Нов документарен филм: Како Битлси ја освоија Америка во 1964 година

По големиот успех на документарните филмови за Битлси кои се емитуваа во изминатите години, оваа есен ќе пристигне уште еден, кој ќе го анализира нивниот пробив на американскиот пазар во февруари 1964 година.

На 29 ноември на платформата Дизни плус (Disney +) ќе се емитува документарниот филм „Битлси ’64“ (The Beatles ’64), кој го продуцираше легендарниот Мартин Скорсезе, а кој покрај новопронајдените снимки од тој период, ќе вклучува и интервјуа со преостанатите членови на групата Пол Макартни и Ринго Стар, како и разговори со оние на кои „инвазијата“ на англискиот бенд имала важно влијание во нивните животи.

Според објавите на социјалните мрежи, архивските материјали содржат реставрирани снимки од првиот настап на Битлси на американската телевизија, во емисијата „Шоуто на Ед Саливан“, како и снимки од 4К од првиот концерт во САД, одржан во Вашингтон на 11 февруари 1964 година.

Филмот го режираше Дејвид Тедеши, видеата ги средувало студиото WingNut Films, додека Џулс Мартин, син на продуцентот на најважните песни и албуми на Битлси, Џорџ Мартин, го ремиксирал звукот и ги прочистил старото аудио ленти./МИА

Претставен е скафандер за патување на Месечината, дизајнер е позната италијанска модна куќа

Италијанската модна куќа „Прада“ и компанијата „Аксиом Спејс“од Хјустон го претставија дизајнот на вселенските одела, т.е. на вселенскиот костум што ќе се користи за мисијата на НАСА „Артемис 3“, т.е. за патување на Месечината.

Оделото, кое е познато како „Axiom Extravehicular Mobility Unit“ (AxEMU), беше претставено на Меѓународниот астронаутички конгрес во Милано, а неговиот дизајн е комбинација на висока функционалност и естетика, бидејќи е неопходно да се прилагоди на суровата услови на Месечината, објави Ројтерс.

Оделото е дизајнирано да ги издржи екстремните температури на јужниот пол на Месечината и да функционира во студени области најмалку два часа. Астронаутите ќе можат да вршат вселенски прошетки во времетраење до осум часа во овој костум.

- Многу сум горд на резултатот што го презентираме денеска. Ова е само првиот чекор во долгогодишната соработка со компанијата „Axiom space“ – изјави главниот маркетинг менаџер на модната куќа „Прада“ Лоренцо Бертели.

Мисијата Артемис 3, која е планирана како прво слетување на астронаути на Месечината од 1972 година, е закажано за 2026 година.

Мистериозна смрт на британска двојка, чии голи тела биле најдени во изнајмена куќа во Солун

Телата на една постара британска двојка се пронајдени во куќата, која со години ја изнајмувале во северна Грција, откако неколку дена не биле видени во јавноста.

Голите тела на маж (74) и неговата сопруга (72) се пронајдени во саботата околу пладне во предградието на Солун, објави „Дејлимејл“.

Сопственикот на куќата, која парот ја изнајмувал во последните девет години, ги пронашол телата и веднаш ја известил полицијата. Локалните медиуми објавија дека сопственикот дошол да ги посети бидејќи не ги видел два месеци.

Телата наводно биле во фаза на напредно распаѓање, но, според грчките медиуми, немало траги на криминални активности.

Се верува дека прв починал сопругот, бидејќи бил пронајден гол во соба со затворена врата, додека неговата сопруга била пронајдена како лежи со лицето надолу во друга соба, облечена само во долна облека.

Полицијата на приземјето пронашла и плик со пари за покривање на киријата за октомври. Наредена е обдукција за да се утврдат точните причини за смртта.

Соседите изјавија дека двојката не била видена со денови и дека сопствениците ги опишале како „осамени луѓе“. Според непотврдени информации, сопругот страдал од алкохолизам, додека сопругата се борела со психички проблеми. Соседите исто така рекоа дека парот често се расправал меѓу себе.

Париз наскоро целосно ќе ги забрани дизел возилата, веќе е забранета продажбата на дизел гориво

Париз ја продолжува борбата против дизелите, забранувајќи ја продажбата на дизел на четири бензински пумпи како дел од пошироката стратегија за намалување на загадувањето во градот.

Оваа забрана, која стапи на сила на почетокот на октомври, ги опфаќа станиците Porte d'Orléans, Porte d'Aubervilliers, Porte de Clignancourt и Quai d'Issy-les-Moulineaux, кои се наоѓаат на периферијата и главните сообраќајници на Парискиот прстен.

Градоначалничката Ен Идалго од почетокот на својот мандат е фокусирана на намалување на доминацијата на автомобилите во Париз, особено на дизел возилата. Целта на овие мерки е да се поттикне транзицијата кон хибридни и електрични возила, но многу жители сè уште се зависни од дизелот поради финансиската непристапност на алтернативните возила.

Ова ги вклучува возилата на итните служби, кои сè уште се потпираат на дизел, што дополнително ја комплицира ситуацијата.

Додека TotalEnergies проценува дека забраната ќе доведе до пренасочување на голем број возила кон соседните станици, кои не се наменети за поголем проток на возила, тоа може да предизвика нов сообраќаен метеж на влезот во градот. Париз веќе има ленти за здружување на автомобили и ограничувања на брзината, а сега забраната за дизел се чини дека е уште еден чекор кон целосно отстранување на овие возила од главниот град.

Сепак, останува прашањето како оваа промена ќе се одрази на секојдневниот живот на граѓаните, особено на оние кои не можат да се префрлат на поеколошки возила.

притисни ентер