Мицкоски: Регионалната иницијатива „Отворен Балкан“ е платформа за поврзување со светот

Овој настан е доказ за моќта на соработката, визијата и посветеноста што нашите земји ја имаат кон унапредувањето на економските врски, културната размена и туристичката промоција. 

Регионалната иницијатива создава можности што го поврзуваат нашиот регион со светот и токму оваа платформа е пример како традицијата и иновацијата можат да одат рака под рака, порача попладнево премиерот Христијан Мицкоски, на отворањето на меѓународниот саем за вино, храна, ракија и туризам „Винска визија на Отворен Балкан“ во Белград.

Виното, посочи премиерот, како културно наследство на овој дел од Европа, е многу повеќе од производ - тоа е симбол на нашата историја, земја и труд, но и мост меѓу луѓето, градејќи разбирање и пријателства.

Горд сум што денес, овде во Белград, можеме да ги претставиме достигнувањата на македонската винска индустрија која без сомнение се вбројува помеѓу најразвиените во регионот. Македонија има повеќе од 28.000 хектари лозови насади, а годишно произведуваме околу 100 милиони литри вино, од кои речиси 70 проценти се извезуваат во над 40 земји низ светот. Нашите лозја, кои се простираат низ региони како Тиквеш, Повардарие и Пелагонија, се меѓу најсончевите во Европа, со над 270 сончеви денови годишно, што придонесува за квалитетот на грозјето. Особено сме горди на нашите автохтони сорти, како што се вранец и станушина, кои стануваат препознатливи брендови на меѓународната сцена, рече премиерот Мицкоски.

Потенцираше дека во споредба со соседните земји, Македонија се издвојува по балансот меѓу количината и квалитетот на произведеното вино.

- Според податоците, 50 проценти од произведеното македонско вино е со ознака за географско потекло, што ја истакнува нашата посветеност на врвниот квалитет. Дополнително, секторот за вино придонесува со 3 отсто од вкупниот БДП на земјата, обезбедувајќи работа за над 20.000 луѓе, од лозарите до винарите и извозниците. Со ова, Македонија станува водечки извозник на вино во регионот според бројот на литри по глава на жител, рече Мицкоски.

Изрази надеж дека овој настан ќе ја зајакне нашата винска индустрија и ќе отвори нови пазари и можности за сите учесници.

Саемот „Wine Vision by Open Balkan“ не е само место за изложување и дегустација, туку и форум за дискусија, образование и соработка што ќе донесе долгорочни придобивки. Сигурен сум дека заедничкиот успех што ќе го споделиме овде ќе биде само почеток на уште поголеми достигнувања во иднина, дополни премиерот.

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, ја поздрави иницијативата истакнувајќи дека е важно да се поврзуваме и сподели дека е горд на сите што се вклучени во организацијата, додека премиерот на Република Албанија, Еди Рама, во видео обраќање истакна дека платформата е добар начин за спојување и презентација на најдоброто од земјите.

- Албанија е горда за придонесот во овој регион. Веруваме дека заедно со соседите од Балканот можеме да постигнеме повеќе, отколку сами, рече Рама.

Во рамки на посетата на Србија по повод учеството на Саемот Мицкоски денеска имаше тет-атет средби со Вучиќ и со српскиот премиер Милош Вучевиќ.

Во состав на македонската делегација на саемот се и Љупчо Димовски заменик-претседател на владата за политички систем, Иван Стоилковиќ, заменик-претседател на владата и министер за односи меѓу заедниците, Игор Јанушев, генерален секретар на владата на Македонија, Зоран Љутков, министер за култура и туризам, Цветан Трипуновски, министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, Горан Минчев, министер за јавна администрација и Максим Димитриевски, градоначалник на Општина Куманово.

Мицкоски и македонскиот амбасадор во Србија, Никола Тупанчевски вечерва ќе имаат обраќања на македонската вечер што ќе се одржи во хотелот Хајат.

На третиот меѓународен саем за вино, храна, ракија и туризам „Винска визија на Отворен Балкан“ што се одржува во Белград од 22-24 ноември ќе бидат претставени 650 изложувачи од 37 земји. Покрај тоа, посетителите ќе можат да уживаат и во Гастро театарот - презентација на најдобрите ресторани и хотели од Србија, Македонија и Албанија, каде што ќе се подготви комплет мени од три јадења во комбинација со вина избрани од најдобрите сомелиери од Србија. Оваа година од Северна Македонија на саемот во Белград ќе учествуваат 80 винарии и дестилерии, 6 изложувачи на храна и ресторан со 3 готвачи.

Еден од најатрактивните сегменти на саемот ќе биде доделувањето на „ Винскиот трофеј на Отворен Балкан“, што ќе се одржи на 23 ноември. Тогаш ќе бидат прогласени најдобрите вина на фестивалот, а жирито составено од 26 меѓународни вински експерти, меѓу кои и шестмина носители на титулата „Мастер на виното“, ќе оцени речиси 1.000 примероци вино.

Ќе се оценуваат вината од Србија, Македонија, Албанија и други балкански земји, а најдобрите примероци ќе бидат наградени со златни, сребрени и бронзени медали. Исто така, за вината на членовите на Иницијативата Отворен Балкан ќе бидат доделени национални

Гости на Белград ќе бидат и лидерите на кулинарската и прехранбената индустрија: британскиот готвач и амбасадор на британската кујна Алан Коксон, главниот готвач и сомелиер Драган Униќ, вториот потпретседател на Светската асоцијација на мајстори на готвачи Даниел Ајтон, познатиот италијански готвач Џанлука Томази, како и директорот на Кулинарската олимпијада Даниел Шаде.

Централното место на Белградскиот саем ќе го заземе заедничкиот штанд на трите национални туристички организации на земјите од Отворен Балкан, каде заеднички ќе ја презентираат туристичката понуда и културното наследство на сите три земји.

Орбан: Сериозно сфатете ја нуклеарната закана на Путин, тоа не е трик

Унгарскиот премиер Виктор Орбан, еден од ретките европски лидери кој е во добри односи со рускиот претседател Владимир Путин, вели дека Западот треба сериозно да ги сфати заканите на рускиот лидер.

„Сакам само да кажам дека кога Русите ги менуваат правилата за користење на нивниот нуклеарен арсенал, она што се нарекува нуклеарна доктрина, тоа не е комуникациски блеф“, рече тој, мислејќи на промените што Путин ги потпиша неделава, објави Гардијан.

„Тоа не е трик. Доктрината е изменета и ќе има последици“, рече тој.

Унгарија е меѓу неколкуте европски нации кои силно го поддржуваат режимот на Владимир Путин во Русија. Владата на Орбан постојано се противи на санкциите против Русија, со што ги фрустрира Европската унија и НАТО. Унгарија исто така се противи на помагање на Украина и на идејата Украина да се приклучи на ЕУ и НАТО.

Холандската полиција пронашла џуџе за во градина, направено од екстази (ФОТО)

Холандската полиција пронашла градинарско џуџе направено од два килограми МДМА, синтетичка психоактивна дрога позната и како екстази.

Градинарското џуџе тешко речиси два килограми е пронајден со куп други наркотици, соопшти денеска полицијата на Фејсбук.

„Само по себе е чудно место за чување градинарски гном, поради што решивме да го тестираме за дрога“, се вели во статусот.

Полицијата не објавила каде и кога бил откриен градинарскиот гном, но велат дека станува збор за „специјално“ откритие.

„Овој градинарски гном тежок речиси 2 килограми е направен од МДМА! Самиот гном бил видно шокиран од тоа...“, пишува полицијата.

Холандските медиуми јавуваат дека не се знае дали осомничените се уапсени. Полицијата не открива колку вкупно дрога е откриена.

Снимка од јапонски келнери го воодушеви сите, работат од дома (ВИДЕО)

Пандемијата на корона донесе бројни промени во светот, а една од нив е работата од дома.

На почетокот, луѓето беа принудени да бидат продуктивни поради безбедноста на нивните четири ѕида, но многумина ја задржаа оваа практика до ден-денес.

Уште порано се зборуваше за професии кои можат да се вршат „од далечина“, како оние од ИТ секторот, но веруваме дека на никој не му паднало на памет кога станува збор за келнери.

А како би реагирале кога би дознале дека е можно да се работи „од далечина“ и во угостителството? Знаеме дека звучи неверојатно, но видео од јапонско кафуле објаснува сѐ.

На страницата на Инстаграм @ksouchh објавено е видео од токиското кафуле „Аватар роботи“ кое нѐ потсетува на научно-фантастични филмови. Младиот човек нарачал пијалок и го послужил робот. Но, тоа не е крајот!

Вработена келнерка која седи дома и ја работи својата работа, зборува преку споменатиот робот. Во разговор со клиентот, таа откри дека живее во блискиот град Саитама.

„Не можам да излезам поради болест, па работам на овој начин“, рекла љубезната жена.

Гледачите беа воодушевени од видеото и истакнаа дека ова е „вистинскиот начин“ да се користи модерната технологија - да се помага, а не да се заменат луѓето.

притисни ентер