Македонските фудбалери освоија бод со Англија

Синоќа македонската фудбалска репрезентација одигра нерешено, 1:1 со Англија во последното коло од Ц-групата во квалификациите за европското првенство 2024.

„Црвено-жолтите“ поведоа преку Енис Барди во 41 та . минута по неуспешниот изведен пенал, но одбиената топка му се врати и тој ја затресе мрежата на гостинскиот голман Џордан Пикфорд.

Англичаните почнаа силно во второто полувреме и по само неколку минути постигнаа гол преку Џек Грилиш, но ВАР интервенираше и беше досуден офсајд. Сепак, во 59. минута резултатот беше 1:1, откако јани Атанасов си постигна автогол по гостински корнер. Овој резултат остана до крајот на натпреварот што го следеше 30-илјадната публика присутна на националната арена. За македонскиот национален тим ова е трето реми во шестиот меѓусебен дуел со фаворитот Англија и прв нерешен резултат на домашен терен. Македонците квалификациите ги завршија со осум бода на четвртото место, Англија е прва со 20 бода и обезбедено учество на европскиот шампионат во Германија следната година.

Алкалоид го освои трофејот во ракометниот Куп на Македонија

Ракометарите на Алкалоид се победници во Купот на Македонија, откако вечерва во финалето одиграно во СРЦ „Борис Трајковски“ во Скопје го совладаа фаворитот Еурофарм Пелистер со 25:23 по изведувањето пенали.

Ова е прв трофеј во својата куса историја за младиот тим на Алкалоид кој на завршниот турнир ги совлада најголемите две имиња во македонскиот ракомет, Вардар и Еурофарм Пелистер.

Во финалето двете екипи во повеќе наврати се менуваа во водство, највисокото беше четири голови разлика, за на крај победникот да биде решен по пенал-рулетот во кој се истакна голманот на скопскиот тим Иван Галевски.

Токму Галевски беше прогласен за најдобар голман на завршниот турнир, наградата за најдобар стрелец отиде кај Богдан Радивојевиќ, а за МВП Филип Кузмановски (двајцата од Еурофарм Пелистер).

Претходно во текот на денот, во женското финале, Ѓорче Петров го победи Чаир со 36:24. /МИА

Курти ѝ се пожалил на американската државна потсекретарка за заканите од Србија кон Косово

Курти ја изрази својата загриженост поради постојаните закани на Србија кон косовската држава.

Косовскиот премиер, Албин Курти на денешната средба со потсекретарката за јавна дипломатија на Стејт департментот на САД, Елизабет Ален, која престојува во Косово, ја изрази својата загриженост поради постојаните закани на Србија кон косовската држава, јави дописникот на МИА од Приштина.

Како што соопшти владината служба за информирање, Курти на средбата со Ален рекол дека „авторот и водач на терористичката и паравоена српска група“, која го изврши нападот во Бањска во северно Косово во септември минатата година, Милан Радоичиќ, сè уште е на слобода во Србија.

Косовскиот премиер изразил и жалење што барањето на Косово за членство во оваа институција не е ставено на агендата на Комитетот на министри на Советот на Европа за 17 мај.

„На средбата се разговараше и за односите меѓу Косово и Србија и за процесот на дијалог со посредство на Европската унија. По ова прашање премиерот Курти ја истакна важноста од целосно и безусловно спроведување на основниот договор и неговиот анекс. Во однос на патот на Косово кон евроинтеграциите, премиерот Курти изрази жалење што Комитетот на министри на Советот на Европа одби да го вклучи Косово во агендата за гласање на 17 мај, со оглед на тоа што Косово ги исполни сите критериуми за членство“, се вели во соопштението од кабинетот на премиерот.

Во текот на разговорот, Курти ја запознал Ален со „случувањата во земјата, напредокот во владеењето на правото, социјалните политики кои ги поддржуваат жените и децата, реформите во образованието со цел поврзување на образованието со пазарот на трудот, како и политиките и инвестициите во енергетиката“.

Курти изјави дека САД се сојузник и историски партнер на Косово и очекува зајакнување на меѓусебните односи во иднина, особено на полето на економијата и трговијата.

Пред да се сретне со Курти, американската дипломатка, Ален претпладнево се сретна и со претседателката на Косово, Вјоса Османи, со која потпиша договор за разбирање меѓу владите на САД и Република Косово, против манипулациите со информации од други држави. /МИА

Идентификувана точната локација на падот на хеликоптерот Раиси

 Командантот на Корпусот на Исламската револуционерна гарда (ИРГЦ) во Источен Азербејџан, Асгар Абасголизадех изјави дека ИРЦГ откриле сигнал од хеликоптерот и од мобилен телефон на еден од екипажот на местото на инцидентот.

- Во моментов, заминуваме со сите воени сили во областа и се надевам дека ќе им дадеме добри вести на луѓето, посочи Абасголизадех

Претходно, иранскиот заменик-претседател за извршни работи Мохсен Мансури изјави дека двајца патници од хеликоптерот со кој патуваше претседaтeлот Ебрахим Раиси, комуницирале со спасувачките сили.

Мансури истакна дека тоа значи оти несреќата најверојатно била со помал интензитет. /МИА

притисни ентер