Изложба на слики од ликовниот уметник Владимир Темков во Чифте амам

Изложба на слики од ликовниот уметник Владимир Темков од Кавадарци, беше отворена синоќа во галеријата на Чифте амам, во Старата скопска чаршија.  

Претседателката на македонското Друштво на ликовни уметници, Јана Манева Чупоска, ја нарече оваа ретроспективна изложба, „Патување низ времето“. Со неа, авторот прикажува 45 години творештво.

- Делата во оваа изложба за мене претставуваат еден вид на патување низ времето. Преку оваа изложба сите заедно патуваме низ времето, креирано од авторот, во неговиот уметнички универзум, рече меѓу другото таа, нагласувајќи ја силната фантазија, без која не може ниту еден уметник, ниту едно сликарство.

Способноста да се креираат нови имагинарни светови, е, всушност, според неа, силниот ликовен потпис, што Темков го гради веќе 45 години.

- Јас ги слушам птиците на Темков. Ги има во своите дела. Го слушам жуборот на водата. Го слушам и тивкиот шепот на дрвјата, рече претседателката на ДЛУМ.

Манева Чупоска нагласи дека припадноста на творештвото на Темков кон експресионизмот со навидум апстрактни слики и форми, сепак ја препознава личната авторска експресија.

Според неа, се работи за еден пристап, на едно сериозно аналитичко сликарство, што е пред сѐ слоевито, не ви дозволува како гледач само да прошетате на пола секунда пред самото дело, потребно е долго гледање на сликите, за да можете да ги забележите сите ликовни изненадувања.

Таа рече дека со задоволство споделува, дека после 75 години, друштвото конечно се вдоми, во прекрасен простор, благодарение на Министерството за култура. Тоа, како што нагласи, е историски момент. А, токму Темков е поранешен потпретседател на ДЛУМ и таа додаде дека има голем влог во друштвото.

Пензионираниот универзитетски професор Кирил Темков се осврна на животот и делото на уметникот. Тој рече дека сликите од изложбата се само мал дел од сето она што го има создадено уметникот. Професорот потсети дека авторот на изложбата има напишано и книга за своето творештво, „Драга уметност“.

Авторот на изложбата, чии слики пред неколку дена беа изложени и во Њујорк, се заблагодари за можноста да ги претстави своите дела, до сите што учествуваа во организацијата на настанот. /МИА

Ким Џонг-ун надгледуваше пробно истрелување ракети и изрази задоволство од прецизноста

Ким Џонг-ун надгледуваше пробно истрелување ракети и изрази задоволство од прецизноста и досегот.

Севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун вчера го надгледуваше пробното истрелувањето ракети од 240 милиметри од повеќецевни лансири, произведени од новоформираната фабрика на воената индустрија, објави денеска агенцијата КЦНА.

Севернокорејската агенција не даде повеќе детали за фабриката. Се верува дека Северна Кореја го зголемува производството на артилерија, а САД и Јужна Кореја ја обвинуваат дека ја снабдува Русија со оружје.

Пробното истрелување покажа дека ракетите ги исполнуваат потребните стандарди за точност и досег, соопшти КЦНА.

Ким изјави, пренесе КЦНА, дека повеќецевниот ракетен систем, што вклучува нова технологија, „ќе донесе стратешка промена во зајакнувањето на артилериските способности на војската“.

Одреден притвор за украинскиот министер за земјоделство Микола Солски

Украинскиот суд денеска му одреди притвор на министерот за земјоделство на Украина, Микола Солски, кој е обвинет дека е вмешан во незаконско купување државно земјиште .

Украинскиот суд денеска му одреди притвор на министерот за земјоделство на Украина, Микола Солски, кој е обвинет дека е вмешан во незаконско купување државно земјиште во вредност од околу седум милиони долари.

Судијата му одреди кауција на Солски во износ од 1,9 милиони долари, пренесува Ројтерс.

Солски ги негира наводите, кои се однесуваат на набавки од 2017 до 2021 година, пред да стане министер за земјоделство во март 2022 година.

Солски поднесе оставка во четвртокот, но технички останува на функцијата додека парламентот не го разгледа неговото барање за оставка.

Тој е првиот украински министер осомничен за корупција откако украинскиот претседател Володимир Зеленски беше на власт.

Националното биро за борба против корупцијата соопшти дека обвинението се однесува на шема за стекнување сопственост на државно земјиште во вредност од 7,35 милиони американски долари.

Како што е наведено, земјиштето наводно незаконски им било одземено на две државни фирми и им било предадено на бранителите под услов да го дадат под закуп на одредени приватни фирми.

Солски и неговиот адвокат на сослушувањето во четвртокот рекоа дека тој нема корист од таквата шема.

Солски по ова обвинение може да се соочи со затворска казна до 12 години.

„Македонисимо“ на Симон Трпчески и пријателите пред софиската публика

Меѓу присутните беа и бугарскиот министер за култура, прославениот диригент Најден Тодоров, како и македонската амбасадорка во Бугарија, Агнеса Руси Поповска.

По балканската премиера на оркестарската верзија на проектот МАКЕДОНИСИМО на Симон Трпчески и пријателите што на сцената на македонските филхармоничари неодамна ја изведоа со Камерниот оркестар АЈГА и диригентката Ана Спасовска, исклучителното дело изнедрено од македонската традиционална музика низ перото на нашиот композитор Панде Шахов, синоќа (25 април) ја продолжи својата благородна мисија на сцената на салата „Бугарија“ во бугарската престолнина, со еден од водечките оркестри во регионов, софиската филхармонија.

Како што соопштува „КултурОп“, квинтетот МАКЕДОНИСИМО настапи во оригиналниот состав: Симон Трпчески на пијано, Хидан Мамудов на кларинет, саксофон и кавал, Александар Краповски на виолина, Александар Сомов на виолончело и Влатко Нушев на удиралки, заедно со Софиската филхармонија, под палката на исклучителната млада диригентка Ана Спасовска, која го имаше своето деби со познатиот бугарски оркестар. Долготрајните аплаузи од софиската публика беа наградени со три изведби на бис, а посебно одушевување предизвика гостувањето на познатата бугарска певица Александра Борисова која им се приклучи на музичарите на сцена.

Меѓу присутните беа и бугарскиот министер за култура, прославениот диригент Најден Тодоров, како и македонската амбасадорка во Бугарија, Агнеса Руси Поповска.

И додека следната квинтет-изведба на МАКЕДОНИСИМО е закажана за 9 јуни во Глазгов, Шкотска (како дел од резиденцијалниот циклус концерти на нашиот пијанист од светски глас со Кралскиот шкотски национален оркестар), Симон Трпчески до крајот на овој дел од сезоната го очекуваат и редовните концертни гостувања во САД, Велика Британија и Германија.

притисни ентер