Одложено потврдувањето на номинациите на кандидатите за потпретседатели на ЕК

Партиите од т.н. проевропското мнозинство во Европскиот парламент се договорија за одлагање на седниците на парламентарните комитети за потврда на номинациите на кандидатите за нови потпретседатели на Европската комисија.

Партиите од т.н. проевропското мнозинство во Европскиот парламент се договорија за одлагање на седниците на парламентарните комитети за потврда на номинациите на кандидатите за нови потпретседатели на Европската комисија, чии сослушувања се одржаа вчера.

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, претходно беше предвидено потврдувањето на номинациите да заврши вчера, по што Конференцијата на претседатели, што ја сочинуваат претседателката на Европарламентот, Роберта Мецола и првите луѓе на пратеничките групи, на 21 ноември би извршила конечна евалуација на номинациите и би го прогласила процесот на сослушување на кандидатите за еврокомесари за завршен.

Договорот за одлагање на потврдувањето на номинациите е постигнат на средба на лидерите на Европската народна партија (ЕПП), Прогресивната алијанса на социјалистите и демократите (СД) и либералната група „Да ја обновиме Европа“, со цел, како што беше образложено, да обезбеди „сеопфатен пакет на сите шест номинирани“. Според извори во Европарламентот, ЕПП инсистира евалуационите седници да се одржат следната недела, додека СД и либералните за залагаат тоа да се случи до крајот на оваа недела.

По одлагањето на потврдувањето на номинациите на кандидатите за потпретседатели, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, која доаѓа од редовите на ЕПП, вчера во Европарламентот имаше средба со политичките лидери на „Да ја обновиме Европа“ и СД.

Одлуката за одложување на седниците за потврдување на номинациите уследи по тензичното сослушување на кандидатката за извршна претседателка на ЕК за чиста, праведна и конкурентна транзиција и за еврокомесарка за конкурентност, Шпанката Тереза Рибера Родригез.

Извори во Европарламентот посочија дека „настапот на Рибера Родрогез“ бил „разочарувачки“, поради што некои европратеници побарале таа дополнително да одговори на писмено доставени прашања.

Резервите околу номинацијата на шпанската кандидатка, која доаѓа од редовите на СД, се оценуваат како дел од меѓупартиските пазарења во Европарламентот, но и од внатрешните политички пресметки во Шпанија, каде Рибера Родригез, која е актуелна министерка за еколошка транзиција и демографски предизвици, е изложена на жестоки критики од страна на опозициската Народна партија (ПП), инаку дел од ЕПП, за начинот на кој Владата се справува со неодамнешните поплави во земјата.

За утре е предвидено европратениците да гласаат за предлогот на ЕПП за измени на Регулативата на ЕУ за уништување на шумите, со што би се ублажиле некои од рестриктивните мерки во неа, на што се против СД, па се очекува договорот околу овие амандмани да биде „врзан“ со одобрувањето на номинацијата на Рибера Родригез.

За денеска е предвидено да се одржи и седница за потврдување на номинацијата на кандидатот за еврокомесар за здравство и благосостојба на животните и актуелен еврокомесар за соседска политика и проширување Оливер Вархеји, чие одобрување исто така беше одложено по сослушувањето одржано минатата среда.

Согласно процедурите, откако Конференцијата на претседатели ќе го прогласи процесот на сослушување на кандидатите за еврокомесари за завршен, Европарламентот на пленарното заседание, предвидено за од 25 до 28 ноември во Стразбур, ќе треба да гласа за избор на Европската комисија во пакет. За да биде избрана, новата Европска комисија треба да добие мнозинство гласови на пратениците што ќе гласаат.

Доколку Еврокомисијата биде одобрена во Парламентот, таа треба уште формално да биде именувана од Советот на ЕУ, постапка што се очекува да заврши до крајот на ноември, по што од 1 декември би започнал да тече мандатот на новите еврокомесари./МИА.

Холандската полиција уапси 281 лице на забранетиот пропалестински протест

Холандската полиција уапси 281 лице на забранетиот протест за поддршка на Палестина на плоштадот Дам во Амстердам.

Уредбата за вонредна состојба во холандската престолнина по немирите по натпреварот на Ајакс против Макаби Тел Авив минатата недела, ги забрани демонстрациите на плоштадот Дам.

Градските власти на демонстрантите им понудиле алтернативна локација во Вестерпарк, но тие вчера околу 18 часот почнале да се собираат во центарот на градот, по што интервенирала полицијата и го прекинала протестот при што уапсила 281 лице.

Одрони на патот Делчево - М.Каменица кај с.Очипала

Појава на одрони утрово се регистрирани на патот Делчево - Македонска Каменица во близина на с.Очипала.

Од подружницата на Македонија Пат информираа дека одроните редовни се чистат и апелираа внимателно движење долж овој патен правец кој е дел од магистралата А3.

-Знаеме дека се работи за подрачје кое има склоност на вакви појави, а врнежите кои непрекинато паѓаат 24 часа дополнително влијаат за тоа. апелот е да се вози внимателно со препорака за ппочитување на сообраќајната сигнализација и прилагодување на брзината, информираа од Македонија Пат.

Поради дождот кој утрово започна да паѓа со посилен интензитет во Пијанечко-Малешевскиот регион се вози по влажни коловози.

Алкараз: Кога играм против врвни противници знам дека треба да сум најдобар

Шпанскиот тенисер Карлос Алкараз вчеравечер ја забележа првата победа на Завршниот АТП турнир во Торино. Победата над Русинот Андреј Рубљев значеше и задржување на шансите за пласман во полуфиналето.

Алкараз се надева на добра игра во третото коло против Александар Зверев.

- Кога играте против врвни играчи, знаете дека треба да го играте вашиот најдобар тенис, во спротивно ќе изгубите. Ова многу помага. Пред натпреварите со нив, треба да одлучите каква игра избирате, какви удари ќе користите. Тоа е тоа. Во тенисот, менталната игра е многу важна - начинот на кој зборувате со себе пред натпреварите. Кога имам натпревар против врвен играч, си велам дека сум подобар, ќе го играм мојот најдобар тенис и ќе дадам се за да го победам, истакна Алкараз.

По две кола во Б-групата, води Зверев со две победи, Каспер Руд и Алкараз имаат по една победа и еден пораз, Рубљев е последен со два загубени меча.

притисни ентер