Катастрофални поплави во Босна и Херцеговина–Повеќе од 20 загинати

Бројот на жртви од час во час расте, цели населби се отсечени, без струја и без телефон, а апокалиптичните пејсажи сведочат за поплавите какви не памети Босна и Хереговина.

Најпогодени се јужните и централните делови од земјата. Најпогодената, Општина Јабланица е буквално проголтана од големи одрони, кои само таму одзеделе 15 жртви.

Критично е и во соседните Коњиц, Кисељак, Фојница и Крешево. Се трага по десетина исчезнати, а спасувачките операции се отежнати поради уништените патишта и мостови.

-Во Јабланица и долна Јабланица, каде повеќето населени места и дел од Јабланица се отсечени. Целосно е прекинат сообраќајот, задно со железничкиот сообраќај, во делумен прекин е телефонската комуникација. Дојде до сериозни одрони, лизгања на земјиштето до поплави и излевање на реки. Никој од граѓаните да не тргнува кон Јабланица и Коњиц, зашто во прашање се животи. , изјави Адил Шута, министер за финансии во херцеговско – неретванскиот кантон.

-Се надеваме во најдобар исход, со што помалку жртви, за жал според првите информации, имаме човечки животи. , изјави Марија Бухач, премиерка на херцеговско – неретванскиот кантон.

На ниво на целата држава попладнево е прогласена состојба на природна катастрофа. Според сведоштвата на жителите, големи количини вода од излеаните реки рано утрото ги затекнале в постела, носејќи со себе дрвја, автомобили и цели куќи.

Водата која денеска се повлече во дел од населените места ги откри размерите на катастрофата. Снимките покажуваат пат кој буквално води во бездна или железнички шини кои лебдат во воздух. Луѓето во заробените куќи се извлекуваат со механизација.

Повозрасните жители велат дека вакви поплави не паметат 70 години, кога тогашната ЈНА со чамци ги евакуирала од домовите.

-Најмалку 10 куќи се урнати. Наводно 4-5 лица се водат за исчезнати. Ги нема.

-Кога станавме имаше вода до овде. За минута водата ни ја однесе цела куќа. Не знаеме ниту еден предмет каде е.

-Го однесе автомобилот наваму. Куќата ја повлече. Еве видете ни папучи не успеав да облечам. , велат жители на Крешево.

Босанските власти донесоа одлука за ангажирање на војската во справувањето со поплавите, чии штети засега не можат да се предвидат.

Вонредната состојба го става во неизвесност одржувањето на локалните избори во погодените опшштини кои треба да се одржат в недела.

Најскапиот квадрат во Србија се продава во комплексот „Белград на вода“- 9.125 евра

Најскапиот стан продаден за 955.000 евра.

Во Србија според Републичкиот геодетски завод во вториот квартал годинава највисоки цени за станови се постигнати во Белград, каде што најскапиот квадрат е продаден по цена од 9.125 евра во комплексот „Белград на вода“, додека на истата локација најголема сума од 955.000 евра, издвоена е за стан со вкупна површина од 145 квадратни метри. Најскапата куќа е продадена во општина Савски Венац во Белград за 1,5 милиона евра, додека најскапото паркинг место е платено за 60.000 евра, јави дописникот на МИА од Белград.

Вредноста на прометот со недвижности во Србија во вториот квартал годинава изнесува 1,8 милијарди евра и е за 8,2 отсто поголем во однос на вториот квартал од 2023 година, соопшти Републичкиот геодетски завод и констатира дека бројот на продажби на недвижности е зголемен за 0,6 отсто и изнесува 30.837.

Од 1,8 милијарди евра, 446,4 милиони евра доаѓаат од делумно регулираниот пазар.

Најголемо учество во вкупниот промет на недвижен имот зазема продажбата на станови, 979,5 милиони евра, со учество од 56 отсто од вкупната вредност во тргувањето.

За куќи се издвоени 150,2 милиони евра, што е девет отсто од вкупната вредност, за градежно земјиште 147,2 милиони евра, осум отсто од вкупната вредност, за деловен простор 77 милиони евра, четири отсто и за земјоделско земјиште 52,5 милиони евра или три отсто од вкупната вредност.

Што се однесува до начинот на плаќање, 10 отсто од сите истргувани недвижности се финансирани преку кредити, што претставува зголемување за три процентни поени во однос на претходната година.

Кредитните средства најмногу се искористени за купување станови, при што 23 отсто од сите купувања се остварени на овој начин, што е забележително зголемување во однос на истиот период лани кога тој процент изнесуваше 16,5.

Бројот на купопродажни договори во вториот квартал е значително зголемен во однос на истиот период лани во Нови Сад за 22,5 отсто, во Крагуевац за 22,9 отсто и во Ниш за 15,6 отсто, додека благо намалување од 1,1 отсто е забележано во Белград.

Во овој период за станови во Белград се издвоени 555,6 милиони евра.

Јабланица во БиХ под вода: Официјално 17 загинати во поплавите, над 40 исчезнати (ВИДЕО)

Катастрофалните поплави кои го зафатија Јабланичкиот крај најтешко го погодија селото Доња Јабланица.

Екипата на порталот Klix.ba сними фотографии на кои јасно се гледа степенот на оваа катастрофа.

Фотографиите покажуваат големо количество ѓубре и други материјали што ги нанаеле поројните води, што укажува на сериозноста на штетите и опасностите што им се закануваат на жителите.

Спасувачките екипи со поддршка на локалното население неуморно ги раскопуваат урнатините во потрага по преживеани. Блокиран е патот од Јабланица кон околните градови, што уште повеќе го отежнува пристапот и работата на спасувачите.

Досега е потврдена смртта на 17 лица во поплавените подрачја, додека голем број се уште се водат како исчезнати на подрачјето на Јабланица и Коњица. Меѓу загинатите има и едно бебе, додека лекарите во Мостар се борат за животот на мајката.

Властите на Херцеговско-Неретванскиот кантон побарале помош од повисоките нивоа на власта, вклучително и вооружените сили на Босна и Херцеговина, со цел да се обезбеди потребната поддршка во оваа вонредна ситуација. Спасувачките служби се соочуваат со огромни предизвици и многу е потребна поголема помош.

Поради обилните врнежи, поплави ги зафатија и другите делови од БиХ, меѓу кои Кисељак, Фојница и Крешево, каде исто така се забележани големи штети. Состојбата во Коњиц, Крешево и Кисељак останува драматична бидејќи многу куќи се под вода, а граѓаните се принудени да ги напуштат домовите во потрага по побезбедно место.

„Вашингтон Пост“: Барак Обама ќе учествува во кампањата на Камала Харис

Поранешниот американски претседател Барак Обама ќе води кампања за потпретседателката и демократска претседателска кандидатка Камала Харис во неделите пред изборите на 5 ноември, пренесуваат британските медиуми, повикувајќи се на Вашингтон пост.

Обама ќе ја започне кампањата следниот четврток со патување во Питсбург (Пенсилванија), објави весникот, цитирајќи висок претставник на персоналот на Харис.

Обама и неговата сопруга Мишел уште во јули ја поддржаа претседателската кандидатура на Камала Харис.

На Демократската национална конвенција во август, во Чикаго, Обама ги повика Американците да ја поддржат Харис.

-Америка е подготвена за ново поглавје, Америка е подготвена за подобра приказна. Ние сме подготвени за претседателката Камала Харис, рече тогаш тој.

Харис на изборите на 5 ноември ќе се соочи со републиканскиот кандидат Доналд Трамп. /МИА

притисни ентер