заљубување“.

Почесна Златна палма годинава ќе добијат креаторот на серијата „Војна на ѕвездите“, Џорџ Лукас и колективно Студио Гибли на јапонскиот режисер за анимација Хајао Мијазаки.

Канскиот фестивал ќе се одржи од 14 до 25 мај, а за Златната палма се натпреваруваат повеќе од 20 филмови, меѓу кои и новиот филм на Френсис Форд Копола „Мегалополис“. /МИА

притисни ентер