Изложба „Станица пропаганда“ на Јонас Стал во Музејот на современа уметност - Скопје

Самостојна изложба   „Станица Пропаганда“ на холандскиот уметник Јонас Стал  ќе биде отворена на 1 март (20:00) во Музејот на современата уметност (МСУ) - Скопје.

-Стал, кој ќе биде специјален гостин на музејот, е препознатлив по истражување на односот помеѓу уметноста, пропагандата и демократијата, а неодамна ја доби и престижната награда за визуелни уметности „Prix de Rome“. Кураторка на изложбата е Ивана Васева, информира МСУ - Скопје.

Еден од главните елементи кои ја градат инсталацијата на Стал, специјално создадена за Музејот на современата уметност - Скопје е видео студијата „Пропаганден театар“ од 2023 година, преку која го сумира десетгодишното истражување за пропагандата.

Ставот на уметникот, посочува МСУ, е дека пропагандата не е само испраќање и манипулирање на некоја порака, туку има за цел да конструира нови реалности. Според Стал, пропагандистите немаат интерес да работат во рамки на постоечката реалност, туку сакаат да создаваат нови светови.

Следниот ден на 2 март, со почеток во 12 часот, во соработка со кураторката, Стал организира Школа за пропаганда со наслов „АНТИКВИЗАЦИСКА ПРОПАГАНДА. Од Скопје 2014 до Скопје - Eвропска престолнина на културата 2028“. Влезот ќе биде слободен.

Во 2021 година, Стал ја донираше на МСУ инсталацијата „Нови Сојузи“ (New Unions 2016 – 2019), која беше дел од групната изложба „Се што ни е заедничко“, а делото ќе може уште еднаш да се погледне на изложбата „ АКВИЗИЦИИ - ДОНАЦИИ 2022-2023“, курирана од Ива Димовски, која ќе се отвори кон средината на оваа година.

Стал го заврши своето докторско истражување за пропагандна уметност на Универзитетот Лајден, Холандија. Основач е на уметничката и политичка организација „Нов светски самит“ (2012–тековно). Заедно со драматургот и куратор Флоријан Малзахер го води тренинг кампот „Обука за иднината“ (2018-тековно), а со адвокатот за човекови права Јан Фермон ја иницираше тужбата за колективна акција „Collectivize Facebook“ (2020-тековно). Со писателката и адвокатка Рада Д’Соуза и со поддршка на организацијата, Фрејмр Фрејмд, го основа Судот за меѓугенерациски климатски злосторства (CICC). CICC првпат беше претставен во Фрејмр Фрејмд во 2021 година, проследено со неколку гостувања во Германија, Финска и Јужна Кореја.

Учествувал на многу изложби помеѓу кои: „Уметност на државата без државјанство“ (Модерна галерија, Љубљана, 2015), „Шкотско-европскиот парламент“ (ЦЦА, Глазгов, 2018), „Музеј како парламент“ (со Демократската самоуправа на Рожава, Ван аббе музеј, Ајндховен, 201 година -во тек) и „Бараме уште милион години“ (Фондационе Сандрето де Ребоденго,Торино, 2022 година).

Неговите проекти се изложени во светски познати музеи како: Стеделијк во Амстердам, M_ХKA во Антверпен, Музејот Модерна во Стокхолм, Центарот Помпиду-Мец, уметничкиот центар Нам Џун Пајк во Сеул, Фрејмр Фрејмд во Амстердам, како и на 7-то Берлинско биенале , 31-то биенале во Сао Паоло, 12-то биенале во Тајпеј и 14-то биенале во Гвангжу во Јужна Кореја.

За пропагандата и пропагандната уметност досегa ги има објавено публикациите: „Пропагандна уметност во 21 век“ издадена од MIT Press во 2019 година, „Стив Банон: ретроспектива на пропагандата“, издадена од Het Nieuwe Instituut, Ротердам, 2018 година, „Пост-пропаганда“, издадена од Холандската фондација за визуелни уметности, дизајн и архитектура во 2010 година.

Бајден: Полицајците го претставуваат најдоброто во нас

Претседателот на САД, Џо Бајден синоќа во Северна Каролина се сретна со семејствата на четирите полицајци кои беа убиени за време на службена акција. 

Средбата доаѓа само една недела по сличната посета на најблиски на двајца убиени полицајци во северниот дел на сојузна држава Њујорк.

Патувањето беше со цел да ја оствари оваа посета, но во приватна атмосфера, без многу камери и зад затворени врати.

-Целата нација жали со овие семејства, изјави тој по следното застанување на кампањската турнеја во Вилмингтон, Северна Каролина, каде објави нови мерки за отстранување на оловните цевки од водоводниот систем на САД.

Toj потоа се обрати во Воздухопловната национална база на Северна Каролина каде локалните служби за безбедност можеа да дојдат без многу патување и во време кога сеуште се опоравуваат од смртта на нивните колеги, но кои помогнаа во обезбедувањето на претседателот.

-Мажи и жени од службите за безбедност, вие го претставувате најдоброто во нас, изјави Бајден од подиум во базата.

Тој уште еднаш повика на порестриктивни мерки за поседување оружје и повеќе пари за полицијата која е во првите борбени редови.

Минатата недела во Северна Каролина беа убиени четири полицајци откако лице кое требаше да го уапсат поради поседување оружје како поранешен осуденик отвори оган во нив од полуавтоматска пушка АР-15.

За време на акцијата уште четири службени лица беа повредени. Осомничениот беше убиен.

Повеќе од 30 лица го загубија животот во поплави во Бразил, 60 лица се водат како исчезнати

Повеќе од 30 лица го загубија животот во поплавите во јужен Бразил, 60 лица се водат како исчезнати, а околу 15.000 жители се евакуирани.

Брана на хидроелектрана во бразилската држава Рио Гранде до Сул се урна поради поплавите предизвикани од неколкудневните обилни дождови, а најмалку 500.000 луѓе останаа без струја и чиста вода, јавува Би-Би-Си.

Во акцијата за пребарување и спасување беа вклучени и хеликоптери, а во некои населби жителите се качија на покривите на нивните поплавени домови.

Борел: Новинарите мора да бидат заштитени во секое време и насекаде

Новинарите и медиумските работници секојдневно храбро ја практикуваат својата слобода на изразување, често под голем личен ризик, при што независното новинарство засновано на факти помага да се заштитат нашите демократии .

Новинарите и медиумските работници секојдневно храбро ја практикуваат својата слобода на изразување, често под голем личен ризик, при што независното новинарство засновано на факти помага да се заштитат нашите демократии преку разоткривање на неправдите, барање на одговорност од лидерите и овозможување граѓаните да носат одлуки базирани на информации, истакна високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жосеп Борел во пораката по повод Светскиот ден на слободата на медиумите – 3 мај.

- Во 2024 година, кога се одржуваат избори во над 60 земји ширум светот, работата на новинарите е позначајна од кога било. На овој Светски ден на слободата на медиумите, ја почитуваме нивната работа и храброст. Како наши очи и уши, новинарите мора да бидат заштитени во секое време и насекаде, наведе Борел во изјавата дадена во име на Европската Унија.

Тој нагласува дека ЕУ цврсто ги осудува сите акти на насилство, вклучително и заканите, врз новинарите при вршење на нивната професија, без разлика дали потекнуваат од држави, организирани групи или поединци.

- Не смее да има неказнивост за ваквите злосторства, без разлика каде се случуваат, дециден е Борел.

Според него, новинарите и медиумските работници кои известуваат од вооружени конфликти мора да бидат заштитени во согласност со меѓународното хуманитарно право.

- ЕУ изразува жалење за драматичното зголемување на бројот на убиени или повредени новинари додека известуваат за разорните последици од војната. Премногу новинари ги загубија животите во последните месеци додека ни ги пренесуваа вестите од Газа. Новинарите, исто така, продолжуваат да се изложени на ризик на дневна основа додека известуваат за руската агресивна војна против Украина, како и од конфликтите во Мјанмар, Судан и на други места, се додава во изјавата.

Борел натаму посочува и дека ЕУ изразува сериозна загриженост поради праксата за оневозможување на пристап на независните медиуми до конфликтните зони како начин за контрола на информативниот простор и ограничување на пристапот на јавноста до објективно известување базирано на факти.

- Ширум светот, независните медиуми се соочуваат со голем број егзистенцијални закани. Повеќе од кога било, ние мора да преземеме решителна акција за да обезбедиме дека медиумите можат да работат во остварливи политички, економски и правни услови, потенцира Борел.

Тој нагласува дека ЕУ направи значаен чекор во тој правец со усвојувањето на Европскиот закон за слобода на медиумите, кој има за цел да ја подобри уредувачката независност, да ги заштити изворите на информации на новинарите и да ја подобри транспарентноста околу сопственичката структура на медиумите во Унијата.

- ЕУ останува цврсто посветена на својата заложба за заштита на слободата на медиумите и плурализмот ширум светот. Во одбраната на слободата на медиумите, ние го штитиме не само нашето право да знаеме, туку и нашата способност да ја обликуваме иднината водена од вистината и одговорноста, додава Борел во пораката по повод Светскиот ден на слободата на медиумите.

притисни ентер