Во големото финале Денвер ќе ги одмери силите против големиот Мајами, а првиот меч на програмата е ноќеска во 2:30 часот по наше време.
Пред почетокот на историското финале, тренерот Мајк Мелоун не штедеше пофалби за својот најдобар играч - српскиот ас Никола Јокиќ.
„Тој не се труди да биде нешто што не е. Тој не се обидува да создаде наратив поинаков освен - „Јас сум Никола Јокиќ, играм за Денвер Нагетс, ќе направам сѐ што можам за да му помогнам на мојот тим до победата. Тој тоа го прави професионално, со стил, никогаш не се става себеси на прво место, а тоа е реткост денес“, истакна Мелоун.
Тренерот на Нагетс го спореди српскиот ас со легендата на Сан Антонио - Тим Данкан.
„Никогаш не сум го тренирал Тим Данкан, но тренирав тим кој играше против него и слушав многу приказни за него. Тим Данкан беше несебична суперѕвезда. Таков е и Никола Јокиќ. Мислам дека Никола е навистина несебична суперѕвезда, не сака да му кажуваат колку е одличен, речиси е засрамен од вниманието што го добива. Тој само сака да биде еден од момците во соблекувалната, да се забавува, да работи напорно и да победи“, изјави Мелоун.
Додека Мелоун ги изговараше овие прекрасни зборови, Јокиќ внимателно слушаше од страна. Задоволно се насмевна и во еден момент му аплаудираше на одличната опсервација на тренерот на Нагетс.