Наградуваната претстава „Женидба“ од Гогољ во изведба на рускиот театар „У-моста“ утревечер на „Охридско лето“

Драмскиот дел од програмата на годинешното издание на фестивалот „Охридско лето“ продолжува утревечер, со изведбата на претставата „Женидба“ на Николај Василевич Гогољ, во режија на Сергеј Федотов, а во изведба на Театарот „У-моста“ од рускиот град Перм.

На денешната прес-конференција по повод гостувањето на театарот од Русија беше истакнато дека се работи за поставка што години наназад е не репертоарот на куќата, наградувана претстава, високоуметничка поставка за која секогаш се бара билет повеќе, за секоја нејзина изведба.

Директорот на театарот Сергеј Федотов рече дека тоа е мистичен театар, за кој критиката се изјаснила дека според приодот кон делата што се играат е единствен театар од тој вид во светот.

- Дека мистиката е тука потврда е што пред само три дена настапувавме во Иркутск, на брегот на Бајкалското Езеро, за сега да сме тука, повторно на едно прекрасно езеро, за кое самите актери велат дека е поубаво од Бајкалот, изјави Федотов.

Тој забележа дека настапот на „Охридско лето“ е совршениот завршеток на нивната годишна турнеја во чии рамки настапуваа на фестивали во Калининград, Витебск, две изведби во Литванија и во Иркутск, Русија.
За самата претстава „Женидба“ Федотов рече дека во процесот на поставувањето дошле до сознание дека во претставата постои ѓавол, за сепак на крајот да победи човекот.

- Претставата е топла, свртена кон човекот. Поинаквиот пристап кон поставката ни дозволува од претставата да создадеме комедија, за која публиката и критиката оценува дека се работи за сосема невообичаен израз, нешто невидено, истакна Федотов кој е и режисер на „Женидба“.

Главниот актер во претставата, Ирина Молианова, рече дека ова и е најомилена претстава, а улогата што ја толкува ја поситоветува како духовно прочистување.

- Тука целосно се предавам во улогата, два часа духовно прочистување, што ги користам за целосно да му се предадам на Бога, изјави таа.

Инаку, за популарноста на „Женидба“ беше истакнато дека независно што повеќе од 20 години е на програмата на „У-моста“, секоја нејзина изведба е целосно распродадена, понекогаш изведувана во Перм и по четири пати дневно.

„Женидба“ ќе се игра утревечер на прекрасната сцена во Предворјето на црквата „Св. Софија“ со почеток во стандардниот термин од 21 часот./МИА.

ЕУ го заостри визниот режим со Етиопија поради „несоработка“ во реадмисијата на азиланти

Советот на ЕУ денеска реши времено да суспендира одредени одредби од одлуката со кој се регулира издавањето визи за државјаните на Етиопија.  

Со денешната одлука се укинува ослободувањето од обврската за поднесување на доказите што треба да ги достават апликантите за виза, се забранува издавањето на повеќекратни визи и се укинува ослободувањето од обврската за плаќање визната такса за имателите на дипломатски и службени пасоши.

Дополнително, како што јави дописникот на МИА од Брисел, рокот за одговор на поднесената апликација за виза се продолжува од досегашните 15 на 45 календарски дена.

Ваквата одлука на Советот на ЕУ е донесена врз основа на оценката на Еврокомисијата дека „соработката на Етиопија на полето на реадмисија на нејзините државјани кои илегално престојуваат во ЕУ е недоволна“.

Според ЕК, има недостиг на одговори од страна на етиопските власти во однос на барањата за реадмисија и постојат потешкотии со издавањето на итни патни документи и со организација на враќањето на одбиените баратели на азил.

Одлуката за суспензија е привремена, но нема конкретен краен рок на нејзината важност, туку тој ќе зависи од понатамошната оценка на Комисијата за постигнатиот напредок во соработката за реадмисија од страна на Етиопија.

Европската комисија редовно ја оценува соработката на трети земји во процесот на реадмисија на илегалните мигранти и одбиените баратели на азил. Врз основа на овие оценки, ЕК може да заклучи дека соработката на одредена трета земја при реадмисијата е „недоволна“ и може да ја суспендира одлуката за визна либерализација или да го заостри постојниот режим за издавање визи.

Во случајот на Етиопија, Еврокомисијата процени дека има „особено ниска стапка на реадмисија“ и се издадени мал бројот на патни документи врз основа на барањата за враќање на етиопските државјани во нивната матична земји, што во целост е оценето како „ниско ниво на соработка“. /МИА

Иран ги отфрли шпекулациите дека соработува со Северна Кореја во врска со нуклеарни прашања

Иранското Министерство за надворешни работи денеска по пристигнувањето на севернокорејската деловна делегација во Техеран, ги отфрли шпекулациите за соработка со Пјонгјанг во врска со нуклеарни прашања.

„Делегацијата, предводена од министерот за надворешни економски односи Јун Јонг Хо, отпатува во иранската престолнина минатата недела на економска конференција. Секоја поврзаност со соработка за нуклеарни прашања е „неоснована“, рече портпаролот на Министерството за надворешни работи, Насер Канаани.

Во Јужна Кореја имаше шпекулации дека за време на посетата може да се разговара за воена соработка меѓу Северна Кореја и Иран.

Двете земји - и двете се соочија со строги меѓународни санкции и изолација на дипломатската сцена поради нивните нуклеарни активности - постојано беа обвинувани за активна соработка, особено во областа на ракетната технологија.

Контроверзната иранска нуклеарна програма е предмет на обновен интерес во последните месеци по избувнувањето на војната во Газа. /МИА

Сиднеј: Тинејџери планирале да купат оружје и да ги напаѓаат Евреите

 Група тинејџери планирале да набават оружје и да нападнат Евреи само неколку дена по нападот врз епископот на Асирската православна црква во Сиднеј, покажа полициската истрага, објавија денеска австралиските локални медиуми.

Петмина тинејџери, на возраст од 14 до 17 години, во четвртокот беа обвинети пред судот во Сиднеј за низа прекршоци, вклучително и заговор за учество или планирање терористички чин.

Полицијата соопшти дека сите тие „се придржувале до религиозно мотивирана, насилна екстремистичка идеологија“ и биле дел од мрежата во која беше и 16-годишно момче обвинето за прободување на епископот на Асирската православна црква Мар Мари Емануел на 15 април.

Според полициските информации доставени до Детскиот суд во Сиднеј, двајцата обвинети разговарале за купување оружје на 19 април, истиот ден кога е обвинет наводниот напаѓач на бискупот, објави весникот News Corp Australia.

Одделот за односи со јавноста на полицијата на Нов Јужен Велс денеска за Асошиетед прес изјави дека не може да ја потврди точноста на извештајот.

Родителите на момчето во интервју за австралиските медиуми изјавиле дека нивниот син бил насилен и дека се сомневаат дека има нарушување од спектарот на аутизам, но додале дека тој не е терорист.

Еј-Би-Си објави дека на нивниот син му се допаѓаат онлајн видеата на основачот на Ал Каеда, Осама бин Ладен, а сликата на профилот на момчето Вотсап е слика на самиот Бин Ладен. /МИА

притисни ентер