Психологот од САД, Марк Траверс тоа го нарекува „Феномен Микеланџело“, во разговор за порталот „Сајколоџи тудеј“ (Psychology Today).
- Ваквите врски не само што го зголемуваат личниот развој, туку и ја зајакнуваат поврзаноста и задоволството од врската... Меѓу клучните знаци на „Феноменот Микеланџело“ е да имате партнер кој ги поддржува вашите цели и соништа. Истражувањата покажуваат дека таквите врски обезбедуваат емоционална сигурност, ја намалуваат анксиозноста и ја зголемуваат самодовербата, што го олеснува соочувањето со предизвиците и истрајноста во постигнувањето на целите. Ако се чувствувате поддржани во Вашата врска и поблиску до идеалната верзија на себе, таа врска може да биде одраз на „Феноменот Микеланџело“. Ова е можност за натамошен раст, и лично и како партнер, преку заемната поддршка и љубов, изјави Траверс.
Именуван по познатиот ренесансен уметник Микеланџело Буонароти, „Феноменот Микеланџело“ се дефинира како меѓусебно обликување како личности - во најдобрата верзија од себе, со љубов, поддршка и позитивен поттик.
Партнерот кој верува во Вас, се вели, може да ја зголеми Вашата мотивација и да Ви помогне во донесувањето одлуки насочени кон личен раст, како што е изборот на предизвикувачки, но исполнувачи можности. Токму во тоа е приближувањето до совршената верзија од себе... Како што раката на италијанскиот скулптор го претвора каменот во уметност, во нешто убаво.
- Усогласувањето со личните идеали преку врската го зголемува чувството на автентичност и благосостојба. Таквиот партнер може да Ви помогне да ги надминете несигурностите, да истражувате нови гледишта во врска со себе и да развиете особини или амбиции што претходно биле занемарени, вели психологот.
На овој начин, љубовната врска овозможува да се откријат „побогати и поавтентични димензии“ од себеси.