Османи – Ди Мајо: Македонија цврсто останува на определбата за полноправно членство во ЕУ

Италија во континуитет е меѓу топ десетте земји според големината на трговската соработка со Македонија, која надминува половина милијарда евра, а во 2019 година достигнува дури 720 милиони евра.

Можностите за продлабочување на политичките и економските односи, билатералната соработка во сите сегменти од заеднички интерес, како и регионалните актуелни состојби и соработка, беа теми на денешната средба во Рим на шефот на дипломатијата Бујар Османи со неговиот италијански колега Луиџи ди Мајо.

– Италија во континуитет е меѓу топ десетте земји според големината на трговската соработка со Македонија, која надминува половина милијарда евра, а во 2019 година достигнува дури 720 милиони евра. Ова претставуваа значаен придонес во нашата економија, но со оглед на политичката поддршка, географската близина и традиционалната соработка, сметам дека постои потенцијал за уште поголема економска активност, особено за италијанските инвестиции кои се повеќе од добредојдени во Македонија, истакна Османи на средбата.

Како што соопшти МНР, фокусот на разговорите беше ставен и на европскиот кредибилитет во регионот, тесно поврзан и со кредибилитетот на самиот процес на проширување, усогласувањето на Преговарачката рамка за Македонија и силната и активна поддршка на Италија за почеток на преговорите за нашата земја.

– Остануваме цврсто на патот на европските интеграции. Европските реформи мора да продолжат, особено во областите на владеењето на правото, со видливи резултати и во борбата против криминалот и корупцијата. Ние мора целосно да ја завршиме и нашата подготовка за почеток на преговорите, да ја дооформиме преговарачката структура, да ги зајакнеме капацитетите за преговарање; исто така, мора да продолжи усогласувањето со европските правила и стандарди во рамките на процесот на Стабилизација и асоцијација, да продолжи и имплементацијата на европското законодавство, како и да продолжат сите оние активности кои условно имаат европски контекст, нагласи Османи, уверувајќи дека Македонија цврсто останува на определбата за полноправно членство во Европска Унија.

Посетата на Османи на Италија доаѓа во исклучително важен момент за процесот на проширување на Европската унија и во таа насока беше изразена согласност дека отворањето на пристапните преговори ќе донесе повеќекратна корист – како за Македонија, така и за Регионот; но и за кредибилитетот на заложбите на ЕУ за довршување на процесот на Европското обединување, се додава во соопштението на МНР.

Османи и Ди Мајо разговараа и за можностите од продлабочување на билатералните односи во останатите сегменти на општествената соработка; меѓусебната поддршка во мултилатералните организации и секторската соработка меѓу двете држави; а се осврнаа и на актуелностите поврзани со справување со здравствените и социо-економските последици предизвикана од пандемијата како и за процесот на имунизација како важен елемент за надминување на кризата.

Во текот на денот, Османи ќе се сретне и со претседателот на Комисијата за надворешни работи при Долниот Дом на италијанскиот Парламент, Пиеро Фасино.

Посетата на Рим Османи ќе ја искористи и за посета на Светата Столица каде ќе има средба и со ватиканскиот секретар за односи со државите, монсињор Пол Ричард Галагер.

Ибрахимовиќ: Тешко ми беше да се откажам од фудбалот поради моето его

Поранешниот напаѓач Златан Ибрахимовиќ зборуваше за подкастот на „АБТалкс“ каде што разговараше за неговото пензионирање од фудбалот, неговото враќање во Милан како главен советник на сопственикот на клубот и за смртта на неговиот агент Мино Раиола.

-Добро сум, така ме третира животот. Секако, се повлеков од фудбалот пред повеќе од осум месеци, така што мојот живот сега е поинаков. Прифатив да се откажам од фудбалот, што беше тешка работа поради моето его и начинот на кој се доживував себеси. Мислам дека сум најдобар и сè уште сум таков. Можев да продолжам, но решив да престанам. Зошто? Сакам само добар живот за моето семејство. Сакав да правам работи со моите синови, а пред тоа не беше можно бидејќи имав проблеми со едното колено. Така го прифатив тоа и дојде момент кога си реков: „Во ред е, откажи се и отвори ново поглавје од твојот живот, вели популарниот Ибра.

Потоа, неколку месеци подоцна, го запознава Гери Кардинале, кој го надгледува фондот „РедБрд“ што го купи Милан.

-Ми даде понуда што не можев да ја одбијам. Така почнав да работам со Милан, откако бев во клубот три-четири месеци. Добро се однесуваат со мене таму, морам да признаам. Кога почина мојот агент Мино Раиола, тоа беше голем удар за мене. Многу плачев. Сè уште не е исчезнато чувството, бидејќи спомените постојано ми се враќаат. Скршен сум затоа што многу ми недостига. Секој што го познава знае колку бевме блиски. Да можам би му напишал: „Ми недостигаш“, сподели Ибрахимовиќ. /МИА

Почесна Златна палма за Мерил Стрип на Канскиот филмски фестивал

 Познатата американска актерка Мерил Стрип (74) ќе добие почесна Златна палма за време на церемонијата на отворањето на овогодишниот Меѓународен филмски фестивал во Кан на 14 мај, соопштија денеска организаторите.

Холивудската актерка со рекордни 21 номинација за престижниот Оскар само еднаш била на Канскиот фестивал. Тоа беше пред 35 години кога филмот „Плач во темнината“ во кој играше, доби една од наградите на Канскиот фестивал.

Мерил Стрип освои три Оскари за улогите во филмовите „Крамер против Крамер“ (1980), „Изборот на Софија“ (1983) и „Челичната дама“ во 2012 година.

Актерката се прослави во филмовите „Лов на елени“, „Жената на францускиот поручник“, „Мојата Африка“, „Мостовите на округот Медисон“, „Сомнеж“ и „Заљубување“.

Почесна Златна палма годинава ќе добијат креаторот на серијата „Војна на ѕвездите“, Џорџ Лукас и колективно Студио Гибли на јапонскиот режисер за анимација Хајао Мијазаки.

Канскиот фестивал ќе се одржи од 14 до 25 мај, а за Златната палма се натпреваруваат повеќе од 20 филмови, меѓу кои и новиот филм на Френсис Форд Копола „Мегалополис“. /МИА

ФА го суспендираше Тонали на два месеци

Сандро Тонали беше суспендиран од фудбалот на два месеци. Нему му пресуди Независната регулаторна комисија откако призна дека учествувал во забрането обложување.

Покрај тоа, тој е казнет со 20.000 фунти и предупреден за понатамошно однесување.

Суспензијата е таква што Тонали нема да може да се врати на терените до крајот на сезоната, до кога ќе истече десетмесечната казна што му ја изрече Италијанската фудбалска федерација на 27 октомври 2023 година.

Доколку не го повтори истиот прекршок до крајот на сезоната, нема да мора да ја одлежи оваа двомесечна суспензија.

Фудбалскиот сојуз и Регулаторната комисија оценија дека Тонали соработувал и признал се за што е обвинет „на исклучителен и досега неевидентиран начин“.

Тонали целосно ги признал сите свои прекршоци, а тоа го направил во ситуација кога доказите практично не постоеле.

Тој продолжува да оди на терапија и едукативни програми на кои е должен да присуствува со целосна поддршка од клубот и продолжува да тренира со екипата./МИА

притисни ентер