Нетанјаху: Израел го смени односот на силите на северот и има должност да му возврати на Иран

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека Израел го менува балансот на силите на северот и дека има „должност“ да му возврати на Иран и дека тоа ќе го направи, пренесе „Тајмс оф Израел“.

Нетанјаху беше дециден дека Израел ќе му возврати на Иран за нападот од вторникот со мад 180 балистички ракети.

-Иран двапати истрела стотици проектили на нашата територија и нашите градови - напади со балистички ракети се едни од најголемите во историјата. Израел има должност и право да се брани и да одговори на овие напади и ние ќе го сториме тоа, рече Нетанјаху во видео изјава.

Тој додаде дека израелската армија уништила голем дел од ракетните резерви на Хезболах, а сега ги уништува и тунелите на Хезболах во близина на границата со Израел.

Израелскиот премиер рече и дека иако армијата сè уште не ги отстранила заканите, „јасно е дека текот на војната е променет“./МИА

Гутереш побара прекин на „шокантното насилство и крвопролевање“ во Газа и Либан

Утре се навршува првата годишнина од нападот без преседан на Хамас врз Израел, по кој еврејската држава возврати и почна операции во Газа, каде што Хамас е на власт.

Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, повика на прекин на „шокантното насилство“ и „крвопролевање“ во Газа и Либан, пред првата годишнина од нападот на палестинскиот исламистички Хамас врз Израел што го предизвика жестокиот одговор на Израел и беше почеток на војната во Газа.

Утре се навршува првата годишнина од нападот без преседан на Хамас врз Израел, по кој еврејската држава возврати и почна операции во Газа, каде што Хамас е на власт.

Од пред две недели војната се прошири и во соседен Либан, каде ИДФ ги гаѓаат позициите на Хезболах, близок сојузник на Хамас.

„Утрешниот ден е можност меѓународната заедница уште еднаш гласно и силно да ги осуди грозоморните дејствија на Хамас, особено киднапирањето заложници“, рече Гутереш во вчера објавеното соопштение.

Гутереш побара „итно и безусловно ослободување“ на заложниците и го повика Хамас да му дозволи на Меѓународниот комитет на Црвениот крст да ги посети заложниците.

Достапните податоци велат дека од киднапираните 251 лице на 7 октомври, во моментов се верува дека во Газа се уште се наоѓаат 97, иако има стравувања дека во меѓувреме загинале уште најмалку 33 од нив.

„Од 7 октомври се прошири бранот шокантно насилство и крвопролевање. Време е да се ослободат заложниците... време е да се замолчат пушките. Време е да се стави крај на страдањата што го зафатија регионот“, наведе Гутереш.

Тој, исто така, изрази загриженост за конфликтот што се шири во Либан против Хезболах поддржан од Иран.

„Војната што следеше по ужасните напади пред една година уништи повеќе животи и предизвика тешки човечки страдања на Палестинците во Газа, а денес и на либанскиот народ“, рече Гутереш. /МИА

Над 1000 деца од Тетово уживаа во симфониската бајка „Петар и волкот“

 Националната установа „Музички Ансамбл” - Тетово во петокот имаше преполна сала за двете изведби на симфониската бајка „Петар и волкот“, на македонски и албански јазик. 

На овој начин го реализираше вториот проект од Годишната програма поддржана од Министерството за култура и туризам.

-Над илјада деца во Центарот за култура уживаа во маестралното дело на Сергеј Прокофјев, оркестрирано и диригирано од палката на Ангел Спировски и Агона Чупи, со нарација на Рахим Рамадани, во изведба на камерен оркестар, што предизвика позитивни реакции и овации од најмладата публика. На децата од Тетово потребни им се повеќе вакви настани кои им овозможуваат средба со нов свет кој допрва треба да го откријат. Задоволни сме од успешната изведба на двете претстави и реализацијата на проектот, истакна ВД директорот на НУ „Музички Ансамбл”-Тетово Ардиан Исмаили.

Тој посочи и дека преку вакви едукативни претстави не само што се негува најмладата публика, туку се влијаеме на нивниот развој и на нивниот вкус за уметноста.

-Децата беа воодушевени и среќни. Тоа е мотив плус да ги повторуваме ваквите настани и затоа работиме да ги има што повеќе во нашиот град. Атмосферата и енергијата за време на изведбата на симфониската бајка ја пренесе и диригентката Агона Чупи која на својот Фејсбук профил по завршувањето на настанот напиша: „1000 деца и неверојатна енергија. Едно од најубавите чувства”, посочи Исмаили.

Следен настан на репертоарот на НУ „Музички Ансамбл”- Тетово е Концерт на млади таленти, а до крај на година преостануваат уште проектите: „Концерт за ноемвриски празници” и „Концерт на популарна музика”.

ИДФ од ноќеска почна нова копнена операција во Џабалија, на северот на Газа

Израелската армија соопшти дека синоќа започнала нова копнена операција во областа Џабалија, на северот од Појасот Газа, јавија француските медиуми.

И покрај повеќемесечните жестоки воздушни напади, се верува дека палестински Хамас повторно ги зајакна своите борбени редови.

„Војниците од 401-та и 406-та бригада успеаја да ја опколат областа и во моментов ги продолжуваат операциите во секторот“, соопшти утринава армијата, пренесена од француските медиуми.

Израелските медиуми пренесуваат дека на оваа нова копнена операцијата и претходеле многу разузнавачки информации за оперативците и инфраструктурата на Хамас во Џабалија, каде биле забележени напори за прегрупирање на припадниците на екстремистичката организација.

Војниците на ИДФ влегоа во областа со поддршка на воздушни напади и артилериско гранатирање, гаѓајќи ги бројните локации на Хамас во Џабалија, вклучувајќи складишта за оружје, тунели, оперативни групи и друга инфраструктура.

Армијата најавува дека и оваа операција ќе продолжи се додека не се постигнат зацртаните цели.

Во меѓувреме, израелската армија соопшти дека ја проширува хуманитарната зона во јужниот дел на Газа како дел од подготовките за евакуација на цивилите од целиот северен дел на палестинската територија

Војската печати мапи за палестинските цивили за да ги обележи потенцијалните области за евакуација.

Покрај тоа, таа објави дека отвора две рути за евакуација за Палестинците долж патот Салах ал-Дин и покрај брегот на Средоземното Море. /МИА

притисни ентер