Пред платото на Националната установа Центар за култура Крива Паланка во текот на денешниот ден се одржува изложба на новите книжевни изданија набавени во текот на месецот, со цел збогатување на библиотечниот фонд на библиотеката „Кочо Рацин”, која функционира во рамките на установата.
– Со најновата набавка, дел од редовната годишна програма за библиотечна дејност за 2019 година, обезбедени се околу петстотини нови наслови. Станува збор за книги од различни жанри, белетристика, лектирни изданија и детска литература од издавачките куќи: „Феникс”, „Просветно дело”, „Матица Македонска”, „Мартина”, „Едука мак” и „Култура”. Со оваа изложба на книги читателите можат одблиску да се запознаат со најновите белетристички изданија од еминентни домашни и странски автори и новите наслови наменети на помладата читателска публика, изјави Даниела Петровска, раководител на библиотеката „Кочо Рацин” при НУЦК, Крива Паланка.
Таа истакна дека периодов поголем број читатели ја посетуваат библиотеката.
– Имаме позачестена посетеност и од страна на редовните читатели, кои во екот на летните одмори имаат повеќе време за читање, но имаме и нови читатели кои позајмуваат книги. За пофалба се дечињата од училишна возраст кои редовно ги читаат задолжителните лектири, додаде Петровска./МИА