Николовски: Заплените се зголемени за 48 проценти

Изготвен е и нов Протокол со БЈБ за заедничко делување

Бројот на случаи на заплени во изминатите четири месеци е зголемен за 48 проценти, а соработката на национално и меѓународно ниво е значително унапредена. Изготвен е нов протокол со Бирото за јавна безбедност, а со поддршка на ОБСЕ, се со цел унапредување на меѓуинституционалното делување и жестока борба со сериозен криминал.

Ова е јасен показател за нашата посветеност во борбата против пролиферација на мало и лесно оружје, истакна директорот Бобан Николовски, на Конференција на високо ниво за соработка меѓу полицијата и царината за мало и лесно оружје и за криумчарење мигранти во Југоисточна Европа во организација на ОБСЕ.

На маргините на конференцијата директорот оствари средби и со претставници на CIVIPOL на којашто беше дискутирано за отпочнување на активности за вклучување на Царинската управа во заедничките центри за соработка со полицијата.

Директорот при обраќањето ја истакна и посветеноста за развој на К9 единицата како исклучителна важна за спречување на нелегалната трговија на мало и лесно оружје, при што ги поздрави активностите на ОБСЕ и донаторите за изградба на регионален К9 тренинг центар на МВР.

Од аспект на преземените активности во борбата со сериозен криминал директорот истакна дека зајакнати се и капацитетите на мобилните тимови.

Од први јули до 31 октомври мобилните тимови оствариле 85 заплени, споредбено со само 59 заплени во претходните седум месеци.

Доставен е и извештај за сериозен организиран криминал што ќе биде основа за анализа и изготвување нова Национална проценка за закани од областа на сериозен криминал.

Активностите што се преземаат за спречување на пролиферација на оружје, се согласно и со Стратегијата на Царинската управа за спречување на недозволена трговија со огнено оружје и муниција, како и Акциониот план во надлежност на Секторот за контрола и истраги.

Директорот на конференцијата го истакна значењето во спроведување ефикасни контроли како и континуираното вложување во развојот на човечкиот капитал како клучно во заложбите за жестока борба со сериозен криминал.

Кризата се влошува: Познатиот производител на автоделови затвора две фабрики

​Долго време беше синоним за германски квалитет.

Германскиот производител на автоделови „ZF“ е основан во 1915 година во Сарбрикен на езерото Констанца.

Долго време беше синоним за германскиот квалитет и првата инсталација, на пример, на менувач во автомобили како „BMW“.

„ZF“ е тешко погодена од кратењата на еден од своите најважни партнери, „Volkswagen“. Со намалената книга на нарачки, сега мора да отпушти меѓу 11.000 и 14.000 вработени, додека фабриката во Гелзенкирхен ќе се затвори на крајот на годината.

На други локации, каде што работат речиси 169.000 вработени во компанијата, постои голема грижа за иднината.

„ZF“, како и многу други компании од германската автомобилска индустрија, не ја следеше електрификацијата на автомобилската индустрија и сега има проблем поради тоа.

„Сè уште мислам дека имаме цврста основа врз која ќе ја градиме иднината“, вели Холгер Клајн, директорот на компанијата, но очигледно веќе никој не му верува.

Компанијата најави дека ќе затвори уште една фабрика во 2027 година. Се наоѓа во Еиторф во провинцијата Северна Рајна Вестфалија, пишува „Merkur.de“.

Извор: Б92

Шпанскиот премиер Санчез најави 10,6 милијарди евра помош за регионот погоден од поплавите

 Шпанскиот премиер Педро Санчез денеска најави итен план за помош во вредност од 10,6 милијарди евра за граѓаните и компаниите погодени од смртоносните поплави што го опустошија југоисточниот дел на земјата.

„Вкупните инвестиции од сите овие први мерки ќе надминат 10,6 милијарди евра“, рече социјалистичкиот премиер и презентираше низа мерки за помош, усвоени на владината седница.

Според последните податоци, во разорните поплави што пред една недела ја зафатија југоисточна Шпанија животот го загубија 218 луѓе, а уништен е огромен имот.

Премиерот рече дека во последните 72 часа, откако последен пат зборуваше со јавноста, бројот на војници и полицајци распоредени во подрачјата опустошени од поплавите се зголеми на речиси 15.000.

„Бројот на лица испратени од шпанската Влада, војници, припадници на националната полиција, цивилна гарда, се зголеми од 7.300 на 14.898, а им се придружија 287 шумски чувари, околу 100 цариници, како и 600 возила и специјализирани машини за испумпување, расчистување и снабдување на погодените подрачја“, рече премиерот.

Говорејќи за пакетот помош, премиерот рече дека тоа е само првиот чекор.

„Пакетот вклучува директна помош, како и фискални олеснувања за компаниите и поединците. Помош ќе добијат 65.000 работници и околу 30.000 компании“, рече Санчез.

Премиерот најави и кредитна линија од пет милијарди евра за мали и средни претпријатија, независни работници и семејства, според модел многу сличен на оној што се применуваше за време на пандемијата.

Владата денеска и официјално прогласи состојба на природна катастрофа во погодените подрачја и се обврза дека ќе покрие 100 отсто од трошоците што општините ги направија за расчистување на улиците и помагање на луѓето.

Покрај тие итни мерки, Санчез увери дека Владата работи на долгорочен план за реконструкција на погодените области, неопходен за прилагодување на областа кон климатските промени./МИА

Ирскиот премиер најави дека ќе распише парламентарни избори на крајот на месецот

Ирскиот премиер Сајмон Харис денеска изјави дека ќе распише општи избори подоцна оваа недела, кои најверојатно ќе се одржат на крајот на месецов.

Харис има рок до март да избере датум за гласање, но од минатиот месец го подготвува теренот за предвремени избори. Тогаш беше издвоен буџет од 10,5 милијарди евра, обезбеден како резултат на доброто управување со јавните финансии на државата, а голем дел од гласачите веќе почнаа да имаат корист од финансискиот пакет.

„Имам намера да побарам распуштање на парламентот оваа недела, мислам дека тоа нема да биде изненадување за никого низ целата земја“, изјави Харис.

„Прво треба да се справиме со задачите во следните неколку дена“, додаде тој, мислејќи на легислативата што владата бара да ја усвои во парламентот до четврток пред да го одреди датумот за изборите, кои се очекува да бидат закажани за 29 ноември.

Анкетата во неделата покажа дека партијата на Харис, Фина Гејл, добила 26 отсто од гласовите, а нејзиниот главен коалициски партнер, десноцентристичката Фина Фојл, 20 отсто. Според истражувањето, водечката опозициска партија Шин Фејн заостанува со 18 отсто од гласовите. /МИА

притисни ентер