Нови одрони на патот Делчево - Македонска Каменица - Кочани, кај село Истибања

 Нова опасност за возачите кои патуваат по магистралата А3 и патот Делчево - Македонска Каменица - Кочани, откако утрово нови поголеми одрони се забележани во близина на село Истибања.

Паднатите карпите се наоѓааат на дел од коловозот, а сообраќајот засега се одвива по местото каде истите можат да се заобиколат, информираат возачи.

Од Макдонија Пат информираа дека нивни екипи со механизација веќе се упатени кон месноста Драките каде се наоѓаат одроните, се со цел истите да бидат отстранети.

- Се работи за поголеми карпи на терен кој е подложен на одрони и каде во минатото имаше и поголеми такви карпи, заради што возачите секогаш претпазливо се движат на оваа релација. Во очекување сме расчистувањето да заврши бргу и сообраќајот повторно да се одвива без проблеми по двете коловозни ленти, информираа од Македонија Пат.

Апелираа на почитување на сообраќајната сигнализација и приспособување на брзината пред самата делница.

- Се надеваме дека ќе се почитува апелот. Она што е важно е што, што не е забележана материјална штета или возила зафатени од одроните, додадоа од Македонија Пат.

Во изминатите неколку години овој патен правец често е подложен на паѓање на карпи заради што во неколку наврати истиот беше дополнително обезбедуван.

Дејан Цветковски нов директор на НУ Камерен оркестар на Битола

Димовски изјави дека промената на раководството е поради истечен мандат на досегашниот директор.

Националната установа Камерен оркестар на Битола информира дека од денеска нов директор на таа национална установа е Дејан Цветковски, вработен во установата, а досегашниот директор и диригент Владимир Димовски ќе продолжи да работи во оркестарот како надворешен соработник.

Во соопштение до јавноста, Димовски изјави дека промената на раководството е поради истечен мандат на досегашниот директор.

-Единаесет години се борев Камерен Оркестар на Битола да стане Национална Установа со свои вработени и пред две години тоа го постигнав. Многуте цели кои ги имав се остварија, а тоа се вработувањето на професионални музичари во оркестарот, потоа концерт со оркестарот во Виена, но и во Прага и Рим, како и други цели. Мојата соработка со НУ Камерен Оркестар на Битола ќе продолжи како и досега, се посочува меѓудругото во соопштение до јавноста од досегашниот директор Димовски, воедно вработен во Националната опера и балет.

Град Скопје поднесе 20 проекти на јавниот повик на Владата

 Град Скопје соопшти дека до Министерството за локална самоуправа ги има доставено проектите согласно објавениот јавен повик за поддршка од Владата.

Поднесени се 20 проекти во повеќе области со фокус на подобрување на јавниот превоз, развој на градската патна инфраструктура, противпожарната заштита, јавната хигиена, информациски технологии и дигитализација, како и од областа на културата.

- Во областа сообраќајот, Град Скопје ги поднесе проектите за 80 еколошки ЦНГ автобуси и 15 електрични автобуси. Во областа на противпожарната заштита, Град Скопје аплицираше за обезбедување финансиски средства за нови противпожарни возила. Во сферата на урбанизмот и развој на патната инфраструктура, аплицираше со проекти за реконструкција на улица Беласица, изградба на булевар Македонско Косовска Бригада од раскрсница со булевар Никола Карев до раскрсница со булевар Босна и Херцеговина, кружен тек на улица Ѓорче Петров со булевар Македонска војска, изградба на кружен тек на булевар Александар Македонски, изградба на кружни текови на булевар 12-та Македонска бригада, реконструкција на булевар Србија и проект за надградба на постојната градежна механизација, информираа денеска од Град Скопје.

Од областа на комуналните дејности, Град Скопје поднел проекти за зајакнување на капацитетите на јавните претпријатија Комунална хигиена и Паркови и зеленило, како и за реконструкција на стакленици за производство на садници. За секторот култура и спорт, Град Скопје аплицирал со проекти за реконструкција на Планетариумот и изведба и поставување на трим тартан атлетска патека по должината на кејот на реката Вардар.

Со цел имплементирање повисок степен на дигитализација и информациски технологии, Град Скопје поднел проект за LoRaWAN инфраструктура и за систем за паметно мерење и управување со електрична енергија на град Скопје.

- Во период кога Град Скопје се соочува со голем број предизвици, а наш приоритет е обезбедување квалитетни услуги и ефикасни решенија за граѓаните, се надеваме на успешна соработка со централната власт во насока на заедничка реализација на проектите со цел напредок на градот и подобар живот на граѓаните на нашето Скопје, велат од Градот.

Утре истекува рокот во којшто општините треба да го пополнат апликативниот формулар за јавниот повик за реализација на проекти во вкупна вредност од 250 милиони евра што го распиша Министерството за локална самоуправа.

Премиерот Христијан Мицкоски денеска рече дека очекува овој процес да заврши успешно.

- Во текот на вчерашниот ден имаше некаде околу 10 до 12 општини коишто веќе ги поднеле своите апликации. Очекувам денеска тој процес да забрза и утре да заврши успешно. Потоа следи евалуација на истите, да видиме со што располагаме и потоа започнуваме со реализација на ветеното, рече Мицкоски, одговарајќи на новинарски прашања по прес-конференцијата во Владата.

По добивање на апликативните формулари, почнува процесот на евалуација која се очекува да заврши во рок не подолг од 10 дена и врз основа на истата, ресорните министерства изготвуваат предлог одлука кои проекти ќе се финансираат од нивна област и таа предлог одлука се доставува на усвојување на владина седница.

Кремљ: Ќе реагираме на украинските напади на руско тло со американско оружје

 Кремљ денеска го најави рускиот „соодветен одговор“ доколку САД ѝ дозволат на Украина да удри длабоко во Русија со ракетните системи ATACM.

Запрашан дали САД ќе ги укинат ограничувањата за употребата на оружје со долг дострел од Украинаво војната против Русија, како што се ракетните системи ATACM, американскиот претседател Џо Бајден вчера рече дека неговата администрација „во моментов се занимава со тоа прашање“,

Украинскиот претседател Володимир Зеленски во неколку наврати го повика Западот да им дозволи на неговите сили да користат западно оружје со долг дострел за да ја нападнат Русија.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави за новинарите дека се чини дека Вашингтон веќе одлучил да и дозволи на Украина да користи оружје за далекуметни напади во Русија.

Вашингтон претходно се двоумеше да и достави на Украина оружје со долг дострел за напад на цели во Русија, плашејќи се дека таквиот потег би можел да го ескалира двеиполгодишниот конфликт.

притисни ентер