Ковачевски ќе го пречека Столтенберг, тет-а-тет средба и заедничка прес-конференција

Премиерот Димитар Ковачевски денеска попладне ќе го пречека генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг, кој е во официјална посета на Република Македонија, што е прва посета откако државата е полноправна членка на НАТО.

Како што информираат утрово од владината прес - служба, според агендата генералниот секретар на НАТО Столтенберг, веднаш по церемонијата на пречекот ќе одржи тет-а-тет средба со премиерот Ковачевски, по што ќе следува билатерална средба на двете делегации.

Во составот на македонската делегација ќе бидат министерката за одбрана, Славјанка Петровска, министерот за надворешни работи, Бујар Османи, министерот за информатичко општество и администрација, Азир Алиу и амбасадорот на Македонија во НАТО, Дане Талески.

Столтенберг е во дводневна посета на Скопје во рамки на неговата турнеја во земјите од Западен Балкан.

Генералниот секретар на НАТО денеска попладне ќе има билатерална средба со претседателот на Собранието на Република Македонија, Талат Џафери, по што ќе се обрати пред пратениците во Собранието, во рамки на 132. седница. Столтенберг ќе биде примен и од претседателот Стево Пендаровски во неговиот Кабинет.

Утре во Скопје ќе се одржи неформалниот лидерски состанок на НАТО сојузниците од регионот.

Столтенберг и Ковачевски, како што е најавено, ќе ги пречекаат поканетите лидери од Република Албанија - премиерот Еди Рама, Република Хрватска - претседателот Зоран Милановиќ, Република Црна Гора - премиерот Милојко Спајиќ и Република Словенија - премиерот Роберт Голоб.

Турнејата низ регионот Столтенберг ја започне од Босна и Херцеговина во неделата, по што замина во посета на Косово. Од вчера Столтенберг престојува во Србија, од каде денеска попалдне ќе допатува во Скопје, како последна етапа од неговата турнеја низ земјите од Западниот Балкан.

Од МВР информираат дека поради пристигнувањето на поголем број на странски делегации денеска ќе има посебен сообраќаен режим на поширокото градско подрачје во Скопје. За таа цел Секторот за внатрешни работи Скопје апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите што ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците.

Кирби: Белата куќа е за продолжување на оперативната пауза во борбите меѓу Израел и Хамас

 САД поддржуваат натамошно продолжување на оперативната пауза на борбите меѓу Израел и Хамас за да се обезбеди ослободување на сите заложници во заробеништво, соопшти Белата куќа.

„Сакаме да ги видиме сите заложници ослободени. Ако може да се пролонгира паузата повеќе од овие дводневни продолжувања... ние сме за тоа. И ќе продолжиме да работиме на ова цело време со сите наши партнери во регионот, изјави портпаролот на Советот за национална безбедност на Белата куќа, Џон Кирби.

На прашањето за претстојната посета на државниот секретар Антони Блинкен на Блискиот Исток, Кирби рече дека неговата четврта посета првенствено ќе се фокусира на реафирмирање на американската поддршка за Израел и олеснување на хуманитарната помош во Газа.

Тој понатаму додаде дека Блинкен ќе се сретне со своите израелски колеги и со други претставници од регионот.

Претставник на Стејт департмент: Путин нема да склучи мир во Украина

Путин нема да склучи мир во Украина пред да ги дознае резултатите од претседателските избори во САД.

Рускиот претседател Владимир Путин нема да склучи мир во Украина додека не ги знае резултатите од американските избори во ноември 2024 година, изјави синоќа висок функционер на американскиот Стејт департмент. Трамп, кој бара реизбор во 2024 година и е фаворит за републиканската претседателска номинација, остро ја критикуваше американската поддршка за Киев.

Висок функционер на Стејт департментот, кој ги брифираше новинарите по состанокот на министрите за надворешни работи на НАТО во Брисел, рече дека Алијансата ја потврдува својата поддршка за Украина, знаејќи дека мировен договор следната година е малку веројатен.

„Моите очекувања се дека Путин нема да склучи мир, или барем суштински мир, пред да го види исходот од нашите избори“, рече функционерот, кој побара да не биде именуван.

„Ова беше контекстот во кој сите сојузници изразија силна поддршка за Украина“ на состанокот на НАТО, додаде изворот, без да го спомене Трамп по име или да каже конкретно како изборниот резултат ќе влијае на поддршката за Украина.

Американскиот претседател, демократот Џо Бајден, обезбеди огромна воена помош и други форми на поддршка за Киев по целосната инвазија на Русија во февруари 2022 година, но дополнителното финансирање за Украина беше одложено од Претставничкиот дом, контролиран од републиканците.

Борел: Потребен е напредок на учесниците во дијалогот за состојбите во Западен Балкан

Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Жосеп Борел, објави дека шефовите на дипломатиите на членките на НАТО на синоќешната средба во Брисел имале важна размена на мислења за состојбите во Западен Балкан.

-Ги информирав шефовите на дипломатиите за актуелната ситуација во однос на дијалогот што се води под покровителство на ЕУ. Потребен е напредок на учесниците во дијалогот, напиша Борел на социјалната мрежа „Х“.

Тој укажа на важноста БиХ да го искористи моментот за одлучувачки напредок на патот кон членството во ЕУ.

Пред почетокот на министерскиот состанок на НАТО во Брисел, чија агенда го вклучува Западен Балкан, Борел рече дека мисијата ЕУЛЕКС на Косово ќе продолжи да соработува со КФОР за обезбедување стабилност и безбедност на северот на Косово, соопшти Европската служба за надворешна политика.

Борел додаде дека стабилноста и просперитетот на земјите од Западен Балкан и нивното усогласување со надворешната политика на Унијата се од витално значење за ЕУ.

притисни ентер