Момче падна од 40 метри висок гребен во Италија- пријателите немоќно гледале (ВИДЕО)

Момче (14) од Арика, Италија, доживеа трагична судбина кога со другарите го посети езерото Неми, не сфаќајќи дека ќе падне од дрво по стрмна карпа од 40 метри и ќе загине.

Тој наводно се одвоил од својата група пријатели и се обидел да стигне до највисоката точка на Виа Перино, но гранката од дрвото на која се качувал се скршила и момчето се превртело врз карпата, објави Мирор.

Тинејџерот паѓал над 30 метри, а неговите пријатели беспомошно гледале и веднаш го вклучиле алармот.

Пожарникарите од Неми и карабинерите веднаш пристигнале на местото на настанот, но не можеле ништо да му направат на момчето, освен да констатираат смрт.

Телото е пренесено во болницата Кастели во Арикио, а потоа во Институтот за судска медицина во Рим.

Во Франција и утринава нарушен железничкиот сообраќај

Одредени возови во Франција и денеска беа во прекин, еден ден по „масовниот и добро подготвен“ напад врз мрежата на брзите возови (ТГВ), извршен неколку часа пред церемонијата на отворање на Олимписките игри (ОИ) во Париз.

Состојбата се подобрува, но железничкиот сообраќај и денеска ќе биде нарушен, со доцнење на возовите од најмалку еден час.

Француската железница СНЦФ синоќа соопшти дека ќе биде обезбеден превоз за олимписките спортисти и нивниот персонал.

Неколку пожари избувнаа ноќта меѓу четвртокот и петокот на мрежата на ТГВ. Пресечени и запалени се некои кабли, а запалени се и сигнални кутии. Таа опрема покрај специјалната пруга за тој тип возови дава безбедносни информации за машиновозачите.

СНЦФ го означи нападот како саботажа, а париското обвинителство отвори истрага.

Нападот се случил неколку часа пред церемонијата на отворање на Олимпијадата, во време кога многу патници планирале да патуваат во Париз.

За време на викендот околу 800.000 патници ќе бидат погодени од нарушениот железнички сообраќај, кој е омилено и најпрактично превозно средство за Французите.

Мултимедијален перформанс „Во моите чевли“ на Скопско лето

 Во рамки на јубилејното 45. издание на манифестацијата „Скопско лето“, вечерва ќе се одржи мултимедијален перформанс „Во моите чевли“ во Сули ан, со почеток во 20:30 часот.

Автор и изведувач на проектот е Јована Зајкова, додека костимограф е Соња Геговска – Зајкова.

- Заедно со изведувачот, публиката патува низ палета на различни чевли, кои претставуваат различни карактери, предизвици и гледишта, во внимателен хармонично-хаотичен свет. Оваа приказна во себе содржи многу хумор и дури може да наликува на перформанс наменет за деца. Сепак, во овој лесен и шеговит пристап се крие многу силна порака за отворање на срцето, живеење на животот до максимум и пронаоѓање на убавината во тешкотиите на животот, велат од Дирекцијата за култура и уметност - Скопје.

Авторот и изведувачоте на проектот, Јована Зајкова е професионален танчар и кореограф. Таа ги завршува додипломските студии при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип во 2020 г., каде што се здобива со диплома за современ танчар под менторство на проф. д-р Рисима Рисимкин. Во тек на студиите Јована стажира како дел од Скопје Танцовиот Театар и учествува во голем број изведби на фестивали во земјата и надвор. Таа се појавува како кореограф и изведувач на повеќе авторски проекти, меѓу кои: „Парадоксот на Диоген“, „УПМ“, „Јовано, Јованке“, „Самовили и демони“. Во 2023 г. Јована го кореографира солото „Во моите чевли“ со кое настапува на фестивали во Полска, Србија, Белгија, Германија и Хрватска. Покрај работа како професионален танчар на сцена, во музички спотови и реклами, Јована држи часови по танц и работилници за деца и возрасни.

Претседателката на албанскиот Парламент, Линдита Никола, поднесе оставка од функцијата

Претседателката на албанскиот Парламент, Линдита Никола, доцна синоќа поднесе оставка од функцијата.

Таа самата ја соопшти веста додека зборуваше во Собранието, откривајќи дека причината за оваа оставка е поврзана со нејзината здравствена состојба.

- Почитувани колеги од парламентарното мнозинство и почитувани колеги од парламентарната опозиција. Овде денеска завршува мојот 3-годишен ангажман на чело на Собранието. Поради мојата здравствена состојба, не можам да ја извршувам високата должност на вториот државен функционер на државата, со потребната посветеност што ја повлекува оваа должност, рече Никола од собраниската говорница.

Секојдневно, додаде, се трудев да дадам се од себе за да се обезбеди непречено одвивање на работата во оваа сала.

- Ако некому сум оставила поинаков впечаток, го уверувам дека тоа не ми била намерата. Ако сум згрешила, не сакајќи, се извинувам. Кон сите го имам убавото чувство на почит што сите ми ја упатувате. Ви благодарам на сите, посочи таа.

Линдита Никола(59) е позната универзитетска професорка. Пред да биде избрана за парламентарец таа беше министерка за образование.

притисни ентер