Нова кривична пријава против екс директорот на Државна лотарија, Перпарим Барјами поднесе Управата за финансиска полиција, овојпат поради сомнителни тендери за набавка на телевизори и компјутерска опрема за Државната лотарија. Кривична пријава е поднесена и за сопственикот на фирмата „Ритон копи“ од Куманово која ги добила тендерите, како и за уште други двајца директори во лотарија кои се сомничат за злоупотреба на службената положба и овластување и за злоупотреба на постапката за јавни набавки. Постапувајки по кривичната пријава од Финансиската полиција, од ОЈО соопштија дека е поведена постапка против две физички и едно правно лице за чиј сопственик до судија за претходна постапка е доставено барање за определување на мерки на предпазливост - одземање на патната исправа и обврска повремено да се јавува во судот.
Првоосомничениот во периодот од 2022 до 2024 година одобрувал исплата по фактури со невистинита содржина за набавка на употребувани телевизори, принтери, компјутерска и комуникациска опрема за потребите на АД „Државна лотарија“. Фактурите ги издавал второпријавениот сопственик и управител на осомниченото правно лице, иако и двајцата биле свесни дека дел од опремата во фактурите не се испорачувала согласно предвиденото во склучените договори за јавни набавки. Предмет на проверки е целокупната постапка за доделување на шест јавни набавки на ваква опрема за „Државна лотарија“, од моментот на утврдување на техничките спецификации до реализацијата.
Во меѓувреме, истражувачката мрежа БИРН објави дека поранешниот вицепремиер Артан Груби нема албанско државјанство. За ова потврда добиле од кабинетот на Албанскиот претседател, односно дека немаат пронајдено никаков запис во тамошниот Службен весник дека Груби добил нивно државјанство.
Инаку, Груби во моментов се уште е недостапен на органите на прогонот, откако пред десет дена успеа да ја напушти државата. Кривичниот суд на 17 демекври одреди 30 дневен притвор за него, додека МВР веќе следниот ден распиша меѓународна потерница.