Во последниот случај, припадници на МВР Делчево приведоа младо лице кое вршело криволовство со мрежички на река Брегалница во Делчево. Членовите на Спортското риболовно друштво (СРД) „Брегалница” се задоволни што конечно се става крај на оваа негативна појава.
-Според нашите информации на момчето кое е приведено од страна на МВР му е одземена опремата, при што добивме ветување дека акциите ќе продолжат и понатаму. Сакаме да апелираме до граѓаните и понатаму да пријавуваат криволовство како и продажба на недозволени средства за риболов во МВР и надлежниот инспекторат, велат од СРД „Брегалница”.
Од друштвото, воедно, го најавија и претстојниот натпревар во спортски риболов што ќе се одржи на езерскиот комплекс „Сандански”.
-Спортскиот натпревар на езеро Сандански оваа година ќе се одржи на средината на месец септември и ќе биде меморијален во чест на нашите колеги Виктор Aралампиев и Александар Захариев, соопштија од друштвото.
Натпреварот, наведуваат, ќе се одржи на 15 септември, а пријавувањето е најдоцна до 12 септември, оваа година. /МИА