Намалена видливост на неколку патни правци

Намалена видливост поради појава на магла до 30 метри има на патниот правец Попова Шапка – Гајре – Тетово, до 150 метри на Плетвар, Кичево и Македонски Брод, од 50 до 100 метри во Крива Паланка и до 50 метри во Тетово – Групчин.

-Сообраќајот на државните патишта се одвива по наместа влажни коловози. Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини, од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата, информира АМСМ.

Од АМСМ препорачуваат прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има појава на утринска магла и можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево./МИА

Саудиска Арабија предупреди на економските последици од војната во Газа

Саудиските власти денеска повикаа на смирување на тензиите на Блискиот исток и предупредија на економските последици од војната во Појасот Газа, на отворањето на специјалната средба на Светскиот економски форум.

Дводневниот форум се одржува во Ријад во присуство на многу лидери и високи функционери, меѓу кои и американскиот државен секретар Ентони Блинкен, палестински претставници и високи дипломати вклучени во напорите за ставање крај на конфликтот меѓу Израел и палестинското движење Хамас.

-Војната во Газа, како и конфликтите во Украина и на други места, вршат „голем притисок“ врз економското опкружување, изјави саудискиот министер за финансии Мохамед ал Џадан.

- Израел не е претставен на состанокот, додека преговорите за примирје со посредство на САД, Катар и Египет се во тек на други места, но настанот ќе биде можност за разговори со клучните играчи, рече саудискиот министер.

Блинкен утре ќе пристигне во Ријад каде што ќе „разговара за тековните напори за постигнување прекин на огнот во Газа што овозможува ослободување на заложниците“, соопшти Стејт департментот.

Сајкоски: Патот Кичево – Демир Хисар – Битола ќе го завршиме

Сајкоски: Патот Кичево – Демир Хисар – Битола ќе го завршиме, а општина Демир Хисар ќе добие средства од предвидените 250 милиони евра за општините за да може да се развива

„Денес ни е потребно единство за да можеме да испорачаме резултати. Денес ни е потребно единство за да може да донесеме развој, единство на сите граѓани за да може да донесеме подобро образование, подобра инфраструктура, да донесеме надеж која е изгубена кај граѓаните, заеднички со вас може да го направиме тоа и оние кои гласале за другите политички партии и не верувале, но и сите оние кои останаа дома повикајте ги, денес на Македонија сте и потребни сите, денес за да формираме влада која треба да испорачува на македонските граѓани. Затоа па од денес па до 8 ми убедете што повеќе луѓе да донесеме огромна победа за ВМРО-ДПМНЕ и Македонија“, истакна носителот на ИЕ 5 од ВМРО-ДПМНЕ Ѓорѓија Сајкоски на денешниот митинг на ВМРО-ДПМНЕ во Демир Хисар.

Тој истакна дека знаат како ќе испорачаат она што го ветиле за сите населени места.

„Ние знаеме како и ќе испорачаме за сите населени места тука. Ќе испорачаме со изградба на инфраструктура и ќе го направиме патот Кичево – Демир Хисар – Битола. Ќе направиме голем дел проекти заедно со градоначалникот затоа што ветивме дека општините ќе добијат 250 милиони евра и Општина Демир Хисар ќе добие средства за да може да вложува во Демир Хисар да се развива“, вели Сајкоски.

Тој продолжи и додаде:

„Ветуваме бидејќи знаеме како и можеме да донесеме нови инвестиции тука и нови работни места. Ќе направиме подобро образование, ќе ја вратиме надежта кај сите и заедно ќе донесеме подобра Македонија, ние ви укажуваме и ветуваме и обрзвуваме дека ќе се зголемат пензиите со 5,000 денари и основицата на сите пензионери. Земјоделците вистински ќе добијат 180 милиони евра ќе донесеме раст и развој, ќе донесеме голема надеж за Македонија, македонскиот народ, македонските граѓани и сите граѓани кои живеат во Македонија“, дециден е Сајкоски.

Центар за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ

Фото: Буенос Аирес доби 60 годишна Мисица

Откако беше објавено дека Алехандра Мариса Родригез стана Мис Универзум Буенос Аирес Алехандра на 60 години, цел свет сега зборува за неа.

Убавата Алехандра по професија е новинарка и адвокатка. Таа ја освои титулата за најубава жена во милионскиот Буенос Аирес, со што се квалификуваше за натпреварот Мис Универзум Аргентина.

Алехандра доби можност да се натпреварува на изборот за Мис Универзум откако старосната граница, која беше во сила од 1958 година, беше укината на крајот на 2023 година. Тоа значеше дека изборот за Мис веќе не е резервиран само за девојки на возраст од 18 до 28 години. Според новиот закон сега се бара само учесничките во изборот да бидат полнолетни. Алехандра во новиот закон ја видела можноста за учество пријавила и на крајот победила многу помлади девојки.

Сега таа ја открива тајната на нејзиниот одличен изглед.

- Неопходно е да се живее здраво, да се јаде добро, да се занимаваш со физичка активност - изјави таа за локалната телевизија Ел Трече и додаде:

- Она што се трудам е да постам повремено, мислам дека многу помага. Потоа се трудам да јадам органска храна, многу овошје, многу зеленчук и користам добри креми.

притисни ентер