Измените на Законот за заштита од вознемирување на работното место или носењето на нов закон останува отворено прашање иако иницијативата за измени е започната уште пред три години.
Од Сојузот на синдикати на Македонија во изјава за МИА велат дека постапката за анализа на потребата од изготвување на нов закон е почната и е формирана работна група, но досега никој не ги повикал.
- Практиката покажа дека законските решенија не обезбедија задоволителна правна рамка за ефикасна заштита од вознемирување на работното место. Од тие причини пред три години се започна со постапка за анализа на потребата од изготвување на нов закон, ССМ има свој претставник во работната група, но од непознати причини веќе цела година работната група не е повикана да го даде своето мислење и да продолжи со работа, нагласуваат од ССМ.
Посочуваат дека имплементацијата на Законот донесен во 2013 година покажала оти има потреба од подобрување на одредбите и негово усогласување со меѓународните трудови стандарди.
До ССМ, која нуди бесплатна правна заштита за правата од работен однос, од 2013 година досега имало 25 обраќања по основ на вознемирување на работното место.
Најголем број обраќања имало во 2013 година, осум, а следната 2014 година седум обраќања.
Во 2024 година, до ССМ по овој основ помош побарале две лица, а претходната година три лица. Податоците од ССМ покажуваат дека во 2017 и 2018 година немало ниту едно обраќање, а по едно обраќање е евидентирано во 2016 година и 2019 година. Во 2015 година имало три обраќања.
- Карактеристично е тоа што во ССМ има голем број обраќања во врска со вознемирувањето на работнoто место, но од лица кои не се членови на синдикатот. Овие податоци упатуваат на тоа дека вознемирувањето на работното место најчестo се случува во средини каде што работниците не се синдикално организирани и едуцирани за своите права, додека синдикално организираните работници по пат на обуки и советувања организирани од ССМ сè повеќе стануваат свесни, го препознаваат и го пријавуваат мобингот, односно бараат законска заштита на своето право да работат во здрава и безбедна работна средина, со најмал можен стрес и почитување на човековото достоинство, велат од ССМ за МИА.
Психичкото вознемирување е негативна појава на работното место која има последици врз физичкото и менталното здравје на работниците, влијае на продуктивноста и квалитетот на работата, а пошироко има сериозни негативни импликации во семејството и општеството воопшто.
Оваа широко распространета негативна појава, бара сериозен пристап од сите институции во државата, со цел да се обезбедат правни и општествени услови и претпоставки за негово намалување и спречување. Потребно е да се работи и на едукација на работниците за остварување, унапредување и заштита на нивните права.
- Многу е битно превентивното делување, обуката која треба да се спроведува и за работодавачите и за работниците за да се стекнат со сознанија за своите права и обврски и одговорности во оваа област, а сериозен придонес треба да дадат и инспекциските служби во заштитата на работниците и нивните права. Само со интегрирани активности на сите субјекти во општеството може да се надминат сериозните последици од оваа негативна појава во областа на трудот и работењето, нагласуваат од ССМ.
[Начините за дигитализација на бизнисите што ги водат жените претприемачки заради полесен пристап до средства за нивно финансирање беа тема на регионалната обука што денеска во Кочани ја орган]
До Службата за бесплатна правна помош при ССМ од година во година се зголемува и бројот на обраќања за неправилности во однос на примената на Законот за работни односи и за непочитување на недела неработен ден во областа на здравствената заштита, комуналните препријатија и рударството.
Минатата и оваа година најголемиот број обраќања се однесуваат на примената на Општиот колективен договор (ОКД) за јавен сектор, односно исплатата на регресот за годишен одмор уреден првпат по подолг временски период со овој ОКД што минатата година го потпиша ССМ. Обраќањата има и во врска со зголемувањето на платите во јавниот сектор, исплатата на јубилејните награди и примената на новата методологија за пресметка на платата.
Во приватниот сектор најчестите обраќања се во врска со неисплатени плати, додатоци или надоместоци на плата, а посебно додатокот за минат труд којшто, како што посочуваат од ССМ, најчесто не се исплаќа кај работодавачите каде синдикатот нема свои членови.