Најџел Хејс-Дејвис – МВП на 14. коло во Евролигата

Најџел Хејс-Дејвис е прогласен за најкорисен играч во 14. коло на Евролигата.

Кошаркарот на Фенербахче постигна 33 поени во победата над Реал Мадрид од 82:70. Тоа е втор најдобар резултат оваа сезона и втор најефикасен натпревар во кариерата на Хејс-Дејвис.

Најџел реализираше 6 од 9 двојки, 6 од 10 тројки и 3 од 4 слободни фрлања за 37:33 на теренот. Имаше и 4 скока и 2 украдени топки.

Американецот ја освои наградата МВП по четврти пат во кариерата. /МИА

Полициски час во Хомс, 14 сириски полицајци убиени во Тартус

Четиринаесет припадници на сириската полиција се убиени за време на судирите со силите лојални на поранешниот претседател Башар ал Асад во провинцијата Тартус, соопшти денеска преодната администрација.

Новиот сириски министер за внатрешни работи на Телеграм објави дека и 10 полицајци биле ранети од, како што ги нарече, „остатоци“ од владата на Асад во Тартус.

Тој додаде дека ќе се справи со секој кој ќе се осмели да ја поткопа безбедноста на Сирија или да ги загрози животите на нејзините граѓани. Сириската полиција воведе полициски час во текот на ноќта во градот Хомс, објавија државните медиуми, по немирите поврзани со протестите што жителите им ги припишуваат на припадниците на малцинските верски заедници.

Некои жители ги поврзуваат демонстрациите со притисок и насилство насочено во последните денови против припадниците на алавитското малцинство, секта која се смета за лојална на поранешниот претседател Башар ал Асад, кој беше соборен од сунитските исламистички бунтовници на 8 декември.

Помали демонстрации беа одржани и во други области во близина на сирискиот брег, каде што живее најголемиот дел од алавитското малцинство во земјата, вклучувајќи го и градот Тартус. Демонстрациите се одржаа околу времето кога на социјалните мрежи почнаа да кружат видео снимки од пожар во храм на алавити во градот Алепо, при што вооружени мажи влегуваа и позираа во близина на човечки тела.

Министерството за внатрешни работи на својот официјален профил на Телеграм објави дека видеото е од бунтовничката офанзива на Алепо кон крајот на ноември, а насилството го извршиле непознати групи.

Исто така, објави дека некои членови на поранешниот режим ги нападнале силите на Министерството за внатрешни работи во крајбрежниот регион на Сирија во средата, и дека нападот резултирал со неколку жртви и повредени.

Вива со новогодишна донација внесе празнична атмосфера во детските болници

Компанијата Вива внесе празнична магија во болничките ходници, со донација на новогодишни пакетчиња за најмладите пациенти во Универзитетската клиника за детски болести и Институтот за белодробни заболувања кај децата – Козле, во Скопје.

Овие моменти беа исполнети со искрена благодарност и возбуда. Насмевките на децата и нивните блескави очи се доказ дека малите гестови создаваат големи радости. Новогодишните пакетчиња, полни со внимателно избрани сокови и овошни каши направени од 100% овошје, беа мала, но значајна порака дека грижата за децата треба да биде врвен приоритет.

„Децата секогаш се во центарот на нашите активности. Како општествено одговорна компанија, се стремиме не само да ги израдуваме, туку и да ги едуцираме за здравите навики уште од најмала возраст. Затоа, производите во пакетчињата се 100% природни и содржат витамини и минерали, токму кога им се најпотребни на децата. Секое насмеано лице и секој момент на радост за нас е непроценлив, и со оваа донација сакавме да внесеме празничнаеуфорија во нивното секојдневие,“ велат од менаџментот на Вива.

Во годината кога Вива го одбележа својот 30-годишен јубилеј, оваа донација е уште еден доказ за посветеноста кон најмладите и придонесот кон пошироката заедница. Празниците се време кога најмногу се чувствува важноста на споделувањето и грижата за другите, а оваа иницијатива е потсетник дека радоста што ја даруваме е најубавиот подарок што можеме да го дадеме.

Холандија: Над половина од родителите сметаат дека е в ред децата да испијат малку алкохол

Над половина од родителите сметаат дека е в ред нивните деца да испијат малку алкохол за празниците.

Повеќе од половина од родителите во Холандија со деца на возраст од 16 или 17 години сметаат дека е прифатливо нивните тинејџери одвреме-навреме да испијат чаша алкохолен пијалак за време на празниците, според истражување спроведено од агенцијата „РТЛ њуз панел“ (RTL News Panel).

Испитувањето покажа дека 58 отсто од родителите веруваат дека е прифатливо нивните деца да се напијат малку алкохол при божиќните и новогодишните прослави, пишува „НЛ тајмс“ (NL Times).

Многу од родителите, патем, велат дека им е тешко да се одлучат за строга забрана за алкохол, според наводите, плашејќи се дека тоа може да доведе до тајно консумирање алкохол.

притисни ентер