Невладините реагираат дека буџетот за превенција од ХИВ е намален на 90 мил. денари

Платформата за ХИВ денеска пред владата на Македонија побараа зголемување на буџетот за лекување и превенција од овие болести.

Тие реагираат дека буџетот за превенција од ХИВ за 2025 година од 100 милиони денари е намален на 90 милиони. Проценките се дека се потребни 110 милиони за лекови за лицата кои живеат со ХИВ и минумум 21 милион за превентивните програми.

Андреј Сених од организацијата Заедно посилни вели дека доколку буџетот не се корегира, мерките за превенција целосно би се укинале, а нема да има доволно средства ниту за лекови за сегашните и идни пациенти кои се очекува да бидат дијагностицирани во текот на следната година.Со тоа, според него, нема да се заштеди туку лекувањето на лицата со ХИВ значително ќе го оптерети здравствениот систем.

-Ако се земе предвид бројот на направени тестови, граѓанските организации успеваат да дијагностицираат неколкупати повеќе случаи на ХИВ отколку целокупниот јавен и приватен здравствен сектор. Тоа кажува дека кога би инвестирале повеќе во овие програми и во мерките на тестирање на ниво на заедницата, би откриле повеќе лица со недијагностицирана инфекција, а тоа е патот да ставиме крај на епидемијата на ХИВ во земјата, бидејќи кога ги дијагностицираме лицата и тие почнуваат со терапија, вирусот веќе не може да се пренесува на друго лице, изјави Андреј Сених од Здружението Заедно посилни.

Влатко Деков од ХОПС вели дека во моментот околу 130 пациенти со ХИВ или 30% од пациентите примаат застарена терапија којашто веќе одамна не е препорачана од Светската здравствена организација и не е во употреба речиси никаде во нашиот регион, поради појавата на несакани дејства поврзани со централниот нервен систем, кои го попречуваат нивното секојдневно функционирање и го загрозуваат успешното лекување.

-Во Македонија веќе е докажана ефективноста на програмите за намалување на штети од употреба на дроги. Имено, од 1987 до 2023 година се регистрирани вкупно 632 случаи на ХИВ. Од нив само 12 се лица кои инјектирале дроги. Во последните 10 години, по отворањето и развивањето на поголемиот број програми за намалување на штети евидентиран е само 1 нов случај на ХИВ преку инјектирање на дроги. Токму поради овие програми Македонија успешно спречи епидемија кај луѓето кои инјектираат дроги, изјави Влатко Деков од Здружението ХОПС.

За министерот Таравари, кратењето на средствата не е толку големо, за да предизвика ваков револт кај граѓанските здруженија. Уверува дека буџетот за превенција и лекување од ХИВ може да се зголемува следните години.

За оваа година досега е потврден нов 51 случај. Во Македонија откако е регистриран првиот случај со ХИВ ОД 1987 година до денеска регистирани се 687 случаи, а 131 лице починало од СИДА

Според СЗО околу 39,9 милиони луѓе живеат со ХИВ на глобално ниво, а приближно 630.000 луѓе починале со ХИВ во 2023 година.

Истрагата покажа дека руската против воздушна одбрана го соборила авионот во Казахстан (ВИДЕО)

Прелиминарните резултати од истрагата потврдија дека азербејџанскиот патнички авион на компанијата АЗАЛ, кој вчера се урна во Казахстан, бил соборен од рускиот противвоздушен систем Панцир-С.

Овој шокантен инцидент предизвика сериозни реакции и го покрена прашањето за безбедноста на цивилниот воздушен сообраќај во близина на конфликтните зони.

Авионот Е-190, на компанијата АЗАЛ, кој летал на релација Баку - Грозни, бил погоден додека се приближувал до Грозни. Според порталот Caliber.az, рускиот систем Pancir-S истрелал проектил кон авионот, додека системите за електронско војување ги парализирале комуникациите на авионот. Како резултат на тоа, авионот исчезнал од радарите додека бил во рускиот воздушен простор и повторно се појавил над Каспиското Море.

Екипажот, дезориентиран од електронските пречки и оштетувањето на авионот, се обидел да го пренасочи леталото на безбедна дестинација. Аеродромот во Грозни одбил да го прими авионот, а слична ситуација имало и на аеродромите во Махачкала и Минерални Води. Авионот на крајот бил насочен кон Актау, Казахстан.

Видео снимката од внатрешноста на авионот покажува двајца патници повредени од шрапнели, додека очевидци пријавиле експлозии надвор од авионот. Се шпекулира дека целта била авионот да се урне во Каспиското Море, со што би биле елиминирани сите сведоци, но засега тоа останува непотврдена теорија.

Во моментот на инцидентот, руската противвоздушна одбрана била фокусирана на соборување на украински беспилотни летала кои, според Хамзат Кадиров, претседателот на Советот за безбедност на Чеченската Република, го нападнале Грозни утрото на 25 декември. Иако нема жртви или материјална штета, се поставува прашањето зошто руските власти не го затвориле воздушниот простор за цивилни летови, со што би се избегнала ваква трагедија.

За азербејџанската страна ситуацијата е јасна. Баку инсистира Русија официјално да ја признае одговорноста за соборувањето на авионот, да му се извини на народот на Азербејџан и да спроведе темелна истрага за да ги изведе одговорните пред лицето на правдата.

Иако руските власти директно не го коментирале инцидентот, шпекулациите за намерно прикривање ја разбрануваа меѓународната јавност. Во моментов, многу аналитичари ја доведуваат во прашање безбедноста на цивилниот воздушен сообраќај во конфликтните зони.

Овој инцидент укажува на итната потреба за подобра координација меѓу цивилните и воените власти во контролирањето на воздушниот простор, особено во близина на конфликтните области. Непочитувањето на меѓународните протоколи и непрогласувањето зона на забранети летови дополнително ги загрозува патниците и екипажот.

Македонците се повеќе купуваат на интернет

Се повеќе Македонци пазарат онлајн – покажуваат последните податоци на Државниот завод за статистика. 

Онлајн купувањето во изминатата година бележи раст од 10%, што во бројки би значело дека над 60 проценти од интернет корисници направиле барем една онлајн нарачка во последната година. Најмногу се купува облека и спортска опрема, потоа мебел, производи за домакинство, компјутери, мобилни телефони, козметика, испорака од ресторани, брза храна, додатоци во исхраната.. Сепак граѓаните кои ги анкетиравме велат дека преферираат купување на традиционалниот начин, во продавница, поради можноста да го увидат квалитетот на производот, а има и граѓани кои стравуваат од измами или дека нема да го добијат нарачаното.

- Не, не сум за онјалн пазарување јас сакам лично да го видам и да го допрам тоа што го купувам и сакам да осетам дали е квалитетно и дека е вредно.

- Не пазарам онлајн. Попрактично ми е да го видам производот вака во живо.

- Ми е непријатно да не згрешам, велат дека има доста грешки при купување на интернет. Измамени или да не погрешам да платам а да не го добијам тоа што го посакувам.

Од Асоцијацијата за е-трговија апелираат граѓаните да купуваат од регистрирани онјалн купувачи, за да избегнат сценарија во кои не би можеле да им бидат рефундирани средствата доколку не биле задоволни од производот.

- Измамите најчесто се всушност нарачки од не регистрирани ентитети кои се прават најчесто на социјални медиуми затоа ние секогаш апелираме граѓаните да внимаваат од каде нарачуваат, може да ги проверат податоците, дали станува збор за регистрирана е-продавница. Асоцијацијата за е-трговија има објавено регистар на сите е-продавници кои се регистрирани во земјава- Нина Ангеловска Станков – претседателка на Асоцијација за е-трговија.

Податоците покажуваат и дека зголемен е бројот на интернет корисници во земјава, па така за една година од 85 процентот пораснал на 91. Македонците интернетот го користат најмногу за соицијални мрежи, а преку нив испраќање пораки телефонирање и видео повици.. Зголемено е и користењето на интернет за пракање на е-маил, барање на информации за производи и услуги и користење на интернет банкарство.

Владата планира да ја догради жичницата на Водно

Ќе се гради втората фаза на жичницата во Скопје, најавија од Владата. 

Оттаму соопштија дека размислуваат за вакво нешто, и на тој начин, ќе треба да се спојат населбата Капиштец со Средно Водно.

Со изградбата на втората фаза на жичницата, главна цел е да се стигне до планината Водно без автомобил

Првиот човек на Службата за општи и заеднички работи на Владата, Ивица Томовски вели дека ќе се прават дополнителни анализи за исплатливоста на овој проект, но додаде дека целта е да се завршат крупните инвестиции.

Повеќе детали околу евентуални градежни активности на жичницата, Томовски најави кон средината на наредниот месец.

Инаку, жичницата беше изградена во време на претходната Влада на ВМРО-ДПМНЕ и беше пуштена во употреба во јуни 2011 година. Таа има 28 кабини со капацитет за осум лица, и две ВИП кабини за по четири лица.

Изградбата на жичницата ја изведе австриската фирма „Допелмаер“ и чинеше 6.7 милиони евра.

притисни ентер