Кина го повика Израел што поскоро да ја прекине воената операција во Рафах

Кина денеска го повика Израел да ја прекине воената операција во Рафах на југот на Појасот Газа „што е можно поскоро“ со цел „да се спречи уште посериозна хуманитарна катастрофа“.

Се зголемува меѓународниот притисок за договор за примирје меѓу Израел и Хамас, вклучително и ново ослободување на заложниците, и покрај заканата од израелска офанзива врз Рафах, последното засолниште на повеќе од милион луѓе во Газа.

„Кина внимателно го следи развојот на настаните во регионот Рафах, се спротивставува и ги осудува акциите кои им штетат на цивилите и го кршат меѓународното право“, се вели во изјавата на портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи.

„Кина го повикува Израел да ја прекине својата воена операција што е можно поскоро, да стори сé што е можно за да избегне невини цивилни жртви, за да спречи уште посериозна хуманитарна катастрофа во регионот Рафах“, се додава во соопштението, пренесе Франс прес.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху неодамна и нареди на армијата да се подготви за офанзива во Рафах, каде 1,4 милиони Палестинци, повеќе од половина од вкупното население, избегаа од конфликтот.

Мнозинството Европејци оптимисти за иднината на ЕУ

Вкупно 58 отсто од жителите на земјите членки на ЕУ се оптимисти за иднината на Унијата, а 55 проценти од нив изјавиле дека се сигурни во силата на европската демократија, покажуваат најновите резултати од истражувањето Евробарометар. 

Од друга страна, 37 отсто од анкетираните Европејци изразуваат песимизам околу иднината на ЕУ, а додека 41 проценти не се уверени во јачината на демократијата во блокот.

Како главни предности на ЕУ, 38 отсто од испитаниците ги идентификувале почитувањето на демократијата, човековите права и владеењето на правото, 34 проценти нејзината економска, индустриска и трговска моќ, а 28 отсто добрите односи и солидарност меѓу земјите членки на Унијата.

Како приоритетни области на кои треба да се посвети ЕУ, по 33 проценти од анкетираните ги посочиле заштитата на животната средина и борбата со климатските промени и справувањето со илегалната миграција, за 29 отсто тоа се безбедноста и одбраната, за 25 проценти војната во Украина. Дури 64 отсто од граѓаните на ЕУ загрижени за безбедноста на ЕУ во следните пет години.

Половина од анкетираните или 50 отсто, токму војната во Украина ја сметаат за најголем предизвик со кој се соочува ЕУ, по што следуваат илегалната миграција, која за главен предизвик ја сметаат 41 отсто Европејци и животната средина и климатските промени, кои се врвен предизвик за 35 проценти од испитаниците.

Доверба во перформансите на европската економија во следните пет години искажале 51 отсто од Европејците, додека 45 проценти се скептични во однос на економските перспективи до 2029 година.

На прашањето „кои вредности најдобро ги отсликуваат ЕУ во споредба со другите земји во светот“, по 53 отсто од Европејците ги посочиле почитувањето на основните права и вредности, како и слободата на говор и изразување.

Анкетата е спроведена помеѓу 25 јуни и 2 јули годинава и со неа биле опфатени 25.658 граѓани од сите 27 земји членки на ЕУ.

ИОК се извини за погрешното име на делегацијата на Јужна Кореја на отворањето на Олимпијадата

 Прес-службата на Интернационалниот олимписки комитет (ИОК) објави извинување за погрешното име на Јужна Кореја на свеченото отворање на Олимписките игри во Париз.

За време на парадата, спортистите од Јужна Кореја синоќа по грешка беа претставени како Северна Кореја.

- Би сакале длабоко да се извиниме за грешката што се случи при претставувањето на делегацијата на Јужна Кореја за време на церемонијата на отворањето, се вели во соопштението на ИОК на официјалните социјални медиуми на корејски јазик.

Олимписките игри се одржуваат во Париз од 26 јули до 11 август.

ЕЕБ: Со правилни одлуки во Европа може да има и доволно храна и енергија и обновена природа

Според ЕЕБ, како Зелениот договор на ЕУ се спроведува во пракса, така се разжештува дебатата за тоа дали земјиштето треба да се користи за производство на храна, за добивање енергија од обновливи извори или за заштита на природата. 

Потребите за струја во ЕУ би можеле да се задоволат со енергија добиена од ветерници и соларни колектори, без притоа да се предизвикаат штети во производство на храна или животната средина, но тоа зависи од човечкиот фактор, односно од одлуките и изборите на индивидуално и политичко ниво, се посочува во најновиот извештај на невладината организација Европско биро за животна средина (ЕЕБ).

Според ЕЕБ, како Зелениот договор на ЕУ се спроведува во пракса, така се разжештува дебатата за тоа дали земјиштето треба да се користи за производство на храна, за добивање енергија од обновливи извори или за заштита на природата.

- Во Европа има доволно земјиште за остварување сите овие цели, доколку го направиме вистинскиот избор, се наведува во извештајот на ЕЕБ насловен „Земјиште за обновливи извори“.

Во документот се посочува дека со поставување на ветерници и соларни панели на само 2,2 отсто од земјиштето во ЕУ може се обезбеди до 2040 година целиот електроенергетски систем на блокот да функционира со енергија од обновливи извори и да се обезбеди нулто ниво на емисија на штетни гасови во енергетскиот сектор.

- Нема причина да се верува дека обновливите извори на енергија би биле пречка за производство на храна и за обнова на природата, смета раководителот на тимот што го изработи извештајот Козимо Тансини.

Во анализата се наведува дека дури и ако се исклучат обработливото земјоделско земјиште и областите со висока биолошка разновидност, во ЕУ и натаму има многу слободен простор за поставување системи за производство на енергија од ветерот и Сонцето.

Сепак, таквиот заклучок важи за ЕУ во целина, додека некои земји, како на пример Италија и Германија, немаат доволно простор за поставување на ветерници и соларни панели кои би произведувале доволно количество на енергија за задоволување на нивните потреби, па би биле принудени увезуваат струја од други држави од блокот.

Во извештајот се посочува и можноста за „двојна употреба“ на земјиштето со обезбедување на „поблиска интеграција“ на земјоделството и производството на еолска и сончевата енергија. Според авторите на анализата, околу 10 отсто од земјоделското земјиште има услови за „двојна употреба“. Станува збор за недоволно продуктивни земјишта и на нив би можеле да се постават повеќе ветерни и соларни инсталации.

Во извештајот, сепак, се наведува дека за остварување на целта за целосно задоволување на потребите за енергија со производството од ветерниците и соларните панели, ќе бидат потребни промени во однесувањето на луѓето и намалување на потрошувачката на струја.

- Промените во животниот стил би можеле да ја намалат потребата за обновлива енергија и да ослободат повеќе земјишен простор. На пример, денес 2,5 отсто од вкупното земјиште во ЕУ се користи за производство на храна за животните. Намалувањето на потрошувачката на месо би резултира со намалување на потребите за животинска храна, се наведува во извештајот.

Авторите на анализата се осврнуваат и на можноста на противење на локалните заедници на поставување на ветерници и соларни инсталации на нивното земјиште, па затоа е потребно да се работи на подигање на свеста на припадниците на овие заедници за важноста на обновливите извори на енергија со што ќе се овозможи изградба на доволно капацитети за производство на струја од ветер и сончева светлина.

- За повисоко ниво на енергетска транзиција исто така е важен и политичкиот пристап. Потребен е сеопфатен и интегриран пристап, бидејќи во спротивно капацитетите за обновливи извори на енергија можеби нема да бидат доволни за постигнување на климатска неутралност според предвиденото, вели Тансини.

Во изјава за „Еурактив“, Тансини посочи и дека за капацитети за производство на енергија од водород, за што се залагаат некои политички структури, се потребни поголеми површини од оние за инсталациите за обновливи извори, што би резултирало со „помалку ефикасна употреба на земјиштето“ за добивање на струја

притисни ентер