Обид за атентат врз словачкиот премиер Роберт Фицо, состојбата му е критична

Обид за атентат врз словачкиот премиер Роберт Фицо. Бил застрелан со неколку куршуми  додека се движел меѓу топла луѓе во градот Хандлова. 

Вооружениот напаѓач испукал неколку куршуми, од кои најмалку три завршиле во телото на словачкиот премиер. 59-годишниот Роберт Фицо се бори за живот по обидот за атентат што ја крена на нозе Словачка. Нападот се случил во градот Хандлова, 150 километри од Братислава додека Фицо се поздравувал со политички приврзаници по завршување на владин состанок.

Според медиумските извештаи, со повреди во стомакот, рацете и нозете Фицо со хеликоптер итно е пренесен на операција во блискиот град Банска Бистрица и е во критична состојба. Атентаторот, чиј идентитет не се открива е уапсен на самото место.

Неофицијално, се работело за 71-годишник од југот на земјата, кој пред да отвори оган наводно му довикнал со прекарот Робо и го повикал да дојде кај него.

Мотивите за нападот и профилот на напаѓачот не се познати.

Шокирана сум и сите сме шокирани за она што се случи со премиерот Фицо. Физичкиот напад врз премиерот не е само напад врз човек, туки и врз демократијата. Полицијата го уапси напаѓачот и ќе излезе со информации што е можно поскоро., изјави Зузана Чапутова претседателка на Словачка

Веста за обидот за атентат со неверување беше примена и на собраниска седница.

-Дами и господа, ја прекинувам седницата бидејќи имам информација дека е застрелан премиерот на Словачка. , изјави Лубос Блаха, потпретседател на словачкиот парламент

Брутален и кукавички – со вакви зборови осуди стигнуваат од сите страни на светот. Првите луѓе на Европската унија, Мишел и Фон дер лајен нападот го нарекоа ужасен и шокантен напад кој со ништо не може да биде оправдан. Пораки со осуда и со поддршка за Фицо упатија и Столетненберг, Шолц, Зеленски и дузина други лидери.

Фицо се смета за контроверзен популист, кој лани направи политички камбек и по четврти пат стана премиер и ја предводеше левичарската партија Смер. Од умерен политичар во минатото преку ноќ почна да застапува проруски и антизападни ставови. Вети дека на Украина нема да и испрати ни метак воена помош и ги критикуваше западните санкции кон Москва. Останува запаметен и како жесток противник на носењето маски и ковид-вакцините за време на пандемијата, како и жесток критичар на мигрантите и ЛГБТ заедницата.

Прва и веројатно последна претседателска дебата на Трамп и Харис пред изборите во САД

Воведната срдечност меѓу двајцата кандидати, кои досега никогаш не се сретнале, исчезна веднаш штом модараторите на „ABC News“ во Филаделфија ги отворија првите теми.

Прашањата за ограничувањето на абортусот, мигрантите и економијата доминираа во 90-те минути во кои Трамп и Харис се обидуваа да ги придобијат неодлучните граѓани на првото и веројатно последно соочување.

-Во Минесота таа излезе... Јас зборувам сега, ако не ви пречи, ве молам. Дали звучи познато? , рече Трамп, откако Харис се обиде да му „влета“ во збори.

Генералниот впечаток е дека демократската кандидатка беше поенергична и го примора Трамп да се брани. Неретко со потсмев ги следеше изјавите на републиканецот, приморувајќи го да се впушти и во бизарни тврдења, како она, за однесувањето на имигрантите од Хаити.

-Во Спрингфилд, тие ги јадат кучињата. Луѓето што доаѓаат, ги јадат мачките. Тие ги јадат милениците на луѓето што живеат таму. Ова се случува во нашата земја. Тоа е срамота. , рече Доналд Трамп, кандидат за претседател кај републиканците.

-Зборувате за екстремни работи.. Кога слушаме ваков вид реторика, кога не се решаваат прашањата што го засегаат американскиот народ, мислам дека изборот е јасен на овие избори. , рече Камала Харис, кандидатка за претседател на демократите.

Во однос на надворешната политика, Харис го бранеше правото на Израел да се брани во конфликтот во Газа, Трамп пак, потенцираше дека војната во Украина немало да се случи ако тој бил претседател. Не одговори дали сака Украина да победи во војната со Русија.

-Сакам војната да заврши. Сакам да спасам животи. Го знам Зеленски многу добро, го знам Путин многу добро. Имаме добри односи. Го почитуваат вашиот претседател, ме почитуваат мене, не гопочитуваат Бајден. Како можат да го почитуваат? Тој за две години не оствари ниту еден телефонски разговор со Путин. , рече Трамп.

-Ако Трамп беше претседател, Путин ќе седеше во Киев сега. Агендата на Путин не е само Украина. Разберете зошто европските сојузници и нашите сојузници во НАТО се толку благодарни што повеќе не сте претседател. Зошто мислите дека е пријателство со некој што е познат како диктатор, кој ќе ве изеде за ручек? , оцени Харис.

Проверката на фактите од страна на „BBC“ покажа дека и Трамп и Харис неколку пати изнеле неточни или непотврдени информации по прашањата за миграцијата, абортусот, невработеноста, инфлацијата. Од тимот на Трамп ги обвинија модараторите за пристрасност зашто за разлика од неговите, не ги оспориле ставовите презентирани од Харис, која денеска ја доби можеби најважната поддршка во пресрет на изборите за два месеца. Музичката мега ѕвезда Тејлор Свифт која има 280 милиони следбеници на Инстаграм соопшти дека ќе гласа за демократката, што според многумина, ќе значи регрутирање на милиони гласови на млади Американци на нејзино конто.

Истражувањето на „CNN“ покажа дека 63 наспрема 37 проценти од анкетираните се изјасниле дека Харис имала подобар настап од Трамп.

Владата преку посебна програма ќе наоѓа решение за т.н.„вишок на наставници“

Масовното иселување на населението доведува до вишок на наставници- стручен кадар.

Масовното иселување на населението доведува до вишок на наставници- стручен кадар кој преку едносменско работење, подолг престој во училиштата и нивно пренасочување во други образовни институции, ќе остане во образовниот процес- смета министерката за образование Весна Јаневска. Преку оваа стратегија таа вели дека освен што ќе биде искористен целокупниот фонд на наставници за учениците да се стекнуваат со повеќе општествено корисни знаења, ќе се потполни и недостатокот на човечки капацитети во останати образовни институции.

-Кога ќе направиме нормални паралелки, не паралелки од по 10 или 15 ученици, туку кога ќе ги сведеме на 20 ученици, наставникот што е вишок ќе продолжи да работи во втората половина на денот според програмата на училиштата, која опфаќа многу додатни предмети, изборни предмети, воннаставни активности, работа со деца кои имаат потешкотии во учење, работа со талентирани деца, дополнителна настава, додатна настава, општествено корисни работи,- - Весна Јаневска – министерка за образование и наука.

Дека демографските промени во земјата влијаат негативно врз образованието согласна е и претставничката на УНИЦЕФ во земјава Лесли Милер. Потенцирајки ги последните анализи на ПИСА кои покажуваат дека над 2/3 од учениците имаат лоши резултати во читање, математика и науки, како и дека македонските ученици имаат 900 часови поминати во учење помалку од просекот, таа смета дека е клучно да се направи реорганизација на ресурсите во образованието согласно моменталната демографска состојба во државата.

-Има многу можности за подобрување на ситуацијата со подобро користење на постоечките ресурси во земјата и во рамките на општините и со заедничко работење можеме да обезбедиме секое дете каде живее без разлика дали во урбана средина и оди во големо училиште или во училиште со неколку ученици да имаат сите деца можности за квалитетно образование,- - Лесли Милер – претставничка на УНИЦЕФ во Македонија.

Од МОН најавија дека преку проектот „Оптимизација на училиштата“ ќе се заложат во училиштата каде има десетина ученици да се припојат во централните училишта. Целта како што нагласија од министерството е учениците да се социјализираат и да се сместат во подобри услови, но и да се намалат трошоците за одржување на училишта кои немаат ефект врз образованието.

Работна средба на претседателот на Уставниот суд,и соработници на Федералниот суд на Германија

Претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски и судијката Татјана Васиќ-Бозаџиева денеска остварија работна средба со експерти-соработници на Федералниот Уставен суд на СР Германија. 

Во фокус на средбата беа темите за надлежностите на Уставниот суд на Република Македонија, актуелностите поврзани со работењето на Судот, како и новите одредби од Актот со кои се интервенира во начинот на работењето и обраќањето до Уставниот суд . Претставниците од СР Германија покажаа интерес за начинот на којшто се избираат уставни судии, за водењето на постапките и процедурата на решавање на предметите.

Беа разменети искуства од богатата уставно-судска пракса на Судот во СР Германија за заштитата на човековите права и правните механизми, како што е уставната тужба.

Претседателот Костадиновски ги информираше за приоритетите во неговиот мандат, со акцент на потребата од донесување на двотретински закон за Уставен суд, со што ќе се овозможи поголема самостојност и независност на Судот, воведување на уставна тужба и поголема транспарентност. Костадиновски ја истакна досегашната успешна соработка со реализираните проекти преку германската амбасада во земјава и меѓународните организации предводени од германски експерти.

Делегацијата од СР Германија е во состав од 25 судии, обвинители,проценители, советници кои се ангажирани како надворешни соработници на Федералниот Уставен суд, меѓу нив и ценетиот експерт за владеење на правото, Рајнхард Прибе.

притисни ентер