Љутков во Љубљана и во Крањ: Македонската култура и јазик живеат во Словенија

Македонската култура и јазик живеат во Словенија благодарение на трајните пријателства.

Министерот за култура и туризам Зоран Љутков, во рамките на работната посета на Словенија, вчеравечер во Витешката сала во Љубљана се обрати на промоцијата на книгата „Златен круг на времето“ од македонскиот поетски великан, Ацо Шопов. Станува збор за луксузно издание, на македонски и на словенечки јазик, илустрирано од реномираниот уметник Боге Димовски, кое ги обединува сите препејувачи кои во текот на последниве шест децении го препејувале Шопов на словенечки јазик.

-Горди сме на поединците од македонската културна средина како што е Ацо Шопов. Токму поради ваквите личности, во светот моќно одекнаа силината и убавината на македонскиот поетски збор, истакна пред присутните министерот Љутков, потсетувајќи дека македонската култура, 2023 година ја чествуваше како „Година на Шопов“, а јубилејот, еден век од неговото раѓање, беше одбележан и во УНЕСКО, информираат од министерството за култура.

На промоцијата, се вели во соопштението, меѓу присутните гости беа и заменик-министерот за надворешни работи и надворешна трговија Зоран Димитровски, македонскиот амбасадор во Словенија, Горан Милевски, претседателот на Сојузот на македонските културни друштва во Словенија, Бранислав Тасков, кои ја издадоа книгата, претставници на македонската дијаспора, професори, преведувачи и други личности од јавниот живот на Словенија.

Љутков упатил благодарност до Сојузот на македонските културни друштва во Словенија за нивните заложби за промоција на македонската култура, до многубројните преведувачи, меѓу кои е и професорката по македонски јазик, книжевност и култура на Филолошкиот факултет во Љубљана, Намита Субиото, која е авторка на предговорот на оваа книга.

-Личностите како нив, кои се врвни професори и преведувачи на македонски јазик, се големо богатство за нас бидејќи сите тие се наши културни амбасадори. Македонската култура и македонскиот јазик живеат надвор од својата татковина благодарение на овие трајни пријателства и врски и ве уверувам дека и понатаму ќе работиме за тие да се унапредуваат и да се развиваат, нагласил министерот Љутков.

Во рамките на својата работна посета на Словенија, во петокот вечерта во просториите на Македонското културно друштво „Св. Кирил и Методиј“ во Крањ, министерот Љутков ја отвори и 8. јубилејна ликовна изложба на академскиот сликар и графичар, еден од најголемите во Словенија, Боге Димовски.

Македонскиот министер за култура и туризам ја поздрави посветеноста на Димовски во развојот на македонско-словенечката ликовна соработка, анимирањето на младите преку детската ликовна колонија, неговата теоретска и педагошка работа и активното и влијателно 50-годишно творештво.

-Сево ова говори за човек и уметник со визија, со уметнички и општествен ангажман што создава трајни врски меѓу неговата родна Татковина и државата која е неговиот дом, рече министерот Љутков во Крањ, додавајќи дека само со посветеност и љубов, словенечката и македонската култура се интегрираат, отвораат можности за соработка во туризмот и во другите сфери, создаваат нераскинливи врски кои се белег на одличната билатерална соработка.

Македонскиот министер за култура и туризам во текот на вчерашниот ден во Љубљана, заедно со словенечката министерка за дигитална трансформација, Емилија Стојменова-Дух присуствуваше на богослужба во македонската црква „Св. Климент Охридски“ во Љубљана.

Во македонската Амбасада, министерот Љутков, заедно со заменик-министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Зоран Димитровски и амбасадорот на РС Македонија во Словенија, Горан Милевски, се сретнаа со претставници на Сојузот на Македонците во Словенија. На средбата, се вели во соопштението од министерството за култра, била поздравена иницијативата за отворање на македонски Културно-информативен центар во Словенија, кој всушност претставува одговор на нивните потреби за континуирана реализација на повеќе проекти и содржини. Беше споделено и дека во наредниот период, ќе се работи на новата Национална стратегија за соработка со дијаспората која ќе биде од големо значење за засилување на врските со дијаспората. Оваа стратегија ќе претставува дополнителен импулс за подобрување на соработката и комуникацијата со нашите иселеници, како и за поддршка на нивните потреби и иницијативи. На средбата беше упатена благодарност до претставниците на дијаспората за нивната посветеност и ангажман во афирмацијата на нашата држава и култура во Република Словенија.

Во реномираната сала „Цанкарјев дом“ во Љубљана, вечерваминистерот Љутков, заедно со министри од словенечката влада, ќе присуствува на концертот на македонскиот културен амбасадор, Ансамблот за народни игри и песни „Танец“.

Сиљановска Давкова на Самитот на иднината во Њујорк, неизвесно усвојувањето на Пактот за иднина

 Претседателката Гордана Сиљановска Давкова, која ја предводи македонската делегација на 79. Генерално собрание на ОН, денеска треба да се обрати на Самитот на иднината на тема „Мултилатерални решенија за подобро утре“

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова, која ја предводи македонската делегација на 79. Генерално собрание на ОН, денеска треба да се обрати на Самитот на иднината на тема „Мултилатерални решенија за подобро утре“ со учество на шефови на држави и влади.

Целта на Самитот на иднината е државите членки да ја зголемат меѓусебната соработка која, како што се нагласува, е се поважна за човековиот опстанок, но е тешко да се постигне во атмосфера на недоверба, користејќи застарени структури кои повеќе не ги одразуваат денешните политички и економски реалности.

На Самитот државите членки треба да донесат Пакт за иднината, но, според дипломатски извори, неизвесно е дали документот ќе биде усвоен денеска поради несогласувања со делови од неговата содржина од страна на Русија и уште шест други земји, јави известувачот на МИА од Њујорк. Преговорите за содржината на докуметот продолжија и во текот на ноќта, така што не се знае што ќе се случува денеска на овој голем собир што се одржува во ОН.

Во фокусот на Нацрт-пактот се човековите права, родот и одржливиот развој во сите поглавја. Содржи поглавја за одржлив развој и финансирање за развој, меѓународен мир и безбедност, наука, технологија и иновации и дигитална соработка, младите и идните генерации и трансформирање на глобалното владеење. Меѓудругото, се бара земјите членки да се согласат и за реформи што се однесуваат на Советот за безбедност, но тоа најверојатно нема да се случи.

Со документот земјите треба да се обврзат и да соработуваат за подобра заштита на цивилите во вооружени конфликти и да сносат одговорност за сторени злосторства и насилтва, како како што е родово базирано насилство и гладувањето како оружја на војната. Потоа за зголемена хуманитарна помош, вклучувајќи и елиминација на гладот. Светот да биде мерливо поблиску до ослободување од нуклеарно оружје. Се нагласува потребата за разоружување и напорите за контрола на оружјето, вклучително и во однос на неселективното оружје, биолошко и хемиско оружје и мало оружје. Исто така да се заложат за ревитализирање на улогата на ОН во областа на разоружувањето и напредокот кон четвртата специјална седница на Генералното собрание за разоружување. Да се преземат мерки за координација на биолошки закани, природни и намерни. Реално и одговорно користење на мировните операции, и нивната иднина за да се осигура дека можат да ги задоволат актуелните потребите.

Во однос на меѓународниот мир и безбедноста во документот се посочува на потребата од ажурирање на системот за колективна безбедност за подобро спречување, управување и разрешување на конфликтите. Поголема употреба на превентивни дипломатија и механизми за посредување, вклучувајќи и функциите на генералниот секретаријат, за да се спречи конфронтација меѓу земјите-членки.

Во документот се опфатени заштитата на жените, справување со тероризмот, климатските промени и заштита на животната средина, науката, дигитализацијата и новите технологии, младите, нивната иднина и учеството во носење на одлуки...

На Самитот треба да бидат усвоени и Декларација за идните генерации и Глобален Дигитален договор.

Генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш повика на амбициозни реформи на Обединетите нации и другите меѓународни организации за да ја направат меѓународната заедница поспособна да дејствува во услови на многу кризи и војни и да го направи светот поправеден.

Неделата на Обединетите нации во Њујорк е во сенката на засилено полициско обезбедување поради присуството на голем број светски државници и учесници на Самитот на иднината и на Генералното собрание на ОН, но и голем број туристи кои ја посетуваат оваа метропола.

Претседателката Сиљановска Давкова во четврток е предвидено да се обрати на Генералната дебата на 79. сесија на Генералното собрание на ОН, што се одржува на тема „Не оставајќи никого зад себе: дејствувајќи заедно за унапредување на мирот, одржливиот развој и човечкото достоинство за сегашните и идните генерации“.

Претседателката ќе учествува и на Годишниот состанок на Платформата на жени – лидери на Генералното Собрание на Обединетите Нации, на тема „Еднакво учество на жените во процесот на донесување одлуки: обезбедување на мир, социо-економски можности, одржлив развој и човечко достоинство за сегашните и идните генерации“, додека на покана на претседателот на САД, Џо Бајден ќе присуствува на состанок на тема „Глобална коалиција за справување со заканата од синтетички дроги“.

Во македонската делегација се и министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски и вицепремиерот и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити. И Муцунски и Меџити ќе имаат свои обраќања во неделата на Обединетите нации, а нашите претставници ќе одржат и заеднички и одвоени билатерални средби со лидери од други земји.

Сиљановска Давкова, Муцунски и Меџити вчера попладне по американско време во џамијата во градот Фрихолд, Њу Џерси имаа средба со нашинци кои живеат во овој дел од САД, кои потекнуваат претежно од Дебар и околината.

Сиљановска Давкова кажа дека доаѓа време кога работите ќе се менуваат и дека тоа треба да биде така.

-Јас сум горда што во ист ден бев во црква и сега во џамија и пораката е јасна, она што ни треба е да се разбираме, да ја почитуваме нашата религија и исто така да соработуваме. Пораките од Куранот и од Библијата всушност се исти. Основата на етиката и моралот се таму. Тука сум првпат, но нема да биде последен, рече претседателката.

Вицепремиерот Меџити рече дека пораките што ги кажа Сиљановска Давкова се исти за сите, но различна е интерпретацијата. - Бевме прво во црквата, и сега сме во исламскиот центар на дебарчаните. За жал, има повеќе дебарчани во Њујорк отколку во Дебар, рече Меџити.

Оџата Омер Кадри, кој потекнува од Дебар, рече дека ова е историска посета бидејќи досега ниту еден претседател и државен претставник не ги посетил во џамијата, која исто така е и граѓански центар.

-Ви благодарам што дојдовте да се сретнете со овие луѓе кои се државјани на САД, но нивните срца се во Македонија, рече оџата Кадри. Дебрани, како што кажа, во Америка почнале да мигрираат во шеесетите години на минатиот век и сега, како што вели тој, нивниот број е меѓу 60 и 80 илјади. Тие работат како градежници, градат фабрики, џамии, училишта, а меѓу нив има и бизнисмени, адвокати, инженери, доктори...

Оџата Кадри посочи и на донациите и помошта што тие ја даваат за матичната земја како што е реновирањето на дебарската болница.

Исто така кажа и дека во Фрихолд, каде што се наоѓа оваа џамија, имаат месечни состаноци со претставници на сите религиски групи кои живеат во овој дел на Њу Џерси.

Претходно, Сиљановска Давкова беше на литургија по повод Мала Богородица во црквата „Свети Никола“ во Тотова, Њу Џерси, а потоа заедно со вицепремиерот Меџити оствари средба со нашинците кои живеат во градот и околината.

Сил: Долг и тежок е процесот за да се одлучи кој филм е најдобар

 Долг и тежок е процесот да се одлучи кој филм е најдобар, истакна на прес конференција во Битола, Џон Сил, претседател на стручното жири на ИФФК „Браќа Манаки“.

Според австралискиот кинематографер и оскаровец Сил, фестивалот во Битола е фестивал на кој сите се победници.

-Прв пат во Битола бев во 2016 година. Благодарам за приликата да работам на овој фестивал, фестивал на кој сите се победници. Многу е тешко да одлучиш кој филм е подобар од другите бидејќи пристапот во работењето е различен. Среќа е што сум претседател на жирито затоа што другите четири членови ќе одлучат и за мене, а јас ќе потврдам. Долг и тежок е процесот да се одлучи кој филм ќе биде најдобар, истакна Сил.

Зо изјава за медиумите, Ањес Годар, повеќепати наградувана француска кинематогарферка посочи дека жирито во текот на фестивалот постојано ќе прашува со цел да ги добие сите одговори.

-Иако е тешко, сепак е многу интересно да се гледа работата на други колеги. Ние ќе бидеме отворени и ќе прашуваме. Кинематографијата е наијинетересна бидејќи го гледаш пристапот кон сите детали. Посебно е фасцинантно да се пронајде инспирацијата на кинематограферите за филмовите што ги направија, истакна Годар.

Годинава член на жирито е и Џевахир Шахин, кинематогафер од Турција кој на промотивната прес конференција во Битола рече дека кинематогафијата е многу комплексна и затоа освен сликата ќе се оценува и целосниот впечаток за филмот, додека пак Биргит Гудјонсдотир од Исланд потврди дека најдобрата и најубавата работа е што има можност да разговара со кинематографери и цело време да се заедно. -Фестивалот е најдоброто место за да заедно зборуваме за филмовите. Многу е тешко да се посочи на најдобрата кинематографија пред се заради луѓето и нивната работа, нагласи исландската кинематограферка Гудјонсдотир.

Во петчленото меѓународно жири, претставник од Северна Македонија е Владимир Блажевски, режисер и сценарист.

-Нашата работа е да го видиме ремек делото во секој филм. Се е специфично и затоа нашата работа на овој фестивал е со многу предизвици. Пред 15 години прв пат бев член на жирито и тоа е мое мало искуство. Да си член на жири е убава работа, но и „темен“ момент бидејќи треба да се пресуди, истакна Блажевски на заедничка прес конференција на стручното жири во прес центарот на ИФФК „Браќа Манаки“.

ВМРО-ДПМНЕ: СДС манипулира, заостанавме зад сите во регионот, а реалната плата имаше пад

СДС манипулира, заостанавме зад сите во регионот, а реалната плата имаше пад, а не раст.

Со СДС Македонија ја престигнаа Албанија и БИХ во раст на БДП по глава на жител, а сега се работи забрзано на економска трансформација

СДС манипулира. Со СДС заостанавме зад сите во регионот, а реалната плата имаше пад, а не раст.

Додека Македонија имаше раст на БДП по глава на жител во период од 2017 до 2022 од само 20%, во Србија растот е 50%. А за истиот период во Бугарија по глава на жител БДП се зголемил за 64%. Повеќе од двојно поголем раст од Македонија има и Албанија, каде по глава на жител во периодот од 2017 до 2022 година БДП пораснал за 52%. Во 2017 Македонија има поголем БДП по глава на жител и од Албанија и од БИХ, сега и двете земји кои беа зад нас не поминаа, а Србија, Бугарија и Црна Гора се уште повеќе пред нас.

Со СДС Македонија има ненадоместливи штети.

Со ВМРО-ДПМНЕ Македонија оди кон економска трансформација, нови инвестиции, владеење на правото и нови мерки и проекти за подобра иднина.

За првпат во историјата на државата пензиите ќе се зголемат за 5000 денари.

Ќе растат и платите. Македонија оди напред, а СДС можат само да учат како се работи.

Со почит,

Центар за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ

Реакција на прес-конференцијата на СДСМ

притисни ентер