Откриен е неверојатен план на Борис Џонсон за време на пандемијата да ја нападне Холандија

Поранешниот британски премиер Борис Џонсон изјавил дека им наредил на воените команданти да планираат напад на холандска фабрика во март 2021 година.

Поранешниот британски премиер Борис Џонсон изјавил дека им наредил на воените команданти да планираат напад на холандска фабрика во март 2021 година за да обезбедат пет милиони вакцини против Ковид, кои Европската унија се закани дека ќе ги забрани извозот во Британија, објави Гардијан.

Џонсон рекол дека тогашниот британски заменик-началник на одбраната, генерал-полковник Даг Чалмерс, му рекол дека е возможен напад со помош на мали чамци за да се премине Ла Манш и да се плови по холандските канали - но го предупредил на дипломатските последици.

Според Џонсон, Чалмерс - кој оттогаш се пензионирал од армијата - му рекол дека нема да биде возможно да се изврши мисијата неоткриено и дека „ако бидеме откриени ќе мора да објасниме зошто напаѓаме долгогодишен сојузник на НАТО“.

„Тајно се согласив со она што сите го мислеа, но не сакав да кажам гласно: дека целата работа е лудост“, вели Џонсон во извадок од неговите мемоари објавени во саботниот весник „Дејли мејл“.

Ниту британското Министерство за одбрана ниту Чалмерс - кој моментално ја извршува функцијата претседател на владиниот Комитет за стандарди во јавниот живот - сè уште не ги коментирале забелешките на Џонсон.

Спорните вакцини против Ковид беа развиени од Универзитетот во Оксфорд и AstraZeneca, но дозите беа произведени од подизведувачи во Холандија и Велика Британија.

Во март 2021 година, вакцините беа широко користени во Британија, но дозите произведени во холандската фабрика сè уште чекаа одобрение од ЕУ.

И Британија и ЕУ имаа договори со AstraZeneca за вакцините и ЕУ се обиде да ги задржи готовите вакцини во холандската фабрика за сопствена идна употреба.

Џонсон - кој победи на изборите во декември 2019 година со ветување дека ќе ги заврши долготрајните преговори за излез од ЕУ - рече дека верува оти претставниците на ЕУ дејствуваат под притисок на францускиот претседател Емануел Макрон.

„По два месеци залудни преговори, дојдов до заклучок дека ЕУ се однесува со нас злонамерно и пркосно... затоа што го вакциниравме нашето население многу побрзо отколку тие“, рече Џонсон, кој беше принуден да ја напушти функцијата во 2022 година по скандали, вклучително и прекршување на локдаунот поради ковид-19.

Ја убил сопругата, со недели спиел покрај нејзиното тело и ги лажел соседите дека е жива

Уапсен е мажот кој наводно ја убил својата сопруга, а потоа неколку недели спиел покрај нејзиното тело во распаѓање.

Даглас Салазар Кастиљо им се преправал на загрижените соседи дека Рита Паредес Риоха е жива и здрава кога му кажале дека се загрижени затоа што не ја виделе со месеци. Тој дури и го извикувал нејзиното име кога се враќал дома за да ја одржи илузијата дека е дома, пренесува Мирор.

Сепак, 57-годишникот на крајот го признал делото пред чуварот во нивниот станбен комплекс во главниот град на Перу, Лима. Наводно, Салазар му испратил фотографија од телото на мртвата сопруга на обезбедувањето, кое веднаш ја известило полицијата.

Полицијата упаднала во неговиот дом и го пронашла телото на неговата сопруга завиткано во ќебе на нивниот кревет, покрај неколку празни шишиња алкохол. Салазар е уапсена и може да биде обвинет за фемицид доколку обдукцијата потврди дека починала од надворешни причини, односно дека била убиена.

Властите во моментов ги чекаат резултатите од обдукцијата за да ја потврдат точната причина за нејзината смрт.

Жртвата во минатото неколку пати го пријавувала сопругот за семејно насилство во локалната полициска станица, но тие секогаш се помирувале. Соседите рекле дека редовно ја слушале двојката како се расправа и се сомневале дека насилството е секојдневна појава во нивниот дом.

Салазар е во притвор во очекување на истрагата.

Херојски подвиг на метеоролог: Спасил живот на жена додека се јавувал во живо (ВИДЕО)

Телевизискиот прогнозер од Атланта го прекина преносот во живо за ураганот Хелена за да спаси жена од возило.

Неколку минути по 7 часот наутро, метеорологот на Фокс, Боб Ван Дилен, детално ги прикажувал поплавите предизвикани од ураганот на Флорида. Во тој момент во позадина се слушна женски глас кој очајно повикува на помош.

Нејзиниот автомобил се заглавил во поројот и нивото на водата брзо се зголемило околу неа. Ван Дилен им кажа на гледачите дека се јавиле на 911 и дека локалните пожарникари се на пат кон местото на настанот.

Ја повикал жената дека помош е на пат, но ситуацијата станала многу загрижувачка.

„Ќе се вратиме наскоро. Ќе видам дали можам да ѝ помогнам на оваа дама уште малку“, рече тој во камерата.

Набрзо ја извлекол и се вратил носејќи ја на грб низ водата.

Тој подоцна опиша дека нивото на водата брзо се зголемувало и почнало да навлегува во нејзиното возило.

Во автомобилот била Анџелина Мадут, која се враќала од ноќна смена во пекара во предградието на Атланта. Таа била свесна за опасноста, но се надевала дека ќе ја помине и ќе се врати дома. Кога се заглавила, веднаш го повикала сопругот, кој исто така се јавил на 911.

„Го извадив паричникот од панталоните и влегов, влегов во вода до градите“, рече Ван Дилен. „Беше внатре, сè уште го носеше безбедносниот појас, а водата се креваше и влегуваше во самиот автомобил, така што жената беше потопена речиси до вратот.“

Данските археолози ископале 50 викиншки костури, чудо е колку се зачувани (ВИДЕО)

Ископувањето на големо гробно место од периодот на Викинзите во Данска откри 50 невообичаено добро сочувани скелети.

Ископувањето на големо гробно место од периодот на Викинзите во Данска откри 50 невообичаено добро сочувани скелети за кои археолозите очекуваат дека ќе помогнат да се расветли животот на нордискиот народ најпознат по своите поморски подвизи во средниот век, објави Ројтерс.

Скелетите, откриени во близина на третиот по големина град во Данска, Оденсе, останале недопрени поради високите нивоа на вода и поволните услови на почвата кои го спречиле нивното распаѓање, изјави Мајкл Боре Лундо, раководител на ископувањата во музејот Одензе.

„Нормално, кога ги ископуваме гробовите на Викинзите, би биле среќни ако останат два заба во гробот до гробните предмети. Но, овде имаме целосно зачувани скелети. Скелетите се толку неверојатни. Тие се толку добро сочувани, со пет прсти на рацете и нозете и тоа отвора цела низа нови можности за откривање“, рече Лундо.

Ретките артефакти како што се ножеви, стаклени бисери и брошеви датирани помеѓу 850 и 970 година биле пронајдени за време на ископувањето, кое започнало пред шест месеци. Лундо рече дека гробните предмети покажуваат дека повеќето луѓе биле дел од мала земјоделска заедница, иако жена со повисок статус била погребана со нож украсен со сребро и парче стакло, што било ретко во ерата на Викинзите.

Археолозите земале примероци од почвата за да бараат полен и да утврдат во кое време од годината е погребана личноста и каква облека носел. Рендгенската снимка на блок земја од локацијата открила овален брош, иконично парче накит од ерата на Викинзите поврзано со женска облека, покриена со дрво и човечки остатоци.

На задната страна на друг брош со орнаменти специфични за периодот, минерализирани ткаени текстилни фрагменти обезбедиле доказ за видот на облеката што се носела во ерата на Викинзите, велат археолозите. Повеќето од скелетите биле отстранети од гробовите и спакувани во картонски кутии во музејот за да се исушат пред испитувањето и конечното чистење.

притисни ентер