Клековски: Министерот Тошковски покажа дека му е важно владеење на правото

Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски покажа дека единствено важно му е владеење на правото и ја информираше јавноста дека престануваат да важат патните исправи и возачките дозволи. 

Јас се сомневам дека СДСМ ќе предложеше измени на законот ако тоа не го стореше ВМРО-ДПМНЕ, рече Сашо Клековски, член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ на гостување во емисијата Само вистина што се емитува на телевизија Канал 5 укажувајќи дека министерот Тошковски за еден ден го реши проблемот со возачките дозволи.

„Законите кои се однесуваат на документите на граѓаните се донесени 2021 година, Преспанскиот договор е многу пред тоа, дополнително во меѓувреме се издаваа документи со Република Македонија, а кој требаше да предложи и да ги смени законите, многу е јасно“, изјави Клековски.

Клековски потсети на изјави на тогашниот владин портпарол кои се однесуваат на промена на личните документи на граѓаните.

„Миле Бошњаковски рече дека документите ќе се издаваат, односно заменуваат со истек на нивниот рок рече тогашниот портпарол на Владата, Миле Бошњаковски и одеднаш им рекоа на граѓаните е сега мора да ги менувате документи“, посочи Клековски.

Според Клековски за целата ситуација, поточно хаосот со издавање на личните документи многу е јасно кој е виновен.

„Виновен е тогашниот министерот за внатрешни работи затоа што навреме не ги почна процесите за набавка на обрасци, документи. Да почнеше се навреме немаше да дојде до оваа ситуација, до хаос и дополнителни трошоци за граѓаните, да даваат пари за важечки документи“, кажа Клековски.

Во Шпанија уапсен еден од најбараните криминалци од марсејскиот клан

Французин за кој се верува дека е „главниот член на марсејскиот клан“, вклучен во шверц на дрога, е уапсен денеска во Шпанија, соопшти шпанската полиција, која го опиша како „еден од најбараните бегалци во Франција“.

„Криминалецот, против кого е распишана европска потерница, е уапсен во бар на брегот јужно од Барселона, а идентификуван е како Жан-Ентони Блас, роден 1990 година“, се вели во соопштението на шпанската полиција.

Уапсениот е осуден на 10 години затвор во Франција за трговија со дрога, недозволено поседување оружје, дела против јавниот ред и безбедност и припадност во организирана криминална банда.

Тој избега за време на полициска операција против него во март 2023 година во Франција. За време на бегството користел четири различни идентитети.

Марсејскиот клан наводно шверцува канабис во Шпанија и поседува голем арсенал на воено оружје, се вели во соопштението на шпанската полиција. /МИА

Реакција на СДСМ на изјавата на Христијан Мицкоски за енергетиката

Добро е да се дебатира на евтина тарифа, во недела, но енергетиката е поле каде што Христијан Мицкоски и ДПМНЕ се убедливо најслаби и со најлоши резултати.

Во времето на ДПМНЕ струјата беше поскапена за 100%, иако немаше глобална енергетска криза.

Дополнително дневната евтина тарифа на струјата за граѓаните беше укината.

Тоа е времето кога Мицкоски беше советник на Груевски за енергетика а потоа и директор на ЕСМ.

Кога наместо во енергетски капацитети се планираа градби на „рајски градини“ и паркови со мајмуни вредни 14 милиони евра.

Колку е големо непознавањето на енергетиката од страна на Мицкоски говорат сите негови промашени прогнози дека струјата ќе поскапи за 40%.

СДСМ не само што не дозволи да поскапи струјата туку со успешни енергетски политики во време на глобална криза го заштити стандардот на граѓаните и го одржа енергетскиот сектор.

Над 600 илјади домаќинства добиваат субвенционирана цена на струјата и до 90%.

СДСМ го зголеми домашното производство на струја за 45%, за прв пат после 12 години беше активирана ТЦ Неготино а со тоа увозот на струја е драстично намален.

Тоа е време на СДСМ кога ДПМНЕ спроведуваше активна блокада на Собранието и кога се постигнаа најдобрите резултати во енергетиката во нашата земја.

Во изминатите две години имаме најголемо инвестирање и најмногу обновливи извори на енергија кои што произведуваат електрична енергија.

До 2016 година во време на владата на ДПМНЕ имало само 16 мегавати инсталирани обновливи извори на енергија.

Само во изминатите две години во мандатот на СДСМ се исталирани 600 мегавати обновливи извори на енергија, кои може да снабдуваат околу 170 илјади домаќинства со струја.

Над 270 километри гасовод изгради СДСМ а ДПМНЕ само 35 километри.

270 километри гасовод е многу значајно за гасификацијата која е при крај, цела делница Куманово па преку Неготино и Битола долга 188 километри, делницата Скопје-Тетово-Гостивар од 76 километри, кракот кон Тетово.

Единствено она што беше впечатливо на денешниот настан на ДПМНЕ е што сите ангажирани експерти беа истите кои ги промашија сите прогнози кога јавно велеа дека струјата ќе поскапи а тоа никогаш не се случи.

Центар за комуникации со јавноста на СДСМ

Реконструирана спортската сала во скопското училиште „Кузман Јосифовски - Питу“

 Завршена е реконструкцијата на училишната спортска сала во ООУ „Кузман Јосифовски - Питу“ во Општина Кисела Вода. 

Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски денеска го посети реновираниот објект, каде е поставена нова ПВЦ подлога и е извршено молерисување на целиот простор.. Со обновата на спортската сала се заокружува целосната реконструкција на ова училиште, информираат попладнево од Општина Кисела Вода.

- Минатата година беше променета кровната конструкција, поставена нова термоенергетска фасада, изграден лифт за децата со посебни потреби, пристапни рампи, специјални тоалети и паркинг - места за овие лица, сензорна соба, со што ова е првото целосно инклузивно училиште во Скопје, пишува во соопштението на локалната самоуправа.

-Ова училиште, претставува вистински одраз на нашата стратегија за унапредување на образованието и поддршка на развојот на нашите најмлади, поддршката на инклузијата и на лицата со посебни потреби, како и стимулирањето на развојот на спортот и подобрување на физичката активност кај децата, се додава во соопштението.

Во изминатите две години, како што наведуваат од Општината, целосно се реконструирани и спортските сали во ООУ „Невена Георгиева - Дуња“, „Партенија Зографски“, а започната е и изградбата на спортската сала во Пинтија, во склоп на училиштето „Рајко Жинзифов“.

-Вложувавме и во изградба на спортски терени во училиштата, па така ООУ „Круме Кепески“ доби ново фудбалско и детско игралиште, повеќе наменско и кошаркарско игралиште во „Партенија Зографски“, спортски терени во „Кирил Пејчиновиќ“, култната „Славија“ стана модерен спортски комплекс, изградивме спортски центар во Пинтија, во Потстаница, спортско рекреативен центар во Дупки, во Оксиген и така натаму. Продолжуваме понатаму, бидејќи ова е насока кон која ќе се движиме и во периодот што е пред нас, вели градоначалникот Ѓорѓиевски.

притисни ентер