Пекинг со тврдење дека ниту САД ниту Кина нема да имаат корист од трговска војна

Ниту САД, ниту Кина нема да победат од трговска војна, изјави портпаролот на кинеската амбасада во Вашингтон, Лиу Пенгвеи во денешното соопштение.

Изјавата доаѓа откако новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп се закани дека ќе воведе дополнителни 10 отсто царини за сите кинески стоки кога ќе ја преземе функцијата.

Кина верува дека американско-кинеската економска соработка е заемно корисна по природа, додаде портпаролот.

Кинескиот амбасадор во Австралија, Сијао Чианг, денеска изјави дека трговската политика на САД кон Кина и другите земји, исто така, ќе има влијание врз односите меѓу Канбера и Пекинг.

„Американската трговска политика кон Кина и другите земји ќе има влијание и е важен елемент што треба да го разгледаме“, рече Сијао на прес-конференција во Канбера на прашањето дали планираните можни царини на Трамп за трговијата со Кина ќе влијаат на билатералните односи меѓу Австралија и азискиот економски гигант.

Сијао ги даде забелешките набргу откако Трамп ги објави плановите за воведување дополнителни царини од 10 отсто за увоз од Кина, како и 25 отсто за целиот увоз од Мексико и Канада.

„Нема оправдување“ за незаштитување на девојчињата од родово базирано насилство

Во текот на 16-те дена активизам против родово базирано насилство, се потсетуваме дека борбата за ставање крај на насилството врз жените е и борба за заштита на девојчињата од некои од најраспространетите повреди на човековите права во светот.

Сексуалното насилство, детските бракови и сексуалната трговија се форми на родово базирано насилство чии жртви се девојчињата. Тие се јавуваат во секоја земја, во сите сегменти на општеството. Многу луѓе, вклучително и членовите на семејството и заедницата, често погрешно ги разбираат сексуалната злоупотреба и експлоатација на деца. Нивните реакции може да бидат неверување, па дури и обвинување на жртвата, или пак наметнато молчење и непреземање ништо за да го заштитат сторителот или за да ги зачуваат угледот и честа. Кон овој проблем придонесуваат факторите како што се општествените норми со кои на возрасните им се дава контрола врз децата и се поддржуваат патријархалните практики и ставови, но и слабите закони со кои пречесто се обвинуваат жртвите, а се ослободуваат сторителите.

Овогодинешната тема на 16-те дена активизам против родово базираното насилство е „Нема оправдување“. Со воспоставено цврсто законодавство, нема причина девојчињата да не бидат заштитени од насилство.

Македонија направи значителен напредок во донесувањето закони за заштита на девојчињата од родово базирано насилство, во согласност со меѓународните стандарди за човекови права. Законот за правда за деца гарантира заштита на децата-жртви преку мерки за спречување ревиктимизација. Тие опфаќаат повеќе заштитни мерки при сведочење на деца, со цел да се избегне повторна трауматизација поради многубројните и повторени распити. Со овој закон се уредува децата-жртви да уживаат засилена заштита и поддршка од сите институции, тела и поединци во системот за детска правда. Ова е клучно за да се обезбеди жртвите да бараат правда од систем што е подготвен да ја исполни.

Кривичниот законик ги штити децата од сите форми на насилство и наметнува строги казни за да ги одврати сторителите. На пример, производство и дистрибуцијата на материјал кој прикажува сексуална злоупотреба на деца се казнува со најмалку пет години затвор. Силувањето дете кое не наполнило 15 години е казниво со најмалку осум години затвор, исто како и трговијата со деца.

Но, цврстото законодавство може да го постигне посакуваното влијание само доколку тоа законодавство ефективно се спроведува. Во контекст на 16-те дена активизам против родово базираното насилство, УНИЦЕФ ја повикува земјата да инвестира во спроведување на законодавната рамка, вклучувајќи:

Градење на капацитетите на стручните лица од правосудниот систем, вклучително и адвокатите, при работа со деца да применуваат пристап кој е воден од доживеаната траума и кој е сензитивен кон децата.

Децата-жртви на сексуална злоупотреба и експлоатација да имаат посебни права на процесна заштита, пристап до услуги за поддршка и навремени, правични правни лекови при повреда на правата.

Прописно спроведување на Кривичниот законик и Законот за правда за деца и обезбедување средства, насочување и обука за професионалците. Сторителите мора да се идентификуваат, соодветно да се санкционираат и да се спречат да го повторат делото. Не треба да има неказнивост за сторителите. Ова е клучно за постепено да се искоренат сите форми на родово базирано насилство врз девојчињата и момчињата и за да се изгради доверба во системот.

Правосудниот систем да обезбедува брза, ефикасна и ефективна правда. Приоритет треба да се даде на случаите во кои се вклучени деца, а судството треба да овозможува итна постапка во сериозни случаи за да се спречат трајни последици врз децата.

Канцеларија на УНИЦЕФ во Скопје

Бојко Борисов ја повлече кандидатурата за премиер на Бугарија

-Не сакам веќе да се занимавам со оваа уништена држава.

Лидерот на ГЕРБ, Бојко Борисов, соопшти дека со олеснување ја повлекува својата кандидатура за премиер на Бугарија, јави БТА.

- Не сакам веќе да се занимавам со оваа разрушена држава. Категорично ја повлекувам кандидатурата. Чекаме премиер со еквидистанца, изјави Борисов на прес-конференција, додавајќи дека веднаш ќе го врати мандатот кога ќе го добие.

- Ги добивме неопходните одговори и тие покажуваат дека во мене не гледаат добар лидер или премиер, објасни Борисов, осврнувајќи се на ставот на „Продолжуваме со промените - Демократска Бугарија“. Тој истакна дека нема да се занимава со проблемите кои, како што рече, биле создадени во последните четири години.

- Говорат за премиер со политика на еквидистанца. Кажете го тоа име, јас сакам да се натпреварувам со него. Зошто не го ставија името на маса? Но никој не кажува кој е, нагласи Борисов.

Извршниот комитет на ГЕРБ вчера ја потврди претходното одлука дека лидерски преговори ќе се одржат само доколку се водат за формирање мнозинство и редовна влада.

Практична настава за студенти во првиот сензорен центар- реализиран во Ѓорче Петров

Овој сензорен центар, кој е прв од ваков вид во земјата, служи како практична база за студентите од 3 и 4 година на Институтот за специјална едукација и рехабилитација при Филозофскиот факултет. 

Градоначалникот на Општина Ѓорче Петров, Александар Стојкоски, заедно со стручни лица од повеќе области, денеска во градинката „Росица“ – објект Пампурче го посетија првиот сензорен центар во Македонија, кој беше отворен пред само неколку месеци и веќе бележи значајни успеси во своето работење.

Овој сензорен центар, кој е прв од ваков вид во земјата, служи како практична база за студентите од 3 и 4 година на Институтот за специјална едукација и рехабилитација при Филозофскиот факултет. Под менторство на проф. д-р Оливера Рашиќ Цаневска, студентите секој вторник работат директно со дечињата со пречки во развојот, помагајќи во нивната рехабилитација и интеграција во образовниот процес.

Преку оваа програма, децата добиваат континуирана поддршка, а резултатите се веќе видливи – подобрувања во состојбата и напредок кај децата кои ја користат услугата на центарот.

Градоначалникот Стојкоски изрази задоволство од успешната реализација на овој проект, истакнувајќи ја важноста на ваквите иницијативи за унапредување на образованието и грижата за најмладите.

„Сензорниот центар претставува пример за нашата посветеност кон создавање подобри услови за развој на децата со специфични потреби. Продолжуваме со планови за отворање на вакви капацитети и во други објекти во иднина,“ изјави Стојкоски.

Општина Ѓорче Петров е лидер во создавање иновативни решенија за најмладите, вложувајќи во подобрување на условите во градинките и поддршка за родителите и наставниот кадар. Сензорниот центар е доказ за оваа посветеност и претставува голем чекор напред кон обезбедување квалитетна грижа и едукација за сите деца.

Овој проект е симбол на грижата за иднината на најмладите жители и пример како заедницата може да се обедини за доброто на сите.

притисни ентер