Констракта е против интернет-објавите за лесна заработка

Српската пејачка Ана Ѓуриќ - Констракта, по победата на српскиот „Евросонг“,  добива доста понуди за спонзорства. 

Сепак, како што рече таа во интернет-емисијата „100 минути врева“, не е секогаш среќна со тие понуди - особено со рекламирањето на интернет-просторот.

- Не ми е во ред... Ќе наплаќам за мојот лик и дело - тоа е ОК. Но, зошто би земала 5.000 евра за една објава? Сметам дека тоа е навредливо за луѓето кои секој ден цел месец од 9 до 17 часот работат некоја одговорна работа. Не сакам да учествувам во тоа, појасни таа.

„Чесна жена, симнете ѝ капа“; „Во право е, луѓето на 'Инстаграм' ќе направат сѐ за да ги претстават своите 'животчиња' како повредни од туѓите“; „Секоја чест за сѐ, ја обожавам!“ - се дел од позитивните коментари.

Инаку, Констракта лани го освои петтото место во финалето на „Евровизија“, што е најдобар резултат на Србија последниве 10 години. Таа се пријави и на годинешниот национален натпревар со песната „Ново, боље“.

Почина Славе Сирачевски, познат угостител и сопственик на Аурора

Почина Славе Сирачевски, сопственикот на туристичката агенција Аурора Турс, угостителски објект на езерото Козјак и на еден од најубавите хотелски ресорти во Македонија, Аурора Берово.

Веста на фејсбук ја објави поранешниот директор на Агенцијата за туризам Љупчо Јаневски.

„Македонскиот туристички сектор загуби еден од креаторите и визионерите на македонскиот туризам.

Славе Сирачевски со Аурора Турс и уникатните концепти на Хотел Аурора Берово и Аурора Козјак успеа да докаже дека вложувањата за рурален туризам е голема можност во Македонија и пример за регионот!

Во мое лично име изразувам сочуство на семејството!

Благодарам Славе за многуте совети кои ги сподели со мене и помогна во мојот кариерен развој и развојот на македонскиот туристички сектор.

Почивај во мир Славе“, напиша на својот статус Љупчо Јаневски.

Сочувство до семејството Сирачевски од целиот тим на Канал 5.

Саливан: САД, Израел, Египет и Катар се договорија за „контурите“ на договорот за заложници

САД, Израел, Египет и Катар се договорија за „основните контури“ на договорот за заложниците.

Соединетите Американски Држави, Израел, Египет и Катар постигнаа договор за „основните контури“ на договорот за заложниците и привремен прекин на огнот во Појасот Газа, изјави денеска за Си-Ен-Ен советникот за национална безбедност на Белата куќа, Џејк Саливан.

„За договорот сè уште се преговара“, рече Саливан, додавајќи дека се планирани индиректни разговори со палестинското исламистичко движење Хамас, а како посредници ќе бидат Катар и Египет.

Во меѓувреме, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху рече дека се уште е нејасно дали тековните разговори ќе доведат до договор.

Во интервју за Си-Би-Ес Њуз, Нетанјаху рече дека подоцна денеска ќе се сретне со неговиот тим за да разговара за воениот план за евакуација на палестинските цивили во Газа и операцијата за уништување на преостанатите формации на Хамас.

„Ако имаме договор, тој ќе биде малку одложен, но тоа ќе се случи. Ако не се постигне договор, сепак ќе го направиме“, рече израелскиот лидер. /МИА

Во Шпанија уапсен еден од најбараните криминалци од марсејскиот клан

Французин за кој се верува дека е „главниот член на марсејскиот клан“, вклучен во шверц на дрога, е уапсен денеска во Шпанија, соопшти шпанската полиција, која го опиша како „еден од најбараните бегалци во Франција“.

„Криминалецот, против кого е распишана европска потерница, е уапсен во бар на брегот јужно од Барселона, а идентификуван е како Жан-Ентони Блас, роден 1990 година“, се вели во соопштението на шпанската полиција.

Уапсениот е осуден на 10 години затвор во Франција за трговија со дрога, недозволено поседување оружје, дела против јавниот ред и безбедност и припадност во организирана криминална банда.

Тој избега за време на полициска операција против него во март 2023 година во Франција. За време на бегството користел четири различни идентитети.

Марсејскиот клан наводно шверцува канабис во Шпанија и поседува голем арсенал на воено оружје, се вели во соопштението на шпанската полиција. /МИА

притисни ентер