Карциномот на простата е втора причина за смртност кај мажите

Скрининг, навремена посета на уролог и да не се молчи за проблемите, се препораките што лекарите и психолозите ги упатуваат по повод месецот на машкото здравје. 

Карциномот на простата е втората причина за смртност кај мажите и затоа лекарите препорачуваат барем еднаш годишно да се прави преглед.

Во разговор за МИА, тие нагласуваат дека со скринингот и навременото барање медицинска помош може да се спречат фаталните последици од болеста. Покрај медицинската поддршка, од исклучителна важност е и поддршката на најблиските и пошироката заедница.

Директорот на Клиниката за урологија во Скопје, Башким Шабани вели дека пациентите доаѓаат кога веќе карциномот на простата е во поразвиен стадиум. Неговата препорака е е дека со добар скрининг и навремено дијагностицирање на болеста, многу подобри ќе бидат прогнозите отколку кога пациентите доаѓаат во поодмината фаза.

Карциномот на простата се јавува претежно кај повозрасните пациенти, над 45-50 години и затоа доктор Шабани препорачува лицата над 50-годишна возраст барем еднаш годишно да посетат уролог.

На почетокот на болеста, симптомите не се многу забележливи. Голем број пациенти мислат дека тоа се симптоми од инфекција. Станува збор за тегоби со често мокрење и потреба за мокрење преку ноќ.

- На почетокот, симптомите можеби се незабележливи, па пациентите претежно ги игнорираат таквите симптоми. Си мислат дека ќе помине. Меѓутоа, ако карциномот на простата е во некоја поразвиена фаза, има веќе поизразени симптоми. Може да има проблем со неможност за мокрење, присуство на крв во урина, тегоби и низа други проблеми. Освен карцином на простата има и други. Инциденцата воопшто кај сите карциноми е зголемена. Има карцином на бубрег, мочен меур, надбубрежна жлезда, целиот уринарен дел. Меѓутоа туморите на мочен меур, бубрег и карцином на простата, се најчестите болести кај пациентите кои доаѓаат на Урологија, вели доктор Шабани.

Сепак, додава тој, во последно време се менува свеста и има помалку предрасуди.

Според него, во земјава има доволна посетеност на пациентите, кога е во прашање практикувањето посета на уролог, но во однос на скриниг прегледите, доктор Шабани вели дека ако пациентот нема некоја тегоба, воопшто не размислува за скрининг.

- Пациентите треба да бидат свесни дека при раното откривање на болеста, има многу подобра прогноза, отколку кога веќе има некој развиен стадиум. Овој апел треба да стигне до сите - по 45- 50 годишна возраст, ако некој има позитивна фамилијарна анамнеза за некој уролошки карцином, да посети уролог барем еднаш годишно. Или можеби преку матичен лекар да се направат основните испитувања и ако има одредени сомнежи, ќе следува препраќање кај уролог, појаснува доктор Шабани.

Апелира лицата над 45-50 годишна возраст да направат барем по еден скрининг, иако, додава дека не е лошо скрининг да направат и помлади лица.

За психолошкиот аспект, зошто сѐ уште постојат предрасуди околу машкото здравје, разговаравме со психологот Фики Гаспар, според кого во последно време намалени се предрасудите.

Веќе е минато времето кога имало стигма и се сметало дека припадниците на машкиот пол треба да бидат силни и не треба да се жалат. Минато е, вели Гаспар, времето кога, народски кажано, се ставале проблемите „под тепих“ и има подигнување на свеста, отворено се зборува за нештата и навремено се бара стручна помош.

Според Гаспар, помладите се оние кои почесто бараат поддршка во оваа смисла, додека оние од третата доба повеќе се приврзани кон начинот на кој функционирале и претходно.

- Зависи од индивидуата. Сѐ уште има такви кои доаѓаат на разговор и третман, а го кријат тоа. Тоа е многу често поради средината. Најчесто, нивната средина, семејството или пошироката средина, не дека не го прифаќа, туку гледа малку поразлично на сето тоа. За разлика од тоа, има средини каде некој од роднините го има поминато тоа и е сосема нормализирано, демистифицирано, вели Гаспар.

Пукотница во близина на израелската амбасада во Јордан, напаѓачот е убиен

Вооружен напаѓач загина, а тројца полицајци се повредени во пукање во близина на израелската амбасада во Јордан, објавија безбедносни извори и државни медиуми.

Полицијата застрелала и убила вооружен маж кој пукал кон полициска патрола во областа Рабија во Аман, објави државната новинска агенција Петра, повикувајќи се на јавната безбедност, додавајќи дека истрагата е во тек.

Јорданската полиција претходно ја опколи областа во близина на амбасадата под силен полициски надзор откако се слушнаа истрели, изјавија очевидци. Двајца сведоци изјавија дека полицијата и брзата помош се упатиле кон населбата Рабија, каде што се наоѓа амбасадата. Оваа област е во фокусот на честите демонстрации против Израел.

Кралството беше сведок на некои од најголемите мирољубиви митинзи во целиот регион додека антиизраелските чувства се зголемуваат поради војната во Газа. Полицијата ги повика жителите да останат во своите домови додека полицајците трагаат по сторителите, изјави извор од безбедносните сили.

Многу од 12-те милиони граѓани на Јордан се со палестинско потекло. Тие или нивните родители биле протерани или побегнале во Јордан во борбите што следеа по создавањето на Израел во 1948 година. Многумина имаат семејни врски на израелската страна на реката Јордан.

Мировниот договор на Јордан со Израел е непопуларен меѓу многу граѓани кои сметаат дека нормализацијата на односите е предавство на правата на нивните палестински сонародници.

Јокиќ ги декласира Лејкерси среде Лос Анџелес- си играше одбојка на паркетот (ВИДЕО)

Никола Јокиќ одигра блескава партија во победата на Денвер над Лос Анџелес Лејкерс 127:102.

Српскиот центар постигна 34 поени, со 16 скока и 8 асистенции, а неговата „кошаркарска магија“ повторно ги воодушеви навивачите.

Јокиќ покажа спектакуларни потези, а најпосебниот момент се случи во последните секунди од третата четвртина, кога на 0,3 секунди до крајот се обиде да го погоди кошот со одбојка.

Неговата одлична реакција и контролата на играта беа клучни за триумфот на Денвер.

Погледнете ги најдобрите потези на Никола Јокиќ и како сето тоа изгледаше:

Утрово минус 10 степени се измерени во Берово, „најтопло“ во Гевгелија со 1 степен

Во текот на ноќта и изутринава преовладуваше ведро и многу студено време.

Дуваше слаб до умерен ветер од северен и северозападен правец. Најниска температура од -10 степени Целзиусови е измерена во Берово, а најтопло беше во Гевгелија каде е измерен 1 степен Целзиусов.

На Попова Шапка е измерена температура од -8 степени Целзиусови, -7 во Крива Паланка, Битола и Маврови Анови, -6 во Скопје-Петровец, Крушево, Тетово, и Прилеп, -5 во Велес, Демир Капија, Охрид и Претор, -4 во Скопје-Зајчев Рид, Штип, Струмица, Виница и Куманово, а -3 степени Целзиусови во Кавадарци.

Според извештајот на Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), во изминатите 24 часа дожд врнело во Битола, Маврови Анови, Крушево и Тополчани, но секаде наврнатиот воден талог е понизок од еден литар на квадратен метар.

Од УХМР најавуваат дека времето денеска ќе биде сончево со мала локална облачност. Ќе дува слаб ветер претежно од северозападен правец. Максималната температура ќе достигне од 5 до 12 степени Целзиусови.

Во Скопје ќе биде сончево и тивко со мала облачност. Максималната температура ќе достигне до 8 степени Целзиусови.

притисни ентер