Македонска премиера на играниот филм „Планета 7693“

Македонската премиера на црногорскиот игран филм „Планета 7693“ во режија на Гојко Беркуљан, ќе биде одржана вечер во киното Киноверзум во Домот на култура „Билјана Беличанец“ во Кисела Вода.

Филмот ќе биде прикажан во рамките на официјалната програма на годинашното издание на Меѓународниот филмски фестивал КинеНова.

Како што информира „Скопје филм студио“, „Планета 7693“ е семејна авантура со sci-fi елементи, која го следи деветгодишниот Лука кој живее со родителите и поголемата сестра во живописно соседство во предградието. По еден настан во неговото навидум хармонично семејство, недоразбирањата насобрани низ годините излегуваат на површина и предизвикуваат низа конфликти. Ткивото на семејството се кине. Лука бара начин како да ги поправи нарушените односи, повлекувајќи се во светот на „супер моќите“ и фантазијата каде го запознава мистериозното девојче по име „7693“.

Главните улоги ги толкуваат Илија Пејаковиќ, Андрија Кузмановиќ, Кристина Обрадовиќ, Хана Иванишевиќ и Мара Ракчевиќ. Оригиналното сценарио е на Ана Вујадиновиќ Томиќ, како кинематографер се потпишува Александар Јакониќ, а композитори се Петар Вагнер и Лука Јовановиќ. Дизајнер на звук е Милош Дрндаревиќ, сценограф е Тамара Тричковиќ, костимограф – Лина Лековиќ, а монтажата е на Владимир Павловски. Продуцент на филмот е Марко Јаќимовиќ, а копродуценти се Томи Салковски и Ивица Видановиќ.

„Планета 7693“ е копродукција меѓу Гигглинг Гоат Продукција од Црна Гора, СиннеРент Продукција од Србија и „Скопје филм студио“. Филмот е поддржан од Агенцијата за филм на Северна Македонија, Филмскиот центар на Црна Гора, Министерството за култура и медиуми на Црна Гора, Филмскиот центар на Србија како и од SEE Cinema Network.

Путин: Саудиска Арабија би била добар домаќин за мировни преговори

Саудиска Арабија би била добар домаќин на потенцијалниот самит за ставање крај на украинскиот конфликт, изјави вчера рускиот претседател Владимир Путин.

На прес-конференција на различни теми, саудиски новинар го праша Путин за неговите размислувања за посредничките напори на арапското кралство и дали Русија ќе присуствува на мировен самит доколку Ријад биде домаќин на таков настан „до крајот на оваа година“.

Путин потврди дека Русија ја гледа Саудиска Арабија како „пријателска земја“. Тој го пофали саудиското раководство за нивните „искрени“ напори да донесат мир.

-Значи, доколку се организира таков настан во Саудиска Арабија, очигледно самиот простор би ни бил прилично удобен, рече претседателот. Тој, сепак, истакна дека секое конечно решение треба да се заснова на нацрт подготвен за време на прекинатите разговори во Истанбул, Турција, пролетта 2022 година.

Според Путин, украинската делегација првично го одобрила нацрт-договорот кој ќе ја трансформира Украина во неутрална земја и ќе ја ограничи големината на нејзината војска, но потоа нагло ја напуштила преговарачката маса. Официјални лица во Киев подоцна изјавија дека немаат доверба во Русите и дека западните лидери ги советувале да не ги прифаќаат условите на Москва.

По раскинувањето на договорот, Фергусон нема да биде на „Олд Трафорд“

По раскинувањето на договорот, Фергусон нема да биде на „Олд Трафорд“ за дуелот Јунајтед - Брентфорд.

Легендарниот менаџер на Манчестер Јунајтед – Сер Алекс Фергусон нема да биде на трибините на „Олд Трафорд“ на натпреварот на „црвените ѓаволи“ против Брентфорд. Средбата може да биде одлучувачка за судбината на Ерик Тен Хаг на чело на тимот. Доколку исходот од натпреварот е поинаков од победа на домаќините, Холанѓанецот ќе добие отказ.

За време на репрезентативната пауза, раководството на Манчестер Јунајтед донесе љубопитна одлука за раскинување на договорот на Алекс Фергусон како амбасадор на тимот. Според него, Шкотланѓанецот инкасирал 2 милиони фунти годишно. Во обид да ги намалат трошоците на клубот, новите сопственици ИНЕОС одлучија да го раскинат договорот на еден од најголемите менаџери во историјата на фудбалот.

Сепак, неговото денешно отсуство од натпреварот не е поврзано со раскинатиот договор. Според медиумите на Островот, Фергусон има „поважна обврска“ која ќе го спречи да биде на стадионот на важниот натпревар.

Минчев: Укинувањето на „балансерот“ не претстaвува ризик за дестабилизација во државата

„Балансерот“ беше предмет на злоупотреба. Гаранција за секое вработување на припадниците на сите етнички заедници мора да се темели на стручност, знаење и квалитет. 

Можноста да конкурира секој за секое работно место е уставно право, потенцира министерот за јавна администрација, Горан Минчев.

Тој вчера во телевизиска емисија „Трилинг“ нагласи дека од самиот почеток како Министерство, укажувале на злоупотреба на „балансерот“.

-Ние како Министерство, од самиот почеток укажувавме на злоупотреба на „балансерот“ и нашиот став беше дека тој треба постепено во фази, како дигитална алатка, да биде укинат. Тоа го направи Уставниот суд. Гаранција за етничката припадност и нивното вработување во јавната администрација не може да биде ниедна институција, ниту било кој државен орган. Јас тука тргнувам обратно, сосема по друг пристап. Значи гаранцијата за секое вработување на припадниците на сите етнички заедници, мора да се темели на стручност, знаење и квалитет. Можноста да конкурира секој за секое работно место е уставно право, појасни Минчев.

Зборувајќи за интегрирање на државата во Европската Унија, Минчев нагласи дека државата нема друга алтернатива освен ЕУ, но потенцираше дека се неопходни гаранции дека внесувањето на бугарскиот народ во Уставот ќе биде последното барање.

-Нема сила која може да го натера македонскиот народ да каже дека постои од 1945 година. Нема сила која може да го натера македонскиот народ дека има заедничка историја со Република Бугарија. Нема Македонец кој може да прифати дека Гоце Делчев е Бугарин. Македонија нема друга алтернатива освен ЕУ, но таму сакаме да влеземе како и сите други – со дигната глава, според Копенгхашките критериуми, базирани на европските начела за еднаквост и рамноправност, бидејќи досега Македонија во рамки на 30 години постоење, направи доволен број на отстапки и жртви. Потенцираше дека се неопходни гаранции од ЕУ, дека внесувањето на бугарскиот народ во Уставот ќе биде последното барање, рече Минчев.

На прашањето за можните граѓански немири, Минчев одговори дека тоа е популизам од страна на опозициската партија ДУИ.

-Тоа е еден популизам од страна на опозициската партија ДУИ. И повторно ќе се навратам, зошто немаше тензии од 2001 до 2015 година. Постоеше ли тогаш „Балансер“? Не. Ова што го прави ДУИ, кој постојано го држи општеството во тензија дека нешто ќе се случи, дека ќе се протестира, дека ќе се наруши безбедноста, го нарекувам со работен наслов „ДУИ против ДУИ“. Во рамки на Националната стратегија за реформи на јавната администрација за 2023-2030 година, ДУИ и нивните министри во тогашната Влада констатираа дека „балнсерот” се злоупотребува и донесоа одлука дека тој треба да биде укинат, рече Минчев.

притисни ентер