Јелиз Дениз нова претседателка на Македонско здружение МАК-ГОЧ од Маниса, Турција

Македонското здружението за култура и солидарност на македонските иселеници МАК-ГОЧ од Маниса, Турција, за нова претседателка ја избра Јелиз Дениз, позната активистка на асоцијацијата, чии родители се по потекло од долнореканското село Жировница.

-Честитки на Јелиз Дениз за изборот и посакувам успешна работа во следниот период заедно со нејзиниот тим. Верувам дека нашите иселеници во Маниса ќе бидат пообединети во иднина следејќи го примерот на претходниот претседател, Џевдет Џомерт, кој почина неодамна. Ова здружение е наш амбасадор во Туркије и мост кој се грижи и ги одржува корените, обичаите и традицијата на реканскиот крај. Општина Маврово и Ростуше секогаш ќе биде поддржувач на нивните активности и отворена за секаква соработка, објави градоначалникот Медат Куртовски.

Тој за МИА изјави дека бројната македонска дијаспора во Маниса е по потекло од реканските села Жировница и Болетен.

Честитки за изборот до Јелиз Дениз упати и Реканска дијаспора.

-Искрени честитки упатуваме до новоизбраната претседателка Јелиз Дениз, која со својата енергија, решителност и љубов кон македонската култура ќе внесе нова сила и инспирација во работата на здружението. Вашата посветеност да ги негувате и пренесувате македонските вредности и традиции на новите генерации е од огромно значење, не само за вашата локална заедница, туку и за сите Македонци ширум светот. Вашата сила е во единството, стои во објавата на Реканска дијаспора.

Убедени сме, се посочува, дека, под водството на Јелиз Дениз здружението ќе продолжи успешно да ја реализира својата мисија и да ги следи успесите на првиот претседател на истото здружение,

Џевдет Џомерт, да организира значајни активности и да биде горд амбасадор на македонската култура.

ЕУ воведе санкции кон тројца сириски министри поради кршење на човековите права

На листата на ЕУ на санкционирани поради случувањата во Сирија, воведена во 2011 година, сега се наоѓаат 318 лица и 86 ентитети. 

Советот на ЕУ донесе одлука на листата на физички и правни лица кон кои се воведени рестриктивни мерки поради случувањата во Сирија, да додаде тројца членови на сириската Влада поради поврзаност со континуираната репресија и кршењето на човековите права, соопшти денеска Европската служба за надворешни работи (ЕЕАС).

Станува збор за неодамна именуваните министри за внатрешна трговија и заштита на потрошувачите, Луаји Емад Ел-Дин ал-Мунајџид и за нафта и минерални ресурси, Фирас Хасан Гадур и за државниот министер Ахмед Мохамад Бустаџи.

Како што се наведува во одлуката на Советот на ЕУ, како членови на Владата на Сирија, тројцата ново санкционирани ја споделуваат одговорноста за „континуираната насилна репресија на сирискиот режим врз цивилното население“.

На тројцата сириски министри им се забранува патување во ЕУ и им се замрзнува имотот во Унијата, а на поединци и субјекти од блокот им се забранува директно или индиректно да им обезбедуваат средства или економски ресурси.

На листата на ЕУ на санкционирани поради случувањата во Сирија, воведена во 2011 година, сега се наоѓаат 318 лица и 86 ентитети.

- Европската Унија повторува дека единствениот пат кон одржлив мир во Сирија е политичко решение во согласност со Резолуцијата 2254 на Советот за безбедност на Обединетите нации. ЕУ ја осудува континуираната политика на репресија и кршење на човековите права врз сопственото население од страна на сирискиот режим, како и неговата децениска опструкција на политичкото решение (на конфликтот), се наведува во соопштението. /МИА

Јанчев: Интензивно се работи на изградбата на кејот на реката Луда Мара до болницата

Интензивно се работи на изградбата на кејот на реката Луда Мара до Општа болница Кавадарци која ќе го дополни убавиот кеј кој се протега се до с.Ваташа.

Во тек е изградбата на минор коритото, ќе се постави ново улично осветлување и урбана опрема, ќе се продолжи кеј-шеталиштето што претходно беше најзапуштениот дел во нашиот град. Проект од особено значење за овој дел на градот. Финансиската конструкција за овој проект изнесува 1 милион евра.

Кавадарци за сите, објави на ФБ градоначалникот Митко Јанчев.

Омилениот нискобуџетен филм на Тарантино

 Квентин Тарантино е познат по љубовта кон среднобуџетните и нискобуџетните тн. „Б-филмови“ и слични „жанровски експерименти“.

Оние филмови, пак, коишто тој ги режираше, како „Убиј го Бил“ 1. и 2. дел и „Отпорен на смртта“, се класици што неодоливо потсетуваат на акционите филмови од 1970-тите. Таа страст го навлекла режисерот и на култниот филм „Побрзо, маче, убиј, убиј!“ (Faster, Pussycat! Kill! Kill!) во режија на Рас Мајер, од 1965 година.

А пак, една од глумиците во тој филм - Сузан Бернард имала посебно влијание врз Тарантино. Следствено, нејзиниот син - режисерот Џошуа Џон Милер за „Колајдер“ (Collider) споделува како, додека работел на својот филм „Егзорцизам“, Тарантино неочекувано му се јавил...

- Тој ми рече: „Само што гледав филм со Вашата мајка, и тоа е најдобриот филм што некогаш сум го гледал, и никој не знае за тоа!“, открива Милер.

Тој тоа го сфатил како знак на поддршка и дополнителна мотивација да го заврши својот проект.

Филмот на Милер, во којшто глуми Расел Кроу, имал тежок пат до реализацијата. Снимањето почнало 2019 година, но пандемијата го одложило, па тоа продолжи дури во 2023 година „Егзорцизам“ беше премиерно прикажан на 21 јуни оваа година - на истиот датум, но пет години по смртта на Сузан Бернард. Тарантино, пак, дента го прикажа филмот „Побрзо, маче“ во полноќната програма на неговото омилено кино. Милер се пошегува:

- Ако не Ви се допаѓа филмот, внимавајте - мајка ми ќе дојде по вас.

Иако „Побрзо, маче, убиј, убиј!“ беше критички и комерцијален неуспех по издавањето, подоцна стана култно дело поради субверзијата на родовите улоги во 1960-тите. Очигледно, Тарантино го смета за еден од најдобрите филмови на сите времиња. /МИА

притисни ентер