МНР на Бугарија уште еднаш ја отфрли понудата на Орбан

Нема да влегуваме во стапиците на Бугарија која е во предизборие, сакаме достоинствено решение со почитување на меѓународните стандарди - изјави Мицкоски.

Нема да влегуваме во стапиците на Бугарија која е во предизборие, сакаме достоинствено решение со почитување на меѓународните стандарди - изјави премиерот Христијан Мицкоски, по пораката од бугарското МНР дека евроинтеграциите се по заслуга и не е дозволено посредништво меѓу унијата и земја кандидат. Тој повтори дека Македонија е подготвена за дијалог со соседите со цел да се најде заеднички јазик без ултиматуми, сега вели дека се чека сигнал од другата страна.

-Бугарија, бугарската Влада, бугарскиот претседател и политичари сакаат сега да ја вовлечат темата Македонија таму во нивното предизборие. Јас сум го кажал тоа повеќе пати, ние нема да бидеме наивни и да влегуваме во такви замки. Имаме наш интерес и наша цел и сакаме да чекориме цврсто кон реализирање на тој наш интерес и нашата цел. Што се однесува до разговорите со нашиот источен сосед ние сме подготвени кога сакаат и врз основа на која платформа или план сакааат да седнеме да разговараме и да најдеме решение и нормално, да ги почитуваме меѓународните стандарди.- Христијан Мицкоски – премиер на Македонија

Од бугарското министерство за надворешни работи вчера реагираа преку соопштение, дека македонските власти го доведувале во прашање принципот на почитување на договорите, а меѓудругото уште еднаш ја отфрлија понудата на унгарскиот премиер Орбан кој неодамна рече дека е подготвен во име на земја-претседавач со ЕУ да посредува меѓу двете држави.

Од друга страна, на домашен терен опозициската СДСМ од власта бара затворена собраниска седница во врска со понатамошните чекори во евроинтеграциите, за која премиерот Мицкоски рече дека ќе анализираат па ќе дадат одговор.

Лидерот на австриската екстремна десница бара да формира влада како релативен победник

Кикл, повика другите партии да прифатат дека тој треба да ја води владата.

Лидерот на австриската крајнодесничарска партија Слободарска партија (ФПО), Херберт Кикл, повика другите партии да прифатат дека тој треба да ја води владата, поради тоа што неговата евроскептична и проруска партија освои околу 29 проценти од гласовите на последните парламентарни избори.

На партијата сè уште и недостасува мнозинство, што значи дека ќе треба да состави коалиција за да го има мнозинството места во парламентот и да формира стабилна влада. Единствената партија што ја остави вратата отворена за коалиција, владејачката конзервативна Австриска народна партија (ОВП), ја отфрли можноста за влез во влада во која ќе биде вклучен и лично Кикл.

Претседателот на Австрија, Александер Ван дер Белен, започна индивидуални средби со лидерите на партиите.

- Верувам дека коалиција на губитници би била апсолутно фатален сигнал за гласачите, им рече Кикл на новинарите по средбата со претседателот Александар Ван дер Белен, додавајќи дека тоа би била „шлаканица“ за електоратот.

Тој ја повтори својата порака од изборната ноќ дека раката на неговата партија е подадена на четирите други парламентарни партии и дека верува дека гласачите му дале мандат на ФПО да владее. ОВП е во позиција да одлучи дали да обезбеди мнозинство за ФПО како помал партнер во владејачката коалиција или да води посебна, тринасочна коалиција со социјалдемократите (SPÖ) и друга помала партија. /MИА

Иран бара зголемена разузнавачка соработка со Русија пред можната одмазда на Израел

Иран побара зголемена сателитско-разузнавачка соработка со Русија, со цел да добие рано предупредување за можен израелски одмазднички напад, според двајца ирански функционери, пренесува ХРТ.

Иранските ракетни сили и противвоздушната одбрана се во состојба на висока готовност за одбрана од потенцијален заеднички напад на САД и Израел, и се подготвени да одговорат на таков напад.

Се претпоставува дека, доколку дојде до напад, Иран би можел да нападне американски воени бази низ целиот Блиски Исток, додека дополнителни танкери за гориво, придружувани од F-22, F-16 и F-15E авиони, веќе се распоредени во регионот, известуваат набљудувачи./МИА

Пакистан: Уапсен близок соработник на Имран Кан

Пакистанската полиција го уапси главниот помошник на претворениот поранешен премиер Имран Кан, Али Амин Гандапур, јави локалната телевизија Гео Њуз, повикувајќи се на добро информирани извори.

Властите сè уште не ја потврдиле официјално веста за апсењето.

Гандапур, кој е начелник на северозападната провинција Кибер-Пахтунква, предводел конвој на приврзаници на Кан кон главниот град Исламабад, при што дошло до судир со пакистанската полиција.

Поранешниот премиер Имран Кан е во затвор повеќе од една година поради обвиненија за корупција и непријавување на државни подароци, потсетува Би-Би-Си.

притисни ентер