Мелник од ШК Мулти Есенс стигна до делба на шестото место на Светското првенство за слепи лица

Членот на ШК Мулти Есенс, Стефан Мелник, со делба на шестото место го заврши настапот на Светското индивидуално првенство во шах за слабовидни и слепи лица, во верзија на IBSA, кое се одржа од 25 октомври до 4 ноември во Петровац, Црна Гора.

Ова е прв настап за 16-годишниот младинец на ваквото Светско првенство, кое по третпат го организира Интернационалната спортска федерација на слепите, а кое се игра во сениорска конкуренција.

На крајот првите три места ги освоија играчи кои во деветте кола прокнижија по седум бода, а меѓу нив беа и двајцата најсилни според рејтингот: ФИДЕ-мајсторот Иштван Золтан Замбо од Унгарија и ветеранот ИМ Предраг Никач од Црна Гора. Со 5,5 бода Стефан Мелник се доближи до водечката група и заврши на делба на шестото место.

Претходно, годинава во јуни, тој настапи на Европското првенство за слепи лица, во верзија на IBCA, кое се одржа во Романија, каде што се пласираше на делба на 10. – 18. место.

Со исклучителните постигнати резултати Стефан Мелник го потврдува својот шаховски талент и потенцијал, а воедно и континуираната работа со неговиот тренер, ВМ Трајко Недев, во последните две години ги дава посакуваните резултати.

- Овој настап ќе го паметам по пропуштените шанси. Се изборив за подобри позиции во два случаи, од кои првиот беше против ИМ Никач, кој потоа ги искористи моите непрецизности и успеа да освои цел поен, а во вториот случај партијата заврши со реми (со Французинот Јан Тевене). Бев најмладиот учесник на Првенството, а, според информациите што ги добив, подобро пласираните играчи биле од категоријата на слабовидни лица, за разлика од мене. Мислам дека во скоро време би можел да напредувам и да стигнам до борба за еден од медалите – вели Стефан во првата изјава по враќањето во Скопје.

При овој настап младинецот од шаховската школа на ШК Алкалоид освои и нови 63 рејтинг-поени на листата на ФИДЕ, слично како и при настапот на Европското првенство, кога освои 131 рејтинг-поен. Со тоа неговиот вкупен рејтинг ќе ја надмине границата од 1900 и ќе го вброи рамо до рамо меѓу најуспешните играчи од тимот на ШК Мулти Есенс, за кој настапуваше минатата сезона во екипните натпревари и со кој заедно обезбеди пласман во највисокото екипно натпреварување во Македонија според рангирањето – Првата шаховска лига.

Сослушани се 48 лица за несреќата во Нови Сад, денеска уште петмина

Вишото јавно обвинителство во Нови Сад ја информира јавноста дека го искористило својот максимален капацитет за спроведување истражни дејствија со ангажирање на пет јавни обвинители и двајца помошници на јавни обвинители.

По повод трагичниот настан што се случи на 1 ноември во Нови Сад, кога се урна настрешницата на зградата на Железничката станица во Нови Сад, Вишото јавно обвинителство во Нови Сад ја информира јавноста дека го искористило својот максимален капацитет за спроведување истражни дејствија со ангажирање на пет јавни обвинители и двајца помошници на јавни обвинители, објави Телеграф.

Како што е соопштено, во претходните три дена биле сослушани вкупно 48 лица, додека наредено е денеска да бидат сослушани уште 5 лица. Во истиот период од повеќе различни институции, правни и физички лица, одземена е релевантна документација, чии детални анализи се во тек, а наредени се потребни вештачења за утврдување на причината за уривањето на настрешницата, пропустите кои довеле до него, како и одговорноста на лицата.

„Посочуваме дека, по спроведената истрага, местото е расчистено со оглед на тоа што се работи за јавна површина и дека заради обезбедување докази, градежните остатоци од урнатата настрешница, по барање на јавен обвинител се преместени на безбедна локација, каде што се под постојан надзор на полициските службеници во Нови Сад. Пристапот до таа локација е забранет, освен со претходно одобрение на обвинителството, и само на ангажирани вештаци, заради увид , земање мостри и анализа на градежни остатоци и материјали, заради извршување на потребните вештачења“, се вели во соопштението на ВЈТ во Нови Сад.

Како што се наведува во соопштението, трагичниот настан од 1 ноември има апсолутен приоритет во Вишото јавно обвинителство во Нови Сад, кое продолжува со интензивна работа со цел да се утврдат сите суштински елементи на кривичните дела и кривичната одговорност на лицата, за кои јавноста ќе биде навремено и редовно известена.

Кризата се влошува: Познатиот производител на автоделови затвора две фабрики

​Долго време беше синоним за германски квалитет.

Германскиот производител на автоделови „ZF“ е основан во 1915 година во Сарбрикен на езерото Констанца.

Долго време беше синоним за германскиот квалитет и првата инсталација, на пример, на менувач во автомобили како „BMW“.

„ZF“ е тешко погодена од кратењата на еден од своите најважни партнери, „Volkswagen“. Со намалената книга на нарачки, сега мора да отпушти меѓу 11.000 и 14.000 вработени, додека фабриката во Гелзенкирхен ќе се затвори на крајот на годината.

На други локации, каде што работат речиси 169.000 вработени во компанијата, постои голема грижа за иднината.

„ZF“, како и многу други компании од германската автомобилска индустрија, не ја следеше електрификацијата на автомобилската индустрија и сега има проблем поради тоа.

„Сè уште мислам дека имаме цврста основа врз која ќе ја градиме иднината“, вели Холгер Клајн, директорот на компанијата, но очигледно веќе никој не му верува.

Компанијата најави дека ќе затвори уште една фабрика во 2027 година. Се наоѓа во Еиторф во провинцијата Северна Рајна Вестфалија, пишува „Merkur.de“.

Извор: Б92

Шпанскиот премиер Санчез најави 10,6 милијарди евра помош за регионот погоден од поплавите

 Шпанскиот премиер Педро Санчез денеска најави итен план за помош во вредност од 10,6 милијарди евра за граѓаните и компаниите погодени од смртоносните поплави што го опустошија југоисточниот дел на земјата.

„Вкупните инвестиции од сите овие први мерки ќе надминат 10,6 милијарди евра“, рече социјалистичкиот премиер и презентираше низа мерки за помош, усвоени на владината седница.

Според последните податоци, во разорните поплави што пред една недела ја зафатија југоисточна Шпанија животот го загубија 218 луѓе, а уништен е огромен имот.

Премиерот рече дека во последните 72 часа, откако последен пат зборуваше со јавноста, бројот на војници и полицајци распоредени во подрачјата опустошени од поплавите се зголеми на речиси 15.000.

„Бројот на лица испратени од шпанската Влада, војници, припадници на националната полиција, цивилна гарда, се зголеми од 7.300 на 14.898, а им се придружија 287 шумски чувари, околу 100 цариници, како и 600 возила и специјализирани машини за испумпување, расчистување и снабдување на погодените подрачја“, рече премиерот.

Говорејќи за пакетот помош, премиерот рече дека тоа е само првиот чекор.

„Пакетот вклучува директна помош, како и фискални олеснувања за компаниите и поединците. Помош ќе добијат 65.000 работници и околу 30.000 компании“, рече Санчез.

Премиерот најави и кредитна линија од пет милијарди евра за мали и средни претпријатија, независни работници и семејства, според модел многу сличен на оној што се применуваше за време на пандемијата.

Владата денеска и официјално прогласи состојба на природна катастрофа во погодените подрачја и се обврза дека ќе покрие 100 отсто од трошоците што општините ги направија за расчистување на улиците и помагање на луѓето.

Покрај тие итни мерки, Санчез увери дека Владата работи на долгорочен план за реконструкција на погодените области, неопходен за прилагодување на областа кон климатските промени./МИА

притисни ентер