Меѓународна конференција за Македонците и Граѓанската војна во Грција

Меѓународна конференција за Македонците и Граѓанската војна во Грција по повод 75 години од нејзиното завршување.

Меѓународна научна конференција се организира денеска по повод 75 години од завршувањето на Граѓанската војна во Грција, на која 26 учесници од земјава, од Србија и Хрватска, имаат реферати кои откриваат нови научни сознанија за учеството на Македонците во војната (1946-1949), за улогата на светските сили и односите со другите земји, одгласот во печатот и за присилното емигрирање на децата бегалци од егејскиот дел на Македонија.

Катерина Мирчевска, претседателка на Организацискиот одбор на конференцијата, истакна дека за краток период настанеле сериозни миграциски и етнички измени што, рече, довеле до евидентно намалување на бројот на македонско население и промена на етничкиот состав на населението на тие простори. Посочи дека најпосакувана дестинација за бегалците била тогашната НР Македонија како единствена слободна држава на македонскиот народ во состав на Југославија, каде што до крајот на Граѓанската војна се населиле 24 илјади, а над десет илјади Македонци со процесот на репатријација дошле од источноевропските држави до почетокот на 1980-тите.

-Огромниот број бегалци како една од последиците на Граѓанската војна ја вообликуваат политичката емиграција од Граѓанската војна во Грција во чии расположливи статистики Македонците учествуваат со околу половина од нејзиниот вкупен број, всушност ја претставуваат најбројната политичка емиграција во Европа по Втората светска војна. Во годините што следуваат македонските политички бегалци отвораат едно ново поглавје на нашата национална историја, рече Мирчевска.

Ректорката на Скопскиот универзитет Биљана Ангелова во поздравното обраќање рече дека конференцијата е научна самопотврда и верификација на научната вистина од релевантни научни авторитети од земјава и од странство. Нагласи дека темата за Македонците во Граѓанската војна во Грција е значајна и кон неа може се пристапи од повеќе аспекти – историски, политиколошки, социјален, јазичен, книжевен, фоклористички итн.

-Прашањето за идентитетот има важно место во оваа конференција. Борбата на Македонците од Егејска Македонија за возобновување на етнојазичната и територијалната целина на македонскиот народ е едно од покренатите прашања...Граѓанската војна во Грција отвора и голема тема за егзодусот на децата бегалци кои биле принудени да растат раселени низ светот далеку од своите семејства и од родните огништа. Но, покрај тешката судбина, неспорен е големиот натамошен подем на претставниците на оваа генерација кои по тешкото детство понатаму активно се вклучија и се истакнаа во општествено-политичкиот и во културно-уметничкиот живот на Македонија, истакна Ангелова на отворањето на конференцијата.

Претседателката на Републичкото здружение на децата бегалци „Т’га за југ“ Евгенија Николовска информираше за следните активности со кои во текот на целата година се одбележуваат 75 години од крајот на Граѓанската војна под слоганот „Да не се заборави и никогаш да не се повтори“. Меѓу другото, во септември, кога официјално завршила Граѓанската војна во Грација, во Катланово ќе биде организиран голем народен собир.

-Сакаме да ги зачуваме нашиот јазик, историја, култура и мелос. И оваа конференција е со таа цел. Ќе ги вклучиме и најмладите од институтите да се заинтересираат за Граѓанската војна, да најдат нови истражувања. Сигурно има скриени нешта, како што во 2003 година ја откривме масовната гробница во Лерин на Македонците борци кои учествувале во ДАГ и населението заедно. Така ја испишуваме историјата, со новите откритија што се случиле во минатото. Апелот наш е да не се заборави и никогаш никаде да не се повтори таа војна, рече претседателката на здружението кое ја организира конференцијата во соработка со три научни институти при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Институтот за национална историја, Институтот за македонска литература и Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“.

Според Николовска, во последните години Македонците во егејскиот дел, „веќе послободно може да зборуваат македонски јазик и да го негуваат мелосот и песните“ и дека веќе има иницијатива за отворање културни центри.

Во контекст на промените по потпишувањето на Преспанскиот договор во 2018 година, Николовска изјави дека за нив промената на името на државата била неприфатлива, но од друга страна, како што рече, „мора да се признае дека по тој кобен Преспански договор, малку по малку Грците почнаа попријателски да се однесуваат кон нас и кон нашите таму“.

Историчарот Тодор Чепреганов, еден од учесниците на конференцијата, изјави дека со Преспанскиот договор „таму немаме Македонци, туку народ што зборува јазик различен од грчкиот“.

-Се поставува и прашањето кои се тие Македонци што учествувале во Граѓанската војна ако не ги именуваме како Македонци. Затоа што сега имаме антички Македонци во Грција, имаме овде, на оваа страна, други Македонци. Кои се тие е големо прашање, бидејќи сега државава не смее да каже дека таму имало Македонци кои се бореле за обединување со Македонија и дека тие се декларирале Македонци. Не го зборуваме тоа ние, тоа го зборуваат документите. Американските и британските документи кои пишуваат за егејска Македонија, тие зборуваат за Македонци учесници во таа војна, изјави Чепреганов.

Сотир Лукровски, претседател на здружението „В'мбел“ и координатор на здруженијата на Македонци со потекло од егејскиот дел на Македонија соопшти дека се подготвува клуб со библиотека во центарот на Скопје кој ќе биде отворен во април.

-Ќе биде во редот на Театарот за деца и младинци. Имаме на располагање простор од 200 квадратни метри, засега имаме околу 400 наслови на книги поврзани со прашањето за Македонците со потекло од Егејскиот дел од Македонија и воопшто со македонското прашање. По низа години, се надеваме дека ќе има своевидно сврталиште, пред се, на младите, но и на највозрасните, каде што ќе разменуваат идеи со крајна цел да го одржиме отворено прашањето за Македонците со потекло од Егејскиот дел од Македонија и да ја вратиме и оживееме кај младите националната свест, изјави Лукровски.

Волстрит џурнал: Според американските разузнавачи, Путин не стои зад убиството на Навални

Разузнавачките агенции во САД утврдиле дека рускиот претседател Владимир Путин најверојатно директно не наредил да биде убиен опозицискиот лидер Алексеј Навални, објави денеска Волстрит џурнал.

Навални, еден од најжестоките критичари на Путин, почина во арктички казнен затвор во февруари на 47-годишна возраст. Неговите сојузници, вклучително и неговата сопруга, го обвинија рускиот лидер за неговото убиство - обвинение што Кремљ постојано го негира, пишува весникот.

Но, по неодамнешната проценка заснована на низа информации - вклучително и некои доверливи разузнавачки информации и анализа на јавни факти - американските разузнавачки агенции не веруваат дека Путин наредил убиство на неговиот противник.

Проценката, исто така, го зеде предвид времето на смртта и како таа го засени претседателскиот реизбор на Путин во март, пишува весникот, повикувајќи се на свои извори.

Весникот цитира извори кои велат дека заклучокот бил „нашироко прифатен во разузнавачката заедница и споделен од неколку агенции, вклучително и Централната разузнавачка агенција, Канцеларијата на директорот на националното разузнавање и разузнавачката единица на Стејт департментот“.

Коментирајќи го извештајот, Леонид Волков, висок помошник на Навални, ваквите заклучоци ги нарече наивни и смешни, објави Волстрит џурнал.

Велика Британија го повика на разговор рускиот амбасадор поради „злонамерни активности“

Британското Министерство за надворешни работи го повика на разговор рускиот амбасадор во Лондон по наводите за сомнителни и злонамерни активности на Русија на територијата на Велика Британија.

„Велика Британија и понатаму е длабоко загрижена поради наводите за руска злонамерна активност на наша почва, како и моделот на однесување на Руската Федерација за спонзорирање на такви активности на територијата на други, суверени држави“, се вели во соопштението.

Велика Британија повика на „итно запирање“ на ваквите активности и рече дека ќе продолжи да работи со сојузниците за одвраќање и одбрана од „спектарот закани кои доаѓаат од Русија“.

Одлуката доаѓа откако Британец беше обвинет за „вршење непријателски активности во Обединетото Кралство во корист на Русија“, соопшти вчера британското обвинителство (ЦПС).

ЦПС наведе дека Дилан Ерл е обвинет според Законот за национална безбедност од 2023 година, што е прв случај на обвинение според оваа законска регулатива.

Анчелоти: Ѓулер ќе биде клучен играч на Реал

 Турскиот талент Арда Ѓулер следната сезона ќе биде меѓу носителите на играта на Реал Мадрид, најави тренерот на Кралскиот клуб, Карло Анчелоти.

Деветнаесетгодишниот Ѓулер прв пат се најде во почетниот состав во Ла Лига и го постигна својот втор гол во дресот на Реал Мадрид во вчерашната победа од 1-0 на гостувањето против Реал Сосиедад.

Според информациите, турскиот играч за врска е незадоволен од малата минутажа што ја добива и размислува да ја смени клупската средина како позајмен фудбалер во новата сезона, но Анчелоти во него гледа еден од клучните играчи во новата сезона.

„Арда ќе биде многу важен играч за нас во иднина и нема сомнеж дека ќе остане тука следната година. Тој е многу млад, но малку по малку учи каква е неговата улога во овој тим. Тој постигна повеќе голови отколку што одигра натпревари. Тоа е талент“, рече Анчелоти.

притисни ентер