Пендаровски и Пахор во Охрид на показна вежба на армиските специјалци

Претседателите на Македонија и на Словенија Стево Пендаровски и Борут Пахор денеска го посетија Кампот за обука на вода на Армијата на Република Македонија, од каде ја следеа показната вежба на припадниците на специјалните сили на Армијата.

На вежбата на која присуствуваше и началникот на Генералштабот на армијата, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, беа демонстрирани постапки што се применуваат во ситуација на заложничка криза на пловен објект. Станува збор за операција со сценарио за ослободување заложници од пловен објект со препад.

Полковник Сашо Лафчиски, началник на Одделението за специјални операција при Генералштабот на Армијата на Реублика Македонија за самата вежба појасни дека се работи за демонстрација на боречки вештини и употреба на специјални тимови за решавање заложничка криза.

– Првата вежба беше демонстрација на боречки вештини, додека вториот елемент дел беше покомплексен затоа што покрај специјалните тимови во акцијата како поддршка беше вклучен хеликоптер Ми-17 од Вингот на Армијата, што помогна и при извлекувањето на дел од нуркачите. Гостите од Словенија беа задоволни од демонстрацијата на способноста на двата декларирани тимови за НАТО водени операции, рече Лафчиски.

Претходно Пендаровски и Пахор претходно беа во обиколка на Охрид, при што посетија некои од културно-историските знаменитости во Стариот дел на градот како црквата „Света Богородица Перивлепта" со Галеријата на икони и катедралната црква „Света Софија". /МИА

ВМРО-ДПМНЕ: ДКСК да покрене постапка против Битиќи

ДКСК да покрене постапка против Битиќи, бара од фирмите на кои им исплаќал државна помош да гласаат за него, им сугерира и број на гласачко ливче.

По објавениот документ од кој се гледа како Битиќи бара од компании да го поддржат затоа што им исплаќал државна помош тој требаше да се повлече од политиката.

Фактот што Битиќи не само што не се повлече, туку и не се извини, говори како СДС и ДУИ ја заробија државата и како 100тина функционери управуваат со државата како да е нивен личен имот.

ДКСК не смее да чека, да отвори случај и да се отвори постапка и пред другите институции.

Злоупотребите на институциите мора да запрат. По 8ми мај ќе се стави крај ма ваквите практики, а таквите како Битиќи ќе се соочат со одговорност.

Време е да ја вратиме државата на народот. Македонија повторно твоја,се наведува во партиското соопштение.

Пендаровски со порака по повод 3 Мај − Светскиот ден на слобода на медиумите

Претседателот Стево Пендаровски по повод 3 Мај − Светскиот ден на слобода на медиумите, ја упати следната порака:

„Слободата на медиумите е еден од темелите на демократските вредности и е од суштинско значење за демократскиот развој на македонското општество.

Квалитетните, професионални и независни новинари, коишто ја сфаќаат сериозноста и тежината на креирање на јавното мислење, можат да претставуваат силен глас на јавноста.

Затоа мора да продолжиме да вложуваме во воспоставувањето стандарди со кои медиумите ќе можат слободно и независно да работат и да се развиваат. Да градиме атмосфера во која медиумските работници ќе се чувствуваат безбедно и заштитено. Да имаме доблест да ја прифатиме критиката и да ја поддржиме слободата на изразувањето. Само така ќе имаме моќни и силни медиуми и новинари коишто ќе бидат објективни во известувањето и ќе ѝ служат на јавноста, а не на политичките елити и на изворите на финансирање.

На сите медиумски работници им го честитам Светскиот ден на слобода на медиумите.“, соопштуваат од неговиот кабинет.

СДСМ: На 8 ми мај граѓаните масовно да излезат на изборите, се одлучува за иднината на државата

Граѓаните треба масовно да излезат на изборите на 8-ми мај и да гласаат. Се одлучува за иднината на државата.

Прашањето е каква држава сакаме да изградиме?

Дали ќе следи уште една лоша реприза од тоталитарното владеење на Груевски и неговата криминална екипа, или заедно со СДСМ ќе имаме слободна, просперитетна и европска иднина.

Изборот е во рацете на граѓаните но тоа може да има сериозни негативни последици кон иднината на Македонија.

СДСМ ги повикува сите граѓани, да излезат на гласање во среда, да го заокружат бројот 1 и да гласаат ЗА, за европска иднина, за европски стандарди и вредности, за држава во која децата ќе сакаат да останат, се наведува во партиското соопштение.

притисни ентер