Мареј: Треба да се напушти новиот формат на Дејвис купот

Британскиот тенисер Енди Мареј повика да се напушти новиот формат на Дејвис купот.

- Бев член на Советот на играчи на АТП кога почнаа да разговараат за овој формат и никој не го поддржа. Ни рекоа дека тоа ќе го имаат предвид, а буквално два дена подоцна објавија дека се менува форматот. Имаме среќа бидејќи сите наши натпревари ги играме во неверојатна атмосфера со одлични гледачи. Срамота е кога Франција и Австралија, две од најголемите тениски сили кои го сакаат Дејвис купот, играат на празен стадион, изјави Мареј за „Тајмс“.

Во групната фаза на Дејвис купот во Манчестер се натпреваруваат селекциите на Велика Британија, Австралија, Франција и Швајцарија. Репрезентациите ќе играат меѓу себе. Двете најдобри селекции ќе се пласираат во „Фајнл 8“.

Завршниот турнир од годинашното издание на Дејвис купот ќе се одржи во ноември во Малага, Шпанија.

Николовски: Лозарите дополнителните субвенции ќе ги добијат пред „Св. Трифун“

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство денеска најави дека лозарите ќе ги добијат дополнителните субвенции пред „Св. Трифун“. 

Според него, тие се задоволни од годинашната цена која е значително повисока поради понискиот принос и огромната побарувачка од откупните компании.

Како што истакна Николовски, кон средината на идната година лозарите ќе добијат уште 12 000 денари поддршка.

-Лозарите прв пат, преку новиот модел на субвенционирање, до крајот на годинава, а не следната пред „Св. Трифун“, ќе ги добијат 30-те проценти од средствата за директна поддршка на лозовите насади. Со овој модел овозможивме постојана финансиска поддршка за лозарите во текот на целата година. Ако пред 1,5 месец беше исплатена дополнителната мерка од лани, сега ќе биде исплатена дополнителната авансна поддршка од 12 000 денари и дополнителните субвенции ќе ги добијат пред „Св. Трифун“ и кон средината на следната година уште 12 000 денари кои ги утврдивме и се однесуваат на намалениот принос оваа година, рече министерот, одговорајќи на новинарски прашања по изјавата во врска со претстојниот втор Национален саем за храна и пијалоци „Вкуси ја традицијата“ што ќе се одржи на 7 октомври.

И лозарите, напомена, велат дека оваа година грозјето има највисоки цени поради падот на приносот.

-Не е точно дека лозарите не се задоволни од цената зашто ниту едно здружение и ниту една потсекторска група воопшто не ја отвораат темата со цените. Велат дека оваа година има највисоки цени поради падот на приносот. Тоа се фактите, а веќе објавивме дополнителна мерка од 12 000 денари за хектар, дополнително, за сите лозари кои ги имаат пријавено површините. Одиме со мерка за површина, зашто имаме производители кои целосно го изгубиле родот, но има и такви имаат повисок и поквалитетен род. Се зависи од мерките што ги преземале во текот на годината. За да биде одлуката праведна, одлучивме да дадеме дополнителни 12 000 денари на вкупните субвенции од 40 000 денари по хектар или околу три милиони евра дополнителни средства за лозарите само зашто има штети од болестите и помал принос од лани, а ако зборуваме за цените, тие се повисоки зашто има огромна побарувачка од откупните компании на грозје. Цените годинава се драстично зголемени, особено за поквалитетните сорти, подвлече Николовски.

Со бесплатни прегледи, Институтот за јавно здравје го одбележува Светскиот ден на срцето

Со акција за бесплатни прегледи за проверка на шеќер во крвта, холестерол и крвен притисок, Институтот за јавно здравје во Градскиот парк во Скопје денеска го одбележува Светскиот ден на срцето - 29 септември. 

Министерот за здравство, Фатмир Меџити, на настанот изјави дека Денот на срцето претставува аларм за будење на колективна свест во правец на превенција на сите ризик фактори кои зависат од поединецот.

- Годинава под мотото „Користи го срцето и знај повеќе за срцето“, упатуваме јасна порака дека најдобро се чува она што добро се познава. Со ова апелираме будно следење и контрола на сите ризик фактори како покачен крвен притисок, дијабет, обезност и друго, за популацијата афектирана од овие состојби, а за останатите редовни прегледи со цел навремена дијагноза, потенцираше министерот.

Како совети ги издвои прекин на пушењето и други нездрави наивки, воведување здрав режим во скојдневната исхрана, како и спортска активност.

- Возрасната група над 65 години е сѐ уште највулнерабилна и најзасегната од кардиоваскуларните заболувања. Но, 20 проценти ѝ припаѓаат и на помладата популација. Затоа, апелираме добро да си го знаете срцето и свесно и активно да ни помогнете во нашата дејност, рече Меџити.

Проф. Д-р, Елена Ќосевска од Институтот за јавно здравје изјави дека Институтот го одбележува овој ден за да се подигне свеста кај граѓаните да водат здрав стил и да се грижат за своето здравје.

- Направена е акција со соработка со Детскиот културен центар Карпош и Градинката „13 Ноември“. Сакавме да постигнеме подигање на свеста уште од мали нозе кај децата, да знаат што значи овошје, што зеленчук и да се грижат за своето здравје, рече таа, појаснувајќи дека во 2022 година имало девет случаи на починати млади луѓе од срце.

Џулијана Михајловска, специјалист и докринолог на болницата Жан Митрев, изјави дека оваа акција ја поддржуваат со организирање бесплатни кардиолошки прегледи.

- Во текот на вчерашниот ден тие беа во сите здравствени организации во Битола, Струмица и Скопје. Денеска учествуваме во акцијата за подигнување на свеста на граѓаните за намалување на ризик факторите, а со тоа и намалување на компликациите на кардиоваскуларните заболувања, изјави таа.

Ана Челиќич, од Универзитетската Клиника за кардиологија потенцираше дека секојдневно работат на рано откривање на пациентите кои се со кардиоваскуларни болести. Појасни дека го користеле Европскиот спорт систем кој го одредува десетгодишниот ризик од фатален кардиоваскуларен настан.

- Со одредување на високиот крвен притисок, холестеролот, полот, возраста и дишењето како ризик фактор, се одредува бројот кој на пациентите им е од неизмерна важност, а нам ќе ни овозможи следење навремено и првенствено следење и унапредување на квалитетот на животот на нашите пациенти, рече таа.

Куче прекина фудбалски натпревар, голманот му ја даде топката, а обезбедувањето го брка (ВИДЕО)

Главно, тоа се некои неодговорни навивачи кои ги прекинуваат натпреварите ширум светот, но сега тоа го направи најдобриот пријател на човекот - кучето!

Имено, натпреварот од втората лига на Мексико мораше да се прекине на неколку минути, а екипите на Оахака и Дорадос го следеа шоуто на слаткото животинче кое исто така сакаше да игра.

Голманот само ја пушти топката, а кучето продолжи да прави хаос и покрај тоа што неколку обезбедувачи се обидуваа да го фатат.

На крајот, домашните на социјалните мрежи објавија дека имаат нов пријател и дека животното не е повредено.

Оахака победи со 4:0, а овој чин се случи во продолжението.

притисни ентер