Откако не беше усовен извештајот за работата на ова највисоко судско тело, по премиерот Христијан Мицкоски, денеска и собранискиот спикер Африм Гаши рече дека неусвојувањето на извештајот е основ пратениците да гласаат за разрешување и да изберат нови членови на Советот.
-Негативниот извештај за работата на Судскиот совет значи дека Собранието на некој начин ги отповикува и дека може да почне процедурата за нивно разрешување и назначување на нови. Процедурата е одредена во Деловникот. Во Комисијата за избори и именувања како биле назначени, така ќе бидат разрешени и така ќе оди повторното назначување на новите членови на Судскиот совет. Од Комисијата за избори и именувања ќе зависи кога ќе почне процедурата, на дневен ред ќе биде штом има услови за тоа прашање,- изјави – Африм Гаши – Претседател на Собрание.
Но пред да се оди на варијантата за нивно разрешување во Собрание, Гаши најави дека ќе се консултираат со Уставниот суд и експерти дали тоа би било противуставно или спротивно на закон. Дел од познавачите велат дека овој начин на разрешување би бил спорен со оглед дека постапката за престанок на функцијата и разрешувањето, која според уставот е уредена со закон. Во законот за Судски совет се утврдени основите за престанок на мандат и дисциплинските постапки, но ваков начин на разрешување не е предвиден. Но од друга страна пак поранешната судијка Вера Коцо вели дека неусвојувањето на извештајот е доволна основа пратениците да започнат постапка на членовите на Судскиот совет кои тие ги избрале.
-Ако се тргне од она што значи уставна определба односно оние функционери што се избрани од страна на Собранието, може да биде покрената постапка за нивно разрешување, односно да се покрене импичмент за секој или сите од нив ако најдат дека истите се одговорни во однос на она што била нивна надлежност во вршење на нивната работа. Исто така и во Законот за Судски совет пишува дека тие својот извештај за работата односно Судскиот совет за својата работа доставува извештај до собранието кое го разгледува тој извештај и врз основа на истиот може да оцени дали тие ја извршувале солидно нивната надлежност или пак имало некакви пропусти- изјави – Вера Коцо – Поранешен судија.
Од вкупно 15 членови во Судскиот совет од кои двајца, претседателот на Врховен суд и министерот за правда се по функција, осум члена судиите избираат сами, а петмина ги избира Собранието. Во овој состав на Советот тоа се доскорешната претседателка Весна Дамева и Селим Адеми, кои ги предложи екс претседателот Пендаровски, како и Павлина Црвенковска, Миљазим Мустафа и Тања Чачарова Илиевска, кои директно ги избра Собранието.