Ковачки од Велес: Претседател како Пендаровски, нем посматрач на крадење, народот не заслужува

Носителот на ИЕ3 и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ковачки од митингот во Велес порача дека е време за промени, Македонија повторно да биде горда. 

Велешани заслужуваат посветла иднина и просперитетна држава, а тоа е можно само со ВМРО-ДПМНЕ и идниот претседател на државата, Гордана Силјановска Давкова.

„Изминативе 7 години наместо да живееме, ние преживуваме. Наместо да ја водат државата напред, владата на ДУИ и измеќарите од СДС секојдневно приредуваа нови скандали и коруптивни афери. Наместо да имаме богати граѓани, изминатите 7 години имавме богати министри на кои богатството секојдневно им се окрупнува, додека вие осиромашувавте. Во секој тендер гледаа процент, а од секоја работа имаа екстра заработувачка“, рече тој.

„Затоа сега влегуваме во финалето за конечно враќање на Македонија во рацете на граѓаните, и конечно ставање крај на ова неспособно и криминално владеење на корумпираните од СДС и ДУИ. Ова е последна шанса за победа на Македонија“, нагласи Ковачки.

Тој посочи дека Владата на СДС и ДУИ донесе само беда и сиромаштија. Наместо да испорача резултати за граѓаните, Ковачевски Димитар слугата на Али Ахмети, испорача се што му беше наредено од ДУИ. Затоа во Македонија граѓаните имаат чувство дека се граѓани од втор ред, бидејќи државата е во рацете на неколкумина кои што глумат елита, додека овој народ, едвај преживува.

„Оние од ДУИ се однесуваат како Македонија да е нивна сопственост. А, тоа им го дозволи Ковачевски Димитар, кој е продолжена рака на Зоран Заев, бидејќи тој истиот на нелегитимен начин, за да седне во таа незаслужена фотелја беше поддржан од Ахмети“, појасни Ковачки.

Ковачки укажа дека Пендаровски Стево, наместо да им се спротивстави, мудро набљудуваше и молчеше. За ниту еден криминален скандал и афера од страна на ДУИ и измеќарите од СДС, збор не изусти, само за да му се додвори на Али Ахмети.

„Таков претседател, кој е нем посматрач на крадењето на Македонија, народот не го заслужува. Имавме влада и претседател на Македонија кои на секое ново национално понижување и негирање на државата, молчеа и не се спротивставуваа. Имавме влада и претседател кои се откажаа од македонскиот јазик, историја и идентитет, само за да им се допаднат на оние од надвор. Прифатија се што им се стави на маса, и го понижија Македонецот и македонскиот народ“, истакна Ковачки.

„За ова и секое претходно понижување мораме да ги казниме. А, тоа се случува на денот на изборите. Најпрво на 24-ти април, а после и на 8-ми мај. Да ги поразиме и да ги испратиме на темната страна на историјата. Да ги испратиме и да им покажеме дека македонскиот народ е за промени. Да им се спротивставиме сплотени и обединети, со масовна излезност на изборите, затоа што тоа е единствениот начин за да ја трансформираме Македонија“, порача Ковачки.

Ковачки рече дека сега е време за промени, промените се во рацете на граѓаните, се наведува во партиското соопштение.

ДКСК: Вишиот управен суд ја одби жалбата на АСЈО, приемот на нови слушатели во мирување

Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) соопшти дека Вишиот управен суд ја потврдил одлуката во врска со приговорот од организатор на изборна кампања за вработувањата во Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“. 

- Вишиот Управен суд донесе пресуда со која се одби жалбата на Академијата за судии и јавни обвинители, со што ја потврди пресудата на Управниот суд, и постапката за прием на 130 нови слушатели во почетна обука ја стави во мирување, се до завршување на изборите. Жалбата е одбиена како неоснована, се наведува во соопштението од ДКСК.

Од Државната комисија за спречување на корупцијата посочуваат дека за овој предмет и за сите наредни предмети, постапила и ќе постапува врз основа на пропишаните закони и прописи, во насока на зајакнување на владеење на правото, како врвен приоритет кон кој цели државата.

-Оваа одлука на Вишиот Управен суд не охрабрува и ни дава поттик уште попосветено да ја вршиме работата за која ја добивме довербата, истакнуваат од ДКСК. Пресудата е достапна на следниот линк

Управниот суд на 22 април ја отфрли како неоснована тужбата на Академијата за судии и јавни обвинители против Државната комисија за спречување на корупцијата, откако претходно ДКСК расправаше по втор пат и одлучи да се стави во мирување постапката за прием на 130 слушатели на Академијата до завршување на изборите.

Принцот Вилијам проговори за здравствената состојба на Кејт Мидлтон

Принцот Вилијам денеска за време на јавен настан во Њукасл проговори за здравствената состојба на неговата сопруга Кејт Мидлтон, која пред повеќе од еден месец откри дека боледува од рак.

При посетата на принцот на овој град се собраа голем број граѓани кои сакаа да го видат и поздрават идниот крал на Велика Британија.

Меѓу неговите поддржувачи била и Џули Кеј (60), која го прашала принцот како е неговата сопруга и децата.

„Сите се добро, благодарам. Добро ни е“, рекол Вилијам.

Принцот Вилијам полека се враќа на кралските обврски откако направи пауза поради лекувањето на неговата сопруга Кејт Мидлтон.

Двајцата вчера прославија 13 години брак, а на социјалните мрежи објавија приватна фотографија од нивната венчавка.

Кејт во видео минатиот месец откри дека боледува од рак. Во споменатото видео, таа ги замоли луѓето да ѝ дадат време и приватност за време на лекувањето.

Таа исто така им се заблагодари на сите за поддршката за време на нејзиното лекување и за сите пораки што ги добиваше од обожавателите на кралското семејство.

Поранешен шеф на дипломатија доби 32 месеци затвор поради продажба на стан во Монте Карло

Италијанскиот суд го осуди поранешниот министер за надворешни работи на Италија, Џанфранко Фини на две години и осум месеци затвор за неговата улога во продажбата на стан во Монте Карло што неговата партија го продавала.

Елизабета Тулијани, партнерката на Фини, е осудена на пет години затвор, додека нејзиниот брат Џанкарло Тулијани доби шест, а нивниот татко Серџо Тулијани пет години затвор, објави Ројтерс.

Обвинителството го обвини Фини, поранешниот лидер на десничарската Национална алијанса (АН) и другите обвинети за перење пари.

Во коментарите по пресудата, Фини рече дека е ослободен од главното обвинение, но сепак е осуден за авторизирање на договорот, што тој негира дека го сторил.

„После толку разговори, толку расправии и обвинувања, толку политички осуди, за што се сметам себеси за одговорен пред новинарите?

Тој додаде дека причината е што ја одобрил продажбата.

„Навистина не разбирам што е кривичното дело“, нагласи Фини.

Фини, кој беше клучен играч во италијанската политика во 1990-тите и 2000-тите, и сите обвинети ќе се жалат на пресудата и нема да одлежат затворска казна додека жалбите не се исцрпат.

Тој го предводеше крајно десничарското италијанско социјално движење (МСИ) во владата во 1994 година како дел од коалицијата предводена од поранешниот италијански премиер Силвио Берлускони.

Подоцна ја претвори МСИ во помејнстрим АН и служеше како министер за надворешни работи и шеф на Долниот дом на парламентот.

Актуелната премиерка на Италија, Џорџа Мелони, се искачи низ рангот на MSI и AN под водство на Фини.

Нејзината партија, Браќата од Италија, влече корени од двете партии. Фини има 72 години и повеќе не се занимава со политика.

притисни ентер