Педесетина содржини во 40-те фестивалски дена на „Скопско лето“

 Педесетина програмски содржини ќе има на фестивалот „Скопско лето 2018“ кој традиционално ќе се одржува од 21 јуни до 31 јули.

Ќе биде отворен в четврток, на Светскиот ден на музиката, со концерт на музичари од Израел во Македонската филхармонија. Во пресрет на официјалното отворање, пак, утревечер во НЛБ Галерија ќе биде отворена изложба на Владимир Темков „Потрага по смислата на ликовноста во соочувањето со убавината на природата“.

Организатор на „Скопско лето“ е Дирекцијата за култура и уметност-Скопје (ДКУС), а и оваа година фестивалот е поддржан од Град Скопје, Министерството за култура и од странски културни центри и амбасади.

Директорот на ДКУС Никола Глигоров денеска на прес-конференција рече дека се задоволни што „Скопско лето“ опстојува 39 години на културната мапа на главниот град, но и на државата. Соопшти дека и годинава основата на програмата се домашни музички уметници и ансамбли, како и млади уметници кои допрва зачекоруваат на сцената, така што „Скопско лето“ и овојпат, рече Глигоров, ја покажува својата широчина и отвореност за креативните сили. „Скопско лето“ до крајот на идниот месец ќе се одржува на 20-ина локации во градот.

- Покрај бројните појави и пројави во културата во Скопје, „Скопско лето“ со своите содржини успева да го задржи вниманието во главниот град. И годинава ќе има атрактивна и квалитетна програма со речиси педесет програмски содржини. Во наредните 40 дена ќе имаме театарски претстави, концерти од различни жанрови, програми за деца, десетина изложби со домашни и со ликовни уметници од странство, промоции на книги, а ќе ја има и редовната филмска содржина „Кафе кино“ со проекции во Сули ан, рече Глигоров.

За концертот на отворањето задутревечер зборуваше израелскиот амбасадор во Македонија Дан Оријан. Нагласи дека секоја година учествуваат на овој фестивал со настани кои се привлечни за публиката. Годинава, рече, имаат чест да го отворат фестивалот и се задоволни што со концертот ќе бидат одбележани 70 години независност на Израел.

Во првиот дел од концертот ќе настапи Дадо Дганит, позната пејачка и член на Националниот театар на Израел „Хабима“. На своите концерти таа им дава нов живот на старите ладино мелодии и разновидната еврејска музичка култура ја модернизира збогатувајќи ја со ориентален ритам и клезмер звуци. Во вториот дел од концертот ќе настапи водечката флејтистка во Израел, Хефциба Зер Авив, која свири на повеќе од 20 видови флејта и претставува уникатен и спектакуларен мозаик од израелски и медитерански егзотичен стил на свирење флејта.

Првата театараска изведба на годинашното „Скопско лето“ ќе биде ден по неговото отворање - в петок во МНТ ќе гостува загрепскиот театар „Гавела“ со „Крал Ричард Трети“ во режија на Александар Поповски. На прес-конференцијата режисерот рече дека претставата е нова, од минатата сезона на „Гавела“, каде што тој работи десетина години. Неговата претстава „Сон на летната ноќ“ беше десет години на репертоарот на овој театар во Загреб.

- „Гавела“ има специфичен ансамбл. „Ричард Трети“ не е едноставен материјал и потребни се добри актери, а тие тоа го имаат. Феномен од актер е Озрен Грабариќ, кој го игра насловниот лик, рече Поповски. Нагласи и дека е задоволен што ќе има можност пред македонската публика да го покаже тоа што го работи, а на „Скопско лето“, рече, е од неговите аматерски денови и изведбите во Куршумли ан.

На прес-конференцијата денеска беше промовиран и водич за Скопје на англиски јазик „Guide Book Skopje“ на издавачката куќа „Љубовта е петтиот елемент“. Претставникот Гоце Дртковски соопшти дека водичот за странци содржи податоци за се што е вредно во, како што рече, седум илјади години култура во Скопје.

- Македонија чекаше 25 години да ја добие оваа објективна енциклопедија на англиски јазик, направена на ниво на европски водич за претставување една престолнина, рече Дртковски, најавувајќи дека ќе објават водич на англиски јазик и за Охрид.

Ибрахимовиќ: Тешко ми беше да се откажам од фудбалот поради моето его

Поранешниот напаѓач Златан Ибрахимовиќ зборуваше за подкастот на „АБТалкс“ каде што разговараше за неговото пензионирање од фудбалот, неговото враќање во Милан како главен советник на сопственикот на клубот и за смртта на неговиот агент Мино Раиола.

-Добро сум, така ме третира животот. Секако, се повлеков од фудбалот пред повеќе од осум месеци, така што мојот живот сега е поинаков. Прифатив да се откажам од фудбалот, што беше тешка работа поради моето его и начинот на кој се доживував себеси. Мислам дека сум најдобар и сè уште сум таков. Можев да продолжам, но решив да престанам. Зошто? Сакам само добар живот за моето семејство. Сакав да правам работи со моите синови, а пред тоа не беше можно бидејќи имав проблеми со едното колено. Така го прифатив тоа и дојде момент кога си реков: „Во ред е, откажи се и отвори ново поглавје од твојот живот, вели популарниот Ибра.

Потоа, неколку месеци подоцна, го запознава Гери Кардинале, кој го надгледува фондот „РедБрд“ што го купи Милан.

-Ми даде понуда што не можев да ја одбијам. Така почнав да работам со Милан, откако бев во клубот три-четири месеци. Добро се однесуваат со мене таму, морам да признаам. Кога почина мојот агент Мино Раиола, тоа беше голем удар за мене. Многу плачев. Сè уште не е исчезнато чувството, бидејќи спомените постојано ми се враќаат. Скршен сум затоа што многу ми недостига. Секој што го познава знае колку бевме блиски. Да можам би му напишал: „Ми недостигаш“, сподели Ибрахимовиќ. /МИА

Почесна Златна палма за Мерил Стрип на Канскиот филмски фестивал

 Познатата американска актерка Мерил Стрип (74) ќе добие почесна Златна палма за време на церемонијата на отворањето на овогодишниот Меѓународен филмски фестивал во Кан на 14 мај, соопштија денеска организаторите.

Холивудската актерка со рекордни 21 номинација за престижниот Оскар само еднаш била на Канскиот фестивал. Тоа беше пред 35 години кога филмот „Плач во темнината“ во кој играше, доби една од наградите на Канскиот фестивал.

Мерил Стрип освои три Оскари за улогите во филмовите „Крамер против Крамер“ (1980), „Изборот на Софија“ (1983) и „Челичната дама“ во 2012 година.

Актерката се прослави во филмовите „Лов на елени“, „Жената на францускиот поручник“, „Мојата Африка“, „Мостовите на округот Медисон“, „Сомнеж“ и „Заљубување“.

Почесна Златна палма годинава ќе добијат креаторот на серијата „Војна на ѕвездите“, Џорџ Лукас и колективно Студио Гибли на јапонскиот режисер за анимација Хајао Мијазаки.

Канскиот фестивал ќе се одржи од 14 до 25 мај, а за Златната палма се натпреваруваат повеќе од 20 филмови, меѓу кои и новиот филм на Френсис Форд Копола „Мегалополис“. /МИА

ФА го суспендираше Тонали на два месеци

Сандро Тонали беше суспендиран од фудбалот на два месеци. Нему му пресуди Независната регулаторна комисија откако призна дека учествувал во забрането обложување.

Покрај тоа, тој е казнет со 20.000 фунти и предупреден за понатамошно однесување.

Суспензијата е таква што Тонали нема да може да се врати на терените до крајот на сезоната, до кога ќе истече десетмесечната казна што му ја изрече Италијанската фудбалска федерација на 27 октомври 2023 година.

Доколку не го повтори истиот прекршок до крајот на сезоната, нема да мора да ја одлежи оваа двомесечна суспензија.

Фудбалскиот сојуз и Регулаторната комисија оценија дека Тонали соработувал и признал се за што е обвинет „на исклучителен и досега неевидентиран начин“.

Тонали целосно ги признал сите свои прекршоци, а тоа го направил во ситуација кога доказите практично не постоеле.

Тој продолжува да оди на терапија и едукативни програми на кои е должен да присуствува со целосна поддршка од клубот и продолжува да тренира со екипата./МИА

притисни ентер